Издавачкиот центар,,Антолог“ ја објави новата поетска книга на Ристо Лазаров, „Срце во мозокот“. Наведувајќи ја како мото на својот поговор кон книгата на Лазаров библиската сентенца дека,,Мислата на срцето човечко е зла“, Лидија Капушевска Дракулевска забележува дека во сенките на сегашноста човекот како да станува сѐ помалку емотивно, а сѐ повеќе неразумно (ирационално) суштество. А само доколку срцето и разумот се проникнуваат во човекот, може да се постигне баланс во животот и во светот. Ова е стожерна оска околу која гравитираат стиховите од најновата книга на Лазаров.
– Првата средба со оваа книга стихови збунува веќе со самиот необичен наслов (впрочем, како и претходната именувана „Чинук“). Срце во мозокот – дали со изборот на оваа, навидум парадоксална синтагма (спој на емотивноста и интелектот), поетот, можеби, сака да ги изрази парадоксот и апсурдот на нашето совремие? И зошто „главатарите“ (како што се именувани денешните политички моќници), „се препознаваат / по срцата вгнездени во нивните глави“ – како што иронично ќе рече лирскиот субјект во воведната, истоимена песна? Дали се тие свесни за безумието и лудилото што го креираат? Или, пак, се раководат од емоции (и тоа негативни, како омраза, гнев) наместо рационално да се соочат со предизвиците? Како и да е, изборот на насловот на стихозбирката „Срце во мозокот“ е успешна поетска алатка што провоцира со нагласената врска помеѓу емоциите и когницијата. Оваа топла човечка приказна што живот значи е надежта скриена во книгата кутија „Срце во мозокот“ на Ристо Лазаров. За разлика од Пандорината, оваа кутија чека да биде отворена. Ви треба само „срце во мозокот“ – вели Капушевска Дракулевска.