Илустрација: Владимир Здравески

Од творештвото на Видое Подгорец

Таа ноќ спиев врз сеното во плевната.
Спиел ли некој од вас врз пласт пресно сено? Не? Тогаш навистина не сте имале среќа да го запознаете волшепството на летните вечери в село.
Долго се превртував во меката постела од суви треви. Сите мириси на ливадата таа вечер беа собрани во плевната: густи, опијанувачки, со ништо неспоредливи. Иако исечени и веќе исушени, секое кревко стебленце на троскотот, секое ливче на детелината и на попадичето, на расцветаниот пелин и на сончецот во тој пласт сено продолжуваа да живеат на некој начин. Не, низ нив веќе не струеше животниот сок, но затоа во своето треперење тие успеваа да ја зачуваат песната на штурците, благата мелодија на ветрот што им ја мрсел кадравата коса во свежите ѕвездени вечери.
Низ нив како сѐ уште да се пренесува кликањето на јаребицата и потполошката, довикувајќи ги своите малечки, распрснати низ затревените лаки и прелози. Во секое исушено ливче се насетува шумолењето на тополите и нечујното паѓање на росата, што како ѕвездени солзи ја опсипуваа ливадата пред мугри.
Во тие меки откоси сено може да се почувствуваат мирисот и топлината на птичјите гнезда и мравјата киселина и оној вечно влажен и благ мирис на земјата што успива како грижна мајка. Нурни си ја главата во сеното и во твоите гради, во бранови ќе навлезе мирисот на детелината во цвет и онаа сладосна блажина на мед и восок што ги оставаат пчелите во себе.
 
Сите тие таинствени звуци и мириси сѐ уште обилуваат во пресното сено, кружат и се пренесуваат од стебленце на стебленце, од лист на лист, од цвет на цвет и создаваат една бескрајна симфонија на тишината со која е исполнета летната ноќ.
Од сеното таа и тивка и невидлива река се преточува право во душата и ти ја чувствуваш нејзината мека поплава. Таа полека те обзема, те исполнува со својата леснотија и те издига некаде во млечното небо на ѕвездената ноќ и тие мигови чувствуваш дека токму тие мигови се најскапи во твојот живот. Тоа чувство не можеш да си го објасниш, но знаеш дека во тебе останува еден траен и неизбришлив печат на среќа, која никогаш нема да се повтори. Во такви часови на занес, сѐ е остварливо, зашто ти си го живееш вистинскиот, полн и целосен живот и зашто во него и самата природа ги има замешано своите таинствени прсти.
Таквите летни ноќи се празник на душата.
 
(Извадок од романот за 
деца „Птиците одлетаа“ 
од Видое Подгорец, 
објавен постхумно)
 
Илустрација: 
Владимир Здравески