ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија во Златната европска лига (група Б) и женската репрезентација на Македонија во Сребрената европска лига (група А) доживеаја порази со по 0-3 на гостувањата во рамките на четвртото коло. Македонија во многу израмнет меч, каде што нијанси одлучуваа, загуби од Белгија со 25-27, 23-23 и 24-26. Во првиот сет Македонија имаше и сет-поен, а во третиот водеше со 24-22. Белгијците се реваншираа за поразот во Скопје (1-3). Најефикасен во редовите на црвено-жолтите беше капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени, Александар Љафтов постигна 11, а Филип Савовски девет. В среда, Македонија ќе ѝ гостува на Хрватска, која, пак, во Скопје беше победена со 3-2, а вчера играше со Украина, дома.

Женската репрезентација на Македонија иако загуби на гостувањето кај првиот фаворит во групата А, Естонија со 0-3 (22-25, 20-25, 16-25), беше речиси рамноправен противник во првите два сета. Најефикасна кај Македонките беше Антонија Баталаковска со 12 поени, а ја следеа Марија Лазарова со седум, Симона Стојановска со шест, Љиља Ковачевиќ со пет… По овој меч македонските одбојкарки со поголема самодоверба ќе одат во Летонија каде што в среда ќе го одиграат петтиот меч во дебито на Сребрената европска лига. На фајналфор-турнирот во обете конкуренции ќе настапат само првопласираните три селекции од секоја од трите групи.


Полјаците најзаинтересирани за ЕП во Скопје

Десет проценти од капацитетот на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е веќе исполнет за Европското првенство (ЕП), информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Билетите главно ги купуваат странски навивачи, а најмногу од Полска, која е и најсилна репрезентација на ЕП во групата во Скопје (20 август – 6 септември). Холанѓаните вообичаено доаѓаат во Македонија за време на летниот туризам, па се очекува и нивниот поддржувачки контингент да биде значаен. Црна Гора и Чешка и претходно немале голем број навивачи на ЕП, а интересно е да се види како ќе реагираат Данците, кои по 10 години пак се дел од едно ЕП. Тие, како и Чесите, можеби се насочени кон настапите во Златната европска лига во која игра и Македонија, а Холанѓаните и Полјаците ја имаат честа да бидат во најсилното друштво, односно во Лигата на нациите – велат од ОФМ.
Г.И.