Шаховски композитор од светски ков: Живко Јаневски

ШАХ

ФИДЕ одреди десетмина шахисти, тренери и промотори во вториот дел од поддршката за годинава. Меѓу нив е и истакнатиот светски велемајстор во проблемски шах Живко Јаневски, за кого ФИДЕ се осврна со посебен текст

По внимателното разгледување на многубројните пристигнати апликации, специјалниот панел назначен од Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) одлучи кои ќе бидат десетте шахисти, тренери и промотори во вториот дел од поддршката на ФИДЕ за шаховските ветерани за 2023 година. Меѓу нив е и истакнатиот велемајстор (ВМ) во проблемски шах од светски ков Живко Јаневски. Десеттемина ќе распределат вкупно 25.000 евра, објави ФИДЕ.
Светската шаховска федерација со посебен текст се осврна и на македонскиот проблемист.

„Јаневски е роден во 1953 година, велемајстор на ФИДЕ за шаховска композиција е од 1996 и е еден од најистакнатите шаховски проблемисти на нашата ера. Тој е трет на листата со бодови на ФИДЕ-албумот за периодот 1914-2021 година, зад Бугаринот Петко Петков и Украинецот Михаил Марандјук. Јаневски, кој живее Гевгелија, беше двоен светски првак во компонирање на помошни матови (1989-1991 и 1998-2000) и олимписки шампион во истата категорија (1990). Како меѓународен судија од 1979, тој судеше и коментираше на повеќе од 100 турнири за шаховска композиција, вклучувајќи го и Олимпискиот турнир, Светскиот куп на ФИДЕ и Светското поединечно првенство во компонирање. За време на Светскиот шаховски турнир во компонирање (2003-2004), тој ја извршуваше престижната улога на директор. За да ги извршува своите судиски должности на најдобар можен начин, тој создаде своја компјутерска база на податоци, внесувајќи десетици илјади шаховски композиции со помош на неговите синови, секогаш подготвен да им помогне на другите во проверката на оригиналноста на проблемите. Јаневски е инженер и компјутерски експерт. Голем дел посвети и на објавување стручни статии, списанија и книги, а една од темите во шаховската композиција го носи и неговото име. Тој беше главен уредник на „Орбит“, негово проблемско списание што излегуваше 16 години (1999-2014). Јаневски напиша, уредува и отпечати и серија книги за шаховската композиција, како што се Антологија на македонскиот проблем шах (1987), Затворен круг (1993), АСП – Фатена со мојата имагинација (2004), Циклуси и стратегија на самоматови (2009), Живко Јаневски – Одбрани помошни матови (2009) и други книги“, пишува ФИДЕс. Г.И.