Идеолог и креатор на целокупниот проект за организирање на Светското атлетско првенство беше тогашниот претседател на Меѓународната федерација (ИААФ), Италијанецот Примо Небиоло. На почетокот во Хелсинки беа постигнати два светски рекорда. Ѕвездените мигови на Бугарката Стефка Костадинова беа забележани на вториот собир

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (1)

Кога нема олимпијада или Светско првенство во фудбал, а има Светско првенство (СП) во атлетика, тогаш тоа е настан на годината. Кралицата на спортовите со сета своја убавина што ја носи, со уривањето на светските рекорди, со неочекуваните победници и многубројни пресврти во текот на натпреварот, е спорт што ги привлекува сите оние што трагаат по спортска возбуда. Не случајно атлетиката е најатрактивниот спорт на олимпијадите. Нејзините протагонисти, многубројни национални, континентални, светски и олимписки шампиони и рекордери се мамка за гледачите. Атлетиката, покрај другото, е и спорт што ја исполнува спортската година. Има крос-трки во текот на целата сезона, без оглед дали е зима или лето, маратони и полумаратони, потоа натпревари во сала, од кои врв се континенталните и светските првенства, а особено се привлечни натпреварите во дијамантската, а порано златната лига.
Но најголем мотив за атлетичарите, а задоволство за гледачите се светските првенства на отворено. Иако границата на рекордите е издигната до онаа оптимална точка, сепак има уште простор за нејзино надминување и поставување нови рекорди. Понесен од фактот дека СП ќе биде мотив повеќе за најквалитетните атлетичари, не само да стигнат до титулите и медалите туку да атакуваат и на светските рекорди, атлетскиот ентузијаст, Италијанецот Примо Небиоло, по ЛОИ во Москва 1980, откако стана претседател на ИААФ на местото од Адриан Паулен, предложи да се организираат светски атлетски првенства. Неговата идеја лесно мина на првиот Конгрес на ИААФ во 1981, а беше одредено и местото на одржувањето. Честа да биде организатор му припадна на Хелсинки (Финска) од каде што произлегоа многу светски асови, од кои најпознати се Паво Нурми и Ласе Вирен. СП предизвика големо интересирање и веќе немаше дилеми дека оваа манифестација уште долго ќе опстојува. Така, по Хелсинки 1983 година, следни домаќини на СП беа Рим 1987, Токио 1991, Штутгарт 1993, Гетеборг 1995, Атина 1997, Севилја 1999, Едмонтон 2001, Париз 2003, Хелсинки 2005, Осака 2007, Берлин 2009, Даегу 2011, Москва 2013, Пекинг 2015, Лондон 2017, Доха 2019 и Јуџин 2021. Годинава тоа ќе биде Будимпешта (Унгарија), а борбите за медали ќе се водат на поранешниот стадион „Неп“, кој сега го носи името на познатиот фудбалер Ференц Пушкаш.
Во пресрет на 19. СП во атлетика во Будимпешта (19-27 август), во наредните денови, во неколку продолженија, ќе се потсетиме на сето она што беше најинтересно на досега 18-те одржани шампионати.
ХЕЛСИНКИ: ЗА ПОЧЕТОК ДВА СВЕТСКИ РЕКОРДА
Првото СП во Хелсинки 1983 година донесе два светски рекорда. Ова беше охрабрувачки почеток, со што се потврди пораката на Небиоло дека, со исклучок на ЛОИ, токму светските првенства треба да бидат местата каде што ќе се дополнува и доживува најголемата атлетска возбуда.
 Јармила Кратохвилова од тогашна Чехословачка беше првата атлетичарка што постави светски рекорд на едно СП. Таа во трката на 400 метри постигна резултат од 47,99 секунди, но имаше опасна ривалка во сонародничката Коцембова, која сепак во финишот не можеше да го следи жестокото темпо, кое уште од почетокот го наметна Кратохвилова.
Вториот рекорд од 37,86 секунди,го постави американската штафета 4×100 метри предводена од новата ѕвезда Карл Луис, кој потоа во богатата кариера освои уште 10 медали на СП, од кои осум злата и по едно сребро и бронза. Во Хелсинки тој победи и на 100 метри, пред сонародниците Смит и Кинг.
Ова СП ќе се памети и по Украинецот Сергеј Бубка, кој го освои првиот златен медал во скок со стап, за потоа во кариерата да освои уште пет злата, со што влезе во историја како еден од најуспешните учесници на мундијалите, а многу години беше и светски рекордер на отворено и во сала. На првото СП во Хелсинки настапија 1.333 атлетичари од 153 држави. Тогаш двете Германии, Источна и Западна, освоија најмногу медали, 30, САД 24, а СССР 23.
Костадинова
РИМ: ЅВЕЗДЕНИТЕ МИГОВИ НА КОСТАДИНОВА
Следниот собир беше по четири години на стадионот „Олимпико“ во Рим. Тогаш главни ведети беа Канаѓанецот Бен Џонсон, кој стана најбрзиот човек на планетата со 9,84 секунди, што беше нов светски рекорд на 100 метри, и Бугарката Стефка Костадинова, која во скок во височина прелета 2,09 метри, резултат што до денеска не е урнат и е еден од најстарите рекорди!
Една години подоцна, на ЛОИ во Сеул се откри оти Џонсон употребувал недозволени стимулативни средства, за што беше суспендиран, резултатот беше поништен, а медалот одземен. Така, светски првак по вторпат на 100 метри стана Карл Луис, а поради дисквалификацијата на Џонсон, бронзата ја освои Британецот Линфорд Кристи. Костадинова имаше импресивна серија, а оние 2,09 метри ги прескокна елегантно. Нејзина најголема конкурентка, Бикова, од тогашниот СССР, која беше втора со 2.04 метри, прва дојде да ѝ честита за победата и новиот рекорд. Резултат на Костадинова, иако со години напаѓан од најелитните скокачки меѓу кои и Хрватката Бланка Влашиќ, сепак не е надминат. На СП во Рим се појавија 1.419 атлетичари од 156 држави.
(Утре: СП во Токио, Штутгарт и во Гетеборг)