Разговор со Рацин По повод педесетгодишнината од „Бели мугри“
И сега многу народ надојде,
ретко-ретко како тебе,
по свое да те прослави,
смртта твоја да ја опише
што уште како детиште
наивно ја примив.
А ти си седиш скукален
и абер чекаш од Берачите
или што станало со Ленка.
Ленка е уште како твојата
Берачите се црни и опалени,
А од трудот на сонце што гори
или крај машините што бучат,
други сараи направија
и тебе те кажуваат за нивни.
Оваа песна, посветена за основоположникот на современата македонска поезија, но и на современиот македонски наратив, Кочо Рацин, од мојот татко Јордан Јорданоски, објавена во збирката поезија „Кантар за мерење гнев“, сега веќе во далечната 1991 година, се наметнува за прототип за сиот злоупотребен труд, посветеност кон работата на трудољубивиот и чесен човек, без разлика дали е тоа физички или интелектуален влог. Во пресрет на 1 Мај, денот посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците, песнава, ако се изземе Рацин како лик, всушност дава генеричка слика за секоја злоупотреба и непочитување на трудот, поточно експлоатација на трудољубивиот човек без соодветна валоризација, било финансиска било како почитување на човековото достоинство.
Вечна е борбата меѓу посветените работници, интелектуални или физички, наспроти неработниците, односно луѓето што посакуваат брзо богатење врз грбот на честитите. Токму таа потрага по достоинство за сопствениот вложен труд го раѓа 1 Мај. Овој празник, всушност, го претставува пркосот на човекот кон неговото потценување, пркосот кон неговото невреднување, барање достоинствено да си погледнат очи в очи работодавецот и работникот. Ниту работниците можат без иновативноста и креативноста на умниот, кој обично станува предводник, но ни обратно, самиот предводник не може без масовноста на трудот. Но релацијата меѓу нив треба да биде заснована на човечко достоинство за да биде успехот стабилен и долготраен, но и од полза за сите.
Желбата за неоснован хедонизам и предимензионираната вредност за сопственото Јас се всушност генератори на желбата за потценување на трудот од работникот. Овие две категории се во основата на човековата природа, кои всушност се предаторски, но токму затоа постојат воспитувањето и образованието кај човекот – за да ги култивираат примарните човекови нагони. Отсуството на квалитативен образовен систем, заснован врз когнитивноста на човековиот ум, само го засилува примарниот нагон за надреденост на еден човек над друг. Во таков случај имаме отсуство на основно човеково почитување. Така, ученикот што од образованието го усвоил само големиот одмор, а има голема амбиција, ќе сака да биде надреден над ученикот што посветено учи. Пренесено кај возрасната популација ваквото типизирано однесување резултира со класична експлоатација на трудот, било физичка било интелектуална. Инвентивноста, која произлегува од обдареноста на индивидуата, но и од посветеноста кон работата, секогаш страда од стереотипноста, слично како вечната борба меѓу доброто и злото.
Во таа смисла, голем е подвигот за човештвото на работниците од Чикаго во 1886 година за поделба на 24-часовниот ден на 8 часа работа, 8 часа сон и 8 часа слободно време. Токму овој систем на функционирање овозможува нова димензија на живеење на Земјата. Современото човештво треба да биде исклучително благодарно на чикашките работници, кои биле решителни да го артикулираат својот пркос пред светот. Токму ним им ја должиме современата животна динамика.
И на крајот, токму како ќе го организира човекот осумчасовниот работен дел од денот, таков ќе му биде и животниот успех!
(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)