Што ги очекува учениците, а што наставниците на почетокот на учебната година
Денеска почнува новата учебна година за учениците од основното и од средното образование. И покрај честитката од сѐ срце од наша страна за успешен почеток и одличен тек на новата учебна година за сите засегнати страни во образовниот процес, сепак, мора да се признае дека предизвиците од минатата година сѐ уште останале. Тој факт нема да биде олеснителен, ниту за учениците ниту за наставниците, професорите и за другите човечки ресурси вклучени во едукацијата и во логистиката на тој процес.
Истите проблеми како што и заврши минатата година
Уште пред почетокот на учебната година се најавуваат штрајкови на наставниците за поголеми плати, а некои од учениците се соочуваат со можноста повторно да останат без учебници, иако Јетон Шаќири, министерот за образование, тврди дека нема да доцнат како минатата.
И оваа година голем број градови ќе запишат многу помалку првачиња за разлика од минатите години.
Генерално таква е сликата на првиот училиштен ден од новата учебна година, која е предвидено да трае до 17 јуни следната година.
Јетон Шаќири, министерот за образование и наука, појасни дека годинава за првпат основците и средношколците ќе имаат и пролетен распуст и истиот тој ќе трае од 29 април до петти мај, практика што, како што вели тој, се применува во повеќе европски земји и која, според наставниците и стручните служби, ќе донесе подобри резултати во учењето.
Но што, всушност, можат да очекуваат учениците, но и наставниците во новата учебна година. На новини ќе се приспособуваат и учениците и наставниците.
Најмногу новини за основците, учебниците ќе бидат навремено доставени?
Во изминатиот период, како што рече министерот Шаќири, интензивно се подготвувале со училиштата и локалната самоуправа за успешен почеток на учебната година.
– Најголем дел од учебниците за основното образование што се одобрени во изминатиот период, како и дел од новите учебници од трето одделение се веќе испорачани до училиштата и апелирам до раководствата на училиштата да ги доделат до учениците. Преостанатиот помал дел се претежно учебници за шесто одделение, кои ќе бидат доставени веднаш по одобрување од страна на националната комисија за учебници – информира Шаќири.
Според новите насоки за училиштата, кои ги објавија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), а кои треба да се применуваат од денеска, 1 септември, сите ученици од прво до петто одделение престојуваат во училиште пет часа дневно (исклучок се оние што поради продолжен престој престојуваат и повеќе часови). Учениците од шесто одделение престојуваат во училиште шест часови дневно, а задолжителниот престој на наставниците, пак, што реализираат настава од прво до шесто одделение е шест часа, без оглед на тоа дали се одделенски или предметни наставници.
Новините првпат се воведуваат во образовниот систем во согласност со новата концепција за основно образование, која беше усвоена пред две години. За неа имаше бурни реакции во јавноста, а откако започна да се применува беше утврдено дека децата покритички размислуваат, но и дека недостига опрема во училиштата.
Покачување на платите ќе има, наставниците не мора да предаваат лекција од учебник
Повисоки плати за сите наставници во согласност со општиот колективен договор, нови безбедносни мерки за училиштата за кои ќе бидат испратени насоки до директорите, како и нов електронски дневник се само дел од новините што ќе се реализираат во новата учебна година.
За најавениот штрајк во образованието, министерот Шаќири вели дека платите на просветните работници се зголемени за 35 отсто.
– Впрочем, 18,4 отсто успеавме и со општиот колективен договор, 10 отсто и усогласување со минималната плата во одреден процент и имаме зголемување од 35 отсто повисоки плати за една календарска година. Ова не е направено никогаш. И велам да, треба уште, и ги поддржувам наставниците за барањата, но не може сѐ одеднаш да се постигне – изјави Шаќири.
Инаку, според новините, наставата по сите предмети не се базира на учебник, туку на наставната програма – наставникот на часот не реализира лекција од учебник, туку активности што водат кон постигнување на стандардите за оценување од наставната програма, пишува во документот.
– Учебниците можат да се користат на часовите само ако содржат вежби или други активности што се предвидени за работа на час, каков што е случајот со учебниците од прво до трето одделение. Како замена за учебници може да се користат материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието. Во услови кога учебниците не се навремено обезбедени (повлечени се од употреба поради неквалитет, постапката за нивно одобрување не е завршена, или нема заинтересирани автори), за да им се олесни учењето на учениците, БРО изработува материјали за учење. За оние предмети за кои не се предвидени учебници, Бирото изготвува прирачници – наведено е во новините. Р.З.