И да не одиме многу наназад во историјата, доволни се само изминативе 32 години, па да согледаме голем број грешки, пропуштени шанси за подобар исход, едноставно ситуации во кои не сме дејствувале како што налагаат совеста и честа, како што налагаат моралот, етиката, патриотизмот и родољубието. Како резултат на сето тоа, во комбинација со притисоци и принудувања, некои од нас беа скршени да влечат потези на штета на државата, на народот, на гордоста… Ни денес сликата не е многу подобра, притиснати сме од сите страни поради непромислените и избрзани „добрососедски“ договори, препопустливи, отстапувачки политики, не сакам да кажам додворувачки и полтронски односи, кои потоа си влечат и дополнителни проблеми од кои е речиси невозможно да се извлечеме
Денеска е 8 Септември, празник на државноста, ден кога се сумираат резултатите, кога се анализираат перспективите. Политичарите ќе си го кажат своето, народот си има свое мислење, при што не секогаш доаѓа до совпаѓање во ставовите, но таков е животот. Реалноста, велат постарите, е веројатно некаде на средината, иако сметам дека вистината е без исклучок многу повеќе во мислењето на граѓаните.
Но, она што ми беше повод за денешнава колумна влече корени малку наназад во историјата. Изминатиов период имав можност малку поинтензивно да читам текстови со историска содржина, дел од перото на нашите револуционери, а во поголема мерка од нивните современици, некои од нив и странци, и сето тоа заедно претставува вистинско богатство не само заради потврдување на знаењата, туку пред сѐ поради мноштвото нови сознанија, честопати мали епизоди што за мене се од непроценливо значење. Неверојатно како се открива еден сосема нов свет, нешто што обично само површно сме го регистрирале или сме го третирале со леснотија, но во едно ново препрочитување нештата добиваат сосема поинакво значење.
Можеби под импресии на историските материјали и насловот на денешната колумна го позајмив од македонскиот игран филм снимен во 1966 година, по сценарио на Симон Дракул. Иако филмот зборува за Втората светска војна, а свежо прочитаните текстови одат уште поназад во историјата, сепак од аспект на денешниот празник, таквиот наслов ми се виде како најсоодветен.
Имено, сите наши илинденци и воопшто луѓето од периодот од втората половина на 19 и првата половина на 20 век, сите сонувале за Победата, за формирање македонска држава. Нивниот идеал бил манифестиран на најразлични начини, но сите без исклучок зборувале, пишувале и се бореле за тоа. За Победата.
И, пред 32 години, Македонија стекна независност. Се стори држава, што би рекле старите, самостојна, суверена и надвор од една поголема федерација. Навистина, 32 години во историски рамки е краток период, но, сепак, би можеле да се обидеме да направиме еден пресек, да видиме каде сме, што направивме и – можевме ли повеќе. Впрочем, ако самостојната држава ја сметаме како историски исчекор напред кон сувереност, кон уште повисок степен на демократија и социјална држава, и дека тоа е Победата на генерациите зад нас, ајде да видиме што имаме денес, што ние современиците сме направиле, по таа наша заедничка Победа.
Токму затоа, ако денешна Македонија ја погледнеме низ визијата на некогашните војводи, комити, гемиџии, револуционери, мислам дека сликата нема да биде најубава, колку и да се обидуваат да ја разубавуваат актуелните политичари. Освен фактот дека имаме самостојна држава, тешко дека нешто ќе биде по вкусот на оние што ги положија своите животи на олтарот на татковината.
Се разбира, сега е ново време, нови правила, нови односи со соседите и поблиските и подалечните, но искуствата од минатото никогаш не треба да ги игнорираме. Особено ако некои работи ни се повторуваат како лоша судбина. Ги разбирам и политичарите, кои упорно повторуваат дека треба да гледаме напред, а да не се вртиме многу назад. И тие читале некои свои книги. Ако воопшто читале… Ако не, така им кажал некој. Некој што заборавил да ги потсети на старата поговорка дека историјата е учителка на животот, нешто што го утврдиле уште нашите стари претходници.
Токму затоа, за да не се сопнуваме двапати на ист камен, би било добро да знаеме што ни се случувало, за да не дозволиме тоа лошото да ни се повторува.
Впрочем, и да не одиме многу наназад во историјата, доволни се само изминативе 32 години, па да согледаме голем број грешки, пропуштени шанси за подобар исход, едноставно ситуации во кои не сме дејствувале како што налагаат совеста и честа, како што налагаат моралот, етиката, патриотизмот и родољубието. Како резултат на сето тоа, во комбинација со притисоци и принудувања, некои од нас беа скршени да влечат потези на штета на државата, на народот, на гордоста…
Ни денес сликата не е многу подобра, притиснати сме од сите страни поради непромислените и избрзани „добрососедски“ договори, препопустливи, отстапувачки политики, не сакам да кажам додворувачки и полтронски односи, кои потоа си влечат и дополнителни проблеми од кои е речиси невозможно да се извлечеме.
Тоа е реалноста, колку и да вели некој поинаку.
А другата реалност, онаа од историските книги, зборува уште нешто. Старите војводи сега веројатно се муртат гледајќи нѐ одгоре, незадоволни што не знаевме подобро да одиграме откако ја остваривме Победата. Порачуваат дека е време да се обединиме, пред сѐ. Дека треба да избереме еден силен водач, кој ќе знае да тропне на масата и да каже „Доста е!“. Водач што нема да калкулира и да одолжува, кој ќе нема страв да го поведе народот и кој ќе тргне од сопствениот пример во расчистувањето со сите незаконски дејства, со сите злоупотреби, со сите неправилности во државата. При што, ако се обединиме, најмалку ќе биде важно од која партија доаѓа.
Звучи утописки? Па, нормално, тоа е само визија базирана на она што некогаш се ценело, а денес е заборавено од сите.
Но убаво би било да е вистинито. Зошто да не?