Каранфилов ја продолжи традицијата на кумановецот Бранимир Јовановски со освојување медали на параолимпијадите и на сите големи приредби. Откако по тешка сообраќајка стана инвалид, спас за излез од депресијата најде во стрелаштвото, каде што израсна во голем шампион

Ванчо Каранфилов – стрелачки параолимпиец, жетвар на медали

Македонскиот параолимпиец Ванчо Каранфилов имаше многу интересна животна приказна, која вреди да ја прочитате и да видите како една личност што по тешка сообраќајна несреќа станува инвалид, сепак, успева да ги надмине сите тешкотии и да го најде вистинскиот пат, како што самиот вели, во својот „втор живот“.
Нашиот параолимпиец својот најголем спортски успех, како лице со инвалидитет, го постигна на Параолимписките игри (ПОИ) во Атина во 2004 година, кога во стрелаштво го освои сребрениот медал. Така, тој ја продолжи низата на медали на Бранимир Јовановски, кој, покрај многуте трофеи, беше носител и на првиот медал, и тоа златен, исто така во стрелаштво, на ПОИ во Барселона во 1992 година. Но убавата приказна не заврши тука. Напротив, таа продолжи со уште една голема параолимписка шампионка, Оливера Наковска-Бикова, која со освоеното злато на последното Светско првенство (СП) во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ја зацврсти својата позиција меѓу ривалките и во долгата низа од медали нареди уште едно злато, по она од ПОИ во Лондон 2012 година.
– Во оваа пригода нема да згрешам ако кажам дека сите параолимпијци што се појавивме на спортската сцена последниве триесетина години нѐ „повлече“ токму Бранимир Јовановски. Кога покрај себе имаш еден таков човек, една вистинска спортска величина што многу порано од нас се искачи во спортските височини, тоа е вистинско богатство. Потпомогнати од него и користејќи го неговото големо искуство, и ние тргнавме по патот на успехот – вели Каранфилов.

СО СПОРТОТ НАДМИНАТА ДЕПРЕСИЈАТА

Да се вратиме на приказната за Каранфилов, за неговите доживувања и преживувања по тешката сообраќајка. Некои луѓе во ваквите моменти полни со неизвесност се повлекуваат и запаѓаат во депресија. Но со Ванчо не беше така. Тој сака својот „втор живот“ да го мине во ведро расположение, опкружен со семејството, во кое, нормално, покрај него главен столб е сопругата Вера. Тука се и двете ќерки Јасмина и Ана, првата мајка на внучките Калина и Јана, а втората на внукот Филип. Но во сето тоа опкружување во семејниот дом, почесно место зазема пиштолот со кој на спортските натпревари се прослави и преку кој се стекна со светска слава.
– По професија бев возач на тешко товарно возило, а во 1979 година на автопатот Ниш – Белград доживеав тешка сообраќајна несреќа, по која во болницата во Смедеревска Паланка ми беше извршена ампутација на натколеницата на левата нога, а ми беше извршена и хируршка интервенција на левата подлактица. Рехабилитацијата беше долга – сѐ до 1985 година. Со оглед на тешките повреди и трајниот инвалидитет, сите мислеа, па дури и јас, оти со мене сѐ е готово и нема да можам да се вратам во нормалниот колосек на животот. Тоа беа најтешките моменти во мојот живот. Се мачев со самиот себе, а низ главата ми минуваа многу црни мисли. Едноставно, врзан за креветот, не знаев како ќе се одвива закрепнувањето и дали воопшто ќе можам да проодам. И токму во тие моменти се појави искра надеж. Во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, во кој бев згрижен по несреќата, се запознав со мојата идна сопруга Вера, која беше вработена како медицинска сестра. Таа многу ми помогна во најтешките моменти со оптимизам да го почнам мојот „втор живот“. Тагата ја снема, депресијата беше надмината и погледите ми беа свртени кон иднината. Во тие мигови ми се враќаа мислите од младоста и од мојата Ораовица, село близу Радовиш. Се враќав на детството во кое, со оглед на средината, која беше позната по одличните борачи, и јас почнав да тренирам. Но, откако видов оти тоа тешко ќе ми оди, почнав да се занимавам со други спортови. Играв фудбал, се тркав со другарите, а бев дури и гимнастичар. Но во овие моменти, кога веќе бев лице со трајна инвалидност, размислував повторно да се занимавам со некој спорт и да продолжам да водам здрав живот. За моја среќа, тогаш се запознав со Бранимир Јовановски, кој веднаш ми препорача да почнам да се занимавам со стрелаштво. Без размислување го прифатив предлогот и почнав да тренирам.

ТРЕНИНЗИ ВО САПУНАРНИЦА

Така, по тешките мигови исполнети со страв и несигурност за тоа каква ќе биде неговата иднина, Ванчо целосно му се посветил на стрелаштвото. Иако се сомневал во своите способности, сепак тргнал по патот што му го препорачал Бранимир.
– И кога служев во ЈНА, не бев којзнае каков стрелец. Едноставно, овој спорт не ме привлекуваше. Но, по сообраќајката, во која добив траен инвалидитет, сета ситуација драстично се смени. Сакав да спортувам, па единствен спорт во кој можев рамноправно да се натпреварувам не само со инвалидите беше стрелаштвото. Затоа, предлогот на Јовановски ми се допадна и веќе за ден-два станав член на клубот што го носи името на општината во која живеам – Кисела Вода и во која бев претседател на Здружението на инвалидите. Од тие моменти се зафатив со две работи. Првата беше да се вклучам во севкупната организација на стрелачкиот клуб, а втората да тренирам редовно. Мора да кажам, можеби е ова и посебен куриозитет, оти активностите на стрелачкиот клуб се одвиваа во еден малку позачуван дел од разурнатата фабрика за сапун „Цветан Димов“, која ја нарекувавме сапунарница. На професионален план, пак, егзистенцијата ја најдов во Заводот за рехабилитација, каде што бев вработен во службата за безбедност. Работното време ми минуваше во контролната куќичка на влезот во заводот, така што немав некои физички оптоварувања – се присетува Каранфилов.
Имаше денови кога половина од работното време Ванчо ја држеше десната рака во стрелачки став. Тоа, како што вели тој, беше таканаречен „сув тренинг“, за да може раката да биде постабилна и добро истренирана и да не затрепери во текот на стрелањето. Потоа дојдоа и првите резултати, но не само во конкуренција на инвалиди туку и на сите натпревари организирани од Стрелачката федерација на Македонија (СФМ).
– Од моите стрелачки квалитети беше изненаден и Јовановски. Кога му кажав дека со еден стар пиштол сум погодил 508 круга, овој пат во стрелиштето во салата „Партизан “во Карпош 4, тој се зачуди и ми рече дека и утредента ќе го повториме истиот тренинг. Но, утредента бев уште попрецизен – погодив 512 круга, за по дваесетина дена да стигнам до 537 круга, резултат доволен за второ место меѓу инвалидите во Македонија. Оттогаш почнав да се појавувам и на меѓународни натпреварувања. Огненото крштевање во меѓународна конкуренција ми беше во Купот на Словенија во 1996 година. Овде, нормално, кога покрај мене ги видов светските асови во овој спорт, ме фати трема. Но го надминав сето тоа и се пласирав во финалето, во кое на крајот бев седми. Тоа претставуваше голем успех не само за мене туку и за македонското стрелаштво. Тоа ме поттикна да продолжам со уште поголем ентузијазам и пожестоки тренинзи. Знаев оти е тоа единствениот пат еден ден и јас да израснам во голем шампион и да застанам рамо до рамо со светските асови. Тоа беше мојот сон кон кој се стремев и посакував еден ден да се оствари – вели Ванчо.
Првата голема радост остварена со медал дојде веќе следната 1997 година, кога на Европското првенство (ЕП) во Шате Нуар Деле Ројал (Франција), заедно со Јовановски и Фидановски, во екипна конкуренција на 50 метри со малокалибарски воздушен пиштол беше освоена бронза. За Каранфилов тоа беше прв медал од ЕП. Во поединечна конкуренција, пак, иако во квалификациите беше втор, дури и пред светскиот ас Русинот Лебедински, по финалната стрелба, натпреварот го заврши на седмата позиција.
Како одеше натаму кариерата на нашиот параолимпиец Ванчо Каранфилов и како стигна до олимпиското сребро на ПОИ во Атина, ќе читате идната недела.


Ванчо Каранфилов

Роден: во 1956 година во селото Ораовица (Радовишко)
Кариера: Стрелачки клуб „Кисела Вода“, репрезентација на Македонија
Успеси: Учесник на пет параолимпијади – Сиднеј, Атина (сребрен медал), Пекинг, Лондон и Рио де Жанеиро. Учесник на четири светски првенства (три сребрени и три бронзени медали). Учесник на четири европски првенства (еден златен, два сребрени и три бронзени медали). Освоени 21 златен, 13 сребрени и 15 бронзени медали на европски и светски купови и меѓународни првенства. Прогласен за најдобар спортист на Скопје и на Македонија во 2004 година. Добитник на највисоки државни награди и признанија, прогласен за спортист од светска категорија.