Доста е!

Како и да е, како што ќе растат летните температури, така ќе растат и очекувањата на македонските граѓани конечно да се воведе некаков ред во оваа држава, оти вака Македонија личи на сè, само на држава не. Време е овој народ да се ослободи од корумпираните политичари, од платениците, од сите оние што во политиката влегуваат за лична полза и се богатат врз грбот на граѓаните. Синови, ќерки, браќа, сестри, балдази, шуреви, зетовци на функционери ги држат сите бизниси во земјава, го грабаат секој денар од осиромашениот народ и не прават ништо да му го олеснат живот. Време е да се расплете таа коруптивна шема, да му се пресечат краците на октоподот, кој 30 години ја стиснал Македонија и не ја пушта. Време е сите граѓани, без графи со етнички предзнаци, без лажни проценти и балансери, да кажат доста е!

Пред неколку дена календарски започна летото и буквално од првиот ден почнаа и оние традиционални летни горештини, на кои долго чекавме по долгата и врнежлива пролет.
Ако по првите летни денови може да се оценуваат состојбите во земјава, тогаш повеќе од јасно е дека Македонија ја очекува жешко политичко лето. Впрочем, тоа го навестија и неколкуте случувања што на некој начин ја обележија неделава што измина. Да почнеме со ред, онака како што временски се редеа настаните.
Прво нешто што ја разбранува јавноста во земјава е упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое се воведува етничка графа во документите што ги издаваат матичните служби. Според министерот, тој се одлучил за носење ваков акт со образложение „за да се избегнеле манипулации и злоупотреби со алатката етнички балансер при вработување во државната администрација“. Човек не треба да е воопшто наивен за да сфати дека манипуланти (ербапи) отсекогаш постоеле на овие простори, па така и на ова „мудро“ решение на Лога ќе се најде некое уште „помудро“ решение како да се злоупотреби балансерот. Најмудро решение е министерот да ги зафркне сите, па да иницира укинување на етничкиот балансер и, наместо тоа, да воведе мерит-систем за вработување. Е, во таков случај потешко ќе оди манипулацијата, на виделина ќе излезе ерудицијата и тогаш дополнителната графа во изводите за етничка припадност ќе изгуби секаква смисла.
Така ќе паднат во вода и плановите кои отворено ги заговараат некои бугарски фондации, да се користи новата етничка графа за да се декларираат што повеќе Бугари во земјава и за 250 денари да се стекнат со бугарски пасош. Во некој чуден момент му текна на министерот да ја направи оваа измена, токму онака како што ѝ одговара на бугарската страна во врска со актуелниот наметнат спор од Софија.
А тоа што „иновацијата“ во матичните документи воведена од актуелниот министер за правда во македонската влада воопшто не е во согласност со законските регулативи и практики во ЕУ, нема никаква врска, тие секако ќе го протуркаат тоа, ако треба и со европско знаменце. Македонија наместо низ скрининг-процесот уште повеќе да го усогласи домашното со европското право, таа од ден на ден сè повеќе се оддалечува од него. Вака изгледа дека низ скринингот ЕУ го усогласува сопственото право со македонското. Згора на тоа, оваа измена е спротивна и на Уставот, но со оглед дека никој во оваа држава не го ферма највисокиот правен акт, почнувајќи и од самиот Уставен суд, јасно е каков епилог ќе има на крајот.
Втор момент што го привлече вниманието на јавноста е обелоденувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со пописот од 2021 година. Ревизорите во извештајот го заклучија истото она на кое предупредуваа повеќето во оваа држава, дека наместо статистичка, ќе се случи политичка операција.
Наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија јасно покажуваат дека операцијата „попис“ се туркала по секоја цена, со заобиколување на законите и буквално насила, само колку државата да покаже пред ЕУ дека по 20 години одржала попис, но истовремено да се задоволат и апетитите на албанската етничка заедница во земјава за поголема процентуална застапеност, со што ќе може да наметне нови барања.

Ревизорите најдоа еден куп пропусти, почнувајќи од тоа што не бил навреме донесен Законот за попис, односно најмалку една година претходно, голем дел од критериумите за попис на „Евростат“ воопшто не се земени во обѕир, непотребно и долго се попишуваше дијаспората само заради мир во владејачката коалиција, над 132 илјади граѓани останаа непопишани, немаше доволен број попишувачи, многумина се откажаа, недоволна обука, нетранспарентна постапка за набавка на лаптоп-компјутери, сомнежи во врска со софтверот и уште еден куп работи, кои во нормална демократска држава се доволни аргументи повторно да се направи нов попис, но не под диктат на малцинска етничка заедница.
Актуелниот попис ниту беше да се добијат релевантни бројки за креирање развојни планови за иднината на државата, ниту, пак, да се преброи населението и домаќинствата, туку исклучиво да се набилда процентот на албанската етничка заедница, која сега со нивните весели математики прекуноќ стана над 30 отсто. Затоа е инсистирањето за бришење на „навредливите“ 20 отсто од Уставот, за утре да можат максимално да ги запоседнат сите институции само врз основа на етничка застапеност, а не врз основа на квалитет и знаење.
Трета работа што на некој начин предизвика вистински политички земјотрес во земјава е објавата на името на струшкиот градоначалник на „црната листа“ на САД поради корупција и влијанија врз судските процеси. Американците со обелоденувањето на првото име на „црната листа“ не открија топла вода, бидејќи целата македонска јавност со години го гледаше истото тоа што институциите не сакаа да го видат и продолжуваат да не го гледаат за многу други корумпирани функционери.
Последната одлука на американскиот Стејт департмент за ставање македонски функционери на „црната листа“ говори за спротивното, дека САД работат темелно и се решени да го дадат потребниот импулс кон домашните институции, за конечно и тие да се охрабрат да почнат да си ја работат работата како што треба, наместо да бидат заложници на партиско-политичките стеги. Проблемот е што истите тие институции се наполнети со блиски луѓе на оние што треба да ги гонат за корупција, така што оваа борба веќе во старт станува невозможна мисија.

Очигледно за тоа е свесна и американската амбасадорка Агелер, која и самата своевремено изрази чудење околу изборот на првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, па затоа најави дека тоа што Американците го започнале нема да запре само со ставањето на американската црна листа на еден или двајца функционери, туку мерките уште повеќе ќе се динамизираат. Очигледно тоа создаде одново и еден позитивен моментум дека домашните институции конечно се фатени во тесно и дека ќе мораат да постапуваат, доколку не сакаат и тие да се најдат на „црната листа“ поради коруптивни врски со одредени моќници што со години ги штителе.
Агелер, во стилот на шаховски велемајстор, јасно навести дека на потег се домашните институции, Владата или судството, за да може борбата со корупцијата да добие заеднички карактер и да има некаков ефект.
Голем товар падна од срцата на многу политичари кога американскиот тим за борба со корупцијата си замина од земјава и од неговата работа немаше никаков абер, со надеж дека секое чудо било за три дена, дошле, виделе и кренале раце. Арно ама изгледа не било така.
Неофицијални извори говорат дека американски тимови за детектирање коруптивни функционери веќе се подготвени да се вратат во Македонија во оној момент кога ќе се создадат таква политичка клима и волја за агресивно спротивставување на корупцијата. Клима и амбиент за решителна борба со корупцијата меѓу граѓаните има, но нема меѓу политичарите и институциите. Сите тие се надеваат дека и ова брзо ќе помине, ќе се заврши со два-тројца локалци на „црната листа“, а тие ќе си продолжат со старата песна – ваму тендер, таму провизија, овде судии, онде обвинители, мене бизнис, тебе проект…
Како и да е, како што ќе растат летните температури, така ќе растат и очекувањата на македонските граѓани конечно да се воведе некаков ред во оваа држава, оти вака Македонија личи на сè, само на држава не. Време е овој народ да се ослободи од корумпираните политичари, од платениците, од сите оние што во политиката влегуваат за лична полза и се богатат врз грбот на граѓаните. Синови, ќерки, браќа, сестри, балдази, шуреви, зетовци на функционери ги држат сите можни профитабилни бизниси во земјава, го грабаат секој денар од осиромашениот народ и не прават ништо да му го олеснат живот. Време е да се расплете таа коруптивна шема, да му се пресечат краците на октоподот, кој 30 години ја стиснал Македонија и не ја пушта. Време е сите граѓани, без графи со етнички предзнаци, без лажни проценти и балансери, да кажат доста е! Доста е од мизерен живот и апатија, доста е од корупција, доста е од лошо владеење. Навистина, доста е.