Извештај на Светската банка за економиите на Македонија и на земјите од Западен Балкан
Во редовниот извештај на Светската банка за економските постигнувања на земјите од Западен Балкан, кој беше објавен вчера, се предвидува дека „економијата на Македонија ќе забележи благ пораст од 2,1 отсто во 2022 година на 2,4 отсто во 2023 година“.
Да се поттикнува енергетската ефикасност
– И покрај брзото закрепнување по пандемијата, тековната криза предизвикана од трошоците за живот – особено од високите цени на храната и енергијата – го потисна растот во земјата и ја турна инфлацијата на највисоко ниво во последните две децении во регионот, ставајќи притисок врз јавните финансии во услови на пораст на трошоците за задолжување. Бидејќи цените на стоките во следните две години се очекува да се намалат, стапката на инфлација се проектира да се намали на 9,1 проценти во 2023 година и на 3 проценти во 2024 година – се вели во најновиот извештај на Светската банка за економските постигнувања на земјите од Западен Балкан.
На среден рок се предвидува умерено забрзување на економскиот раст на земјата. Имајќи го предвид ограничениот фискален простор, поддршката на Владата за заштита на економијата од високите цени на енергијата треба да биде подобро насочена за да се поттикнат енергетската ефикасност и зелената транзиција.
Дополнително заострување на монетарната политика?!
Инфлацијата во Западен Балкан во 2022 година, според анализите на Светската банка, забележа највисоко ниво во претходните две децении, а ценовните притисоци останаа зголемени на почетокот на 2023 година. Инфлаторните притисоци остануваат длабоко вкоренети, што бара дополнително заострување на монетарната политика. Повисоките цени особено имаа сериозно влијание врз домаќинствата со пониски приходи, кои заедно со послабиот економски раст значително го забавија темпото на намалување на сиромаштијата, се вели во извештајот на Светската банка.
– Најсиромашните домаќинства трошат многу поголем процент од својот приход на енергија и храна, а тоа се двете ставки од потрошувачката кошница чии цени најмногу се зголемија – вели Сања Маџаревиќ Шујстер, виша економистка на Светската банка и еден од главните автори на извештајот.
Покрај растот на вработеноста, темпото на создавање работни места забави во втората половина на 2022 година низ целиот Западен Балкан. Најмногу се намали вработеноста во секторите земјоделство и јавна администрација, но забавување е забележано и во индустријата и услужниот сектор.
Економиите на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и на Србија го надминаа нивото пред пандемијата и покрај негативното влијание од инвазијата на Русија врз Украина, повисоките цени на енергијата и на храната, неповолните временски услови, затегнатите финансиски услови и засилената несигурност, се вели во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан.
Проекциите за земјите од Западен Балкан и натаму упатуваат на умерен раст на БДП во 2023 година во регионот, кој се очекува да достигне 2,6 процента, главно поттикнат од приватната потрошувачка и извозот, а во некои земји и од јавните инвестиции, се вели во извештајот.
Регионот сега се соочува со предизвици за обнова на одбранбените механизми за да се подготви за шокови што може да се појават во иднина и за преземање реформи на страна на понудата за да се постават темелите за поодржлив и позелен раст.
Според директорката на Светската банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју, Западен Балкан покажа исклучителна отпорност и покрај големите економски пречки.
Во 2022 година, инфлацијата се искачи на највисоко ниво во последните две децении, а ценовните притисоци останаа високи и на почетокот од 2023 година. Под влијание на зголемувањето на цените на храната и на енергијата, сега инфлацијата покажува знаци на забавување, додека надворешните двигатели ослабнуваат поради забавениот светски раст. Меѓутоа, инфлаторните притисоци продолжуваат и бараат понатамошни мерки од страна на монетарната политика. М.Ј.