Чеде Филиповски–Даме (во униформа) со родителите Русе и Митра, браќата Лука, Љубе, Ацо, Вецко и Славко и со сестрите Рафка и Босилка. Фотографирани во Гостивар, 1945 година, неколку месеци пред да загине Чеде

СТО ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ЧЕДЕ ФИЛИПОВСКИ-ДАМЕ

Со низа свечености годинава се одбележува јубилејот – сто години од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски–Даме. Денес, во неговото родно село Никифорово, ќе се одржат централната свеченост, свечен собир и неколку придружни манифестации. Тоа беше поводот да се потсетиме на Чеде, народен херој и нестрашлив борец во НОВ, за што ми послужија сеќавањата на разговорите со членови на неговото семејство, другарите и соборците.
Бев ученик во економското училиште „Чеде Филиповски–Даме“ во Гостивар, кога на 16 ноември 1965 година со делегација на училиштето го посетивме семејството на Чеде Филиповски и изразивме сочувство, по повод 20 години од прераната смрт на нивниот син и брат, народниот херој Даме. Имав 16 години, а пред да влезам во малата еднокатна жолта куќа, што се наоѓаше на Дебарска улица, во Гостивар, во која живееја неговите родители, срцето силно ми чукаше, имав голема трема, но успеав да се соземам. Влеговме во собата, пристојно уредена, масата што се наоѓаше на средината беше сервирана со домашни колачи, тиганици, леблебии, маштеница, бело сирење, природен сок и слично, а околу неа беа столовите на кои седнавме.
Митра, мајката на Чеде, седеше на креветот, покрај ќумбето на дрва, облечена во црно, главата ѝ беше покриена со црна марама, целата беше во тага и во болка. Се поздравивме, нѐ погали, како да го гали сина си, ни се заблагодари за посетата, почна да ни зборува за нејзината голема радост во животот, за синот Чеде, кој ѝ ги нанел најголемата тага и непребол.
– Чеде ми беше прва рожба, потоа изродив уште седум. Сите ми беа мили и сакани. Но Чеде по интелектот се разликуваше од другите. Уште во раното детство ја почувствува тешкотијата на животот, на сиромаштијата. Беше надарен за учење и четвртото одделение го заврши како првенец на генерација. Чеде му помагаше на татка си Русе, во земјоделските и сточарските работи. Поради големата сиромаштија, не можевме да го испратиме на школување – се потсети таа.
На 14-годишна возраст, како што ни зборуваше мајка му Митра, синот првенец го испратиле на печалба во Белград, да го изучува ѕидарскиот занает, бил чирак и ги извршувал најтешките физички работи во градежништвото. По 6 април 1941 година, кога започна окупацијата, по неколку дена пешачење, Чеде со другарите се враќа во родното Никифорово.
По мала пауза, сакаше да ни ги пренесе тагата и болката за синот:
„Црнината не ја соблекувам, ќе ја носам до гроба, загубата на син ми не можам да ја преболам. Животот ми е исполнет со тага и болка, деновите ми се исти, стани – легни, утехата ја барам во плачот. Солзите сами се тркалаат, крикот не можам да го сопрам, не ми се јаде, тешко, многу тешко живеам. Во официјалното соопштение што ни го донесоа воени лица и ни изразија сочувство, настојуваа да нѐ убедат дека Чеде загинал во несреќен случај, во сообраќајна несреќа, со мотоцикл удрил во спуштена рампа, не верувавме и никогаш нема да го прифатиме текстот во соопштението, ни во тоа што ни го раскажуваа.“
Навраќајќи се во сеќавањата, Митра ја продолжи својата тажна приказна.
– Им реков „вистината не ја кажувате“. Ги молев да ми ја кажат вистината, кој и зошто го уби син ми, Чеде, мојот сокол? Зошто му го прекратија животот, многу ја сакаше слободата на Македонија. Вистината, кога-тогаш ќе се дознае, можеби јас не, ќе умрам со неверување, на децата им оставив аманет да ја продолжат борбата за да се дознае вистината.
Ќерка ѝ Рафка ја замоли да одмори, за миг да заборави на секојдневието, да не се дроби, како што ни рече дека секој ден станува и легнува со зборовите „мојот сокол, моето најмило чедо, ми го убија“.
Пред еден месец се навршија 78 години од загинувањето на Чеде, а вистината за неговата смрт сѐ уште не се дозна, остана табу-тема и нерешлива енигма. Александар Ацо Филиповски, во книгата „Монографија за Чеде Филипоски–Даме“, потврдува уште еднаш дека вистината сѐ уште не се дозна. Неколку дена по годишнината од загинувањето, во гостиварско кафуле имав средба со Александар Ацо Филиповски (87) брат на Чеде, кој ми потврди дека вистината за сообраќајната несреќа на неговиот брат ја нема откриено, но потрагата ја продолжува.
– Тогаш, не можевме и не сакавме да поверуваме дека нашиот Чеде, нашата радост, нашата чест, нашата гордост, нашето сонце, повеќе нема да нѐ грее. Тоа згасна засекогаш. Сите нѐ сви со тажна болка. Тој стана наш вечен непребол, храбар горостас, што секогаш ѝ пркосеше на смртта – ни рече Ацо во таа прилика и ни ја пренесе официјалната верзија за сообраќајката: „Патувајќи со мотор, од Скопје кон Струмица, за да ја преземе командата на 48. Дивизија, за која беше назначен како командант, загина во сообраќајна несреќа ноќта на 30 јуни 1945 година во Радовиш на пат кон Струмица“.
Портрет на Чеде Филиповски–Даме, дело на неговиот брат Александар Ацо Филиповски

– Сметам дека тоа што се случи не приликува на вистинска сообраќајна несреќа. Повеќе личи на нешто предвреме смислено. За неговото загинување постои прераскажана верзија, која ако малку логично се следи, изгледа нестварна и по малку наивна, затоа и остава место за сомнеж и шпекулации – објаснува неговиот брат, кој со жалење јавно ги прашува надлежните институции: Зошто сѐ уште како најголема државна тајна се чува загинувањето на брат му???

Народниот херој Чеде Филиповски–Даме беше и ќе остане олицетворение на борбениот и на револуционерниот дух, не само на населението од Мавровскиот Регион туку и израз на револуционерните стремежи на целиот македонски народ, кој со векови поробуван и угнетуван знаеше да опстојува и конечно во Народноослободителната војна да извојува своја национална и социјална слобода.
Чеде Филиповски–Даме на 2 август 1949 година постхумно беше одликуван со орден Народен херој. Во образложението е запишано дека орденот Народен херој му се доделува за посведочените херојски подвизи на бојното поле. Носител беше на Партизанска споменица 1941, Орден на партизанска ѕвезда со сребрен венец од втор ред, Партизанска ѕвезда и многу други одликувања, признанија, благодарници.