„Анима мунди“ објави вознемирувачки видеа од двајца мажи од Штип и Виница, кои малтретираат животни, пренесува Макфакс.
Додека штипјанецот среде бел ден шетал со оружје и нишанел врз животни повредувајќи мачка на негови соседи, другиот, истиот ден, врзал куче за автомобил и го влечел и малтретирал.
Здружението прашува до кога секој силеџија и социопат ќе чувствува комодитет да стрела во животни знаејќи дека за делото нема да одговара или девијацијата ќе ја препознаеме дури тогаш кога ќе ескалира и врз луѓе.
„Анима мунди“ тврди дека жителите на Штип биле вознемирени од случката и преплашени за својата безбедност и оти во секоја ЕУ-држава ваквите малтретирања подлежат на строги казни.
-Информираме дека неколку лица се обиделе да пријават во полиција – потенцираме, се обиделе бидејќи полицијата не ни сакала да прими и да евидентира ваква пријава од икс-причини, што значи за нив не се случило ништо што отстапува од нормалноста. Е, токму непостапувањето на службените лица значи злоупотреба на должноста и дава поттик на насилниците и понатаму да мачат, убиваат и да поминуваат неказнети – велат од здружението.
Ги повикаа институциите итно да почнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите затоа што, како што велат, ваквите индивидуи се закана за безбедноста и животот на секое битие, независно дали животно или човек.