Фото: Епа

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ПОЧНА ТУР ДЕ ФРАНС

Адам Јејтс (30) триумфира на првата етапа на престижната велосипедска трка Тур де Франс, која се одржува по 110-ти пат, и со тоа ја облече жолтата маичка, наменета за лидерот во генерален пласман. Втор беше неговиот брат близнак Сајмон, со четири секунди задоцнување.

Двократниот победник, Словенецот Тадеј Погачар од истиот тим како и победникот, го освои третото место во спринтот во мини-група со заостанување од 12 секунди, колку што имаше и ланскиот победник, Данецот Јонас Вингегор, кој низ целта помина како деветти.

Етапата долга 182 км по средно ридски терен, Адам ја помина за четири часа, 22 минути и 39 секунди. Претходно за време на едно спуштање, Шпанецот Енрике Мас и Еквадорецот Ричард Карапаз имаа падови.

Првата етапа се возеше околу Билбао и тоа беше првпат по 31 година оваа трка да се врати во Шпанија. Вчера велосипедистите продолжија со возењето, а втората делница од 209 км, најдолга на годинашниот Тур де Франс, беше на релацијата Виторија – Сан Себастијан. Г.И.