Во изминатите три децении, од различни причини, државата овозможуваше повластени услови за странски инвеститори и за странски државјани, многу лесно се приспособуваше на „препораките“ однадвор, ги менуваше законите по желба на странците, го менуваше Уставот, но постоеја очигледни индикатори, па дури и примери дека таа, државата, беше нефлексибилна, па и ригорозна кон домашните компании и поединци
Измената на повеќе закони за потребите на „Бехтел и Енка“ ги зоврива страстите
Македонските граѓани не смеат да почувствуваат во ниеден момент дека по некоја основа се обесправени и дискриминирани во сопствената држава, нееднакви пред Уставот, законите и институциите секогаш кога станува збор за спроведување на „повисоките“ интереси (диктирани однадвор), кои речиси без исклучок никогаш не се во полза на Македонија.
Во изминатите три децении, од различни причини, државата овозможуваше повластени услови за странски инвеститори и за странски државјани, многу лесно се приспособуваше на „препораките“ однадвор, ги менуваше законите по желба на странците, го менуваше Уставот, но постоеја очигледни индикатори, па дури и примери дека таа, државата, беше нефлексибилна, па и ригорозна кон домашните компании и поединци.
Недозволиво е да се почувствува „институционално лицемерство кон своите граѓани и компании“
Случај со индикатори на преференцијален институционален третман јавноста почувствува при доделувањето на изградбата на автопатиштата од коридорот 8 и 10 Д на компанијата „Бехтел и Енка“. За да ја добие оваа зделка американско-турскиот конзорциум, Собранието донесе специјален закон со кој се овозможи да се градат овие автопатишта во Македонија без претходно да се распише тендер и да се одбере најповолната понуда. Законот уште пред две години го оспорија антикорупционерите. Не престануваат и контроверзиите за компаниите што треба да го вршат надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10, кои воопшто не ги исполнуваат законските услови за вршење надзор.
За уште повеќе да се зголеми недовербата во јавноста, во македонското собрание беше најавено дека ќе се менуваат дури девет закони одеднаш: законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење, за да може да им се дадат одврзани раце на „Бехтел и Енка“ при изградбата на автопатиштата, зделка вредна над 1,3 милијарда евра. Под силниот притисок на јавноста, измените на Законот за заштита на културното наследство вчера беа повлечени од предлагачот само за да се амортизира незадоволството и од другите законски измени што го ослободуваат американско-турскиот конзорциум од плаќање данок, царина и акциза, односно го ставаат во привилегирана положба над сите други.
– Дојдов да платам данок на имот бидејќи државата не ми простува ако не платам, ниту, пак, ќе смени за нас некој закон за да ни ја олесни живејачката. Ние им требаме само за гласање, а потоа забораваат на нас. Си ги качија платите и нè оставија да живееме во уште поголема криза – вели Никола Митревски од Скопје.
Тој додава дека државата бара од сопствените граѓани да ги почитуваат законите, наметнува непредвидливост во економската ситуација, вклучувајќи во законите, а и фискалните политики, наметнува сè повисоки давачки, а од друга страна ги привилегира странците, така што прави сè што може за да им ги олесни бизнисите, а со тоа и да им овозможи дебела заработка врз грбот на македонските граѓани.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е категоричен дека само се потврдува неговата констатација дека во Македонија сѐ повеќе бледнеат белезите на правната држава и владеењето на правото.
Македонските граѓани се доведени во нерамноправна положба во сопствената држава наспроти странците
– Доволно е да прашаме дали во која било земја-членка на Европската Унија, кон која тежнееме, е направен ваков договор и е по стандардите на Унијата? Од една страна Брисел ни дава пари за транспарентност, отчетност, а од друга страна се случува договор во четири очи. Дали има вакво нешто некаде во ЕУ? Или, дали има во САД да се случуваат вакви договори во четири очи – се прашува Пекевски.
Според него, македонските граѓани не само што се доведени во нерамноправна и дискриминирачка позиција во однос на странците туку воопшто никој и не води сметка за нив.
– Тесниот партиски или коалициски интерес е важен, а не оној на граѓаните. Граѓаните никогаш не биле во прв план, па веќе политичарите не се ни трудат да го скријат тоа – заклучува Пекевски.
Професорката Мирјана Најчевска, видно револтирана, има сопствено видување околу тоа чии интереси се поважни и зошто се прави ова што сега се прави со менувањето на законите во полза на американско-турскиот конзорциум.
– Во нормални држави работите се прават во согласност со законите. Во држави во кои власта ја држи мафијата олицетворена во ДУИ и поддржана од сите нивни коалициски партнери, законите се носат во согласност со барањата на мафијата. Има разлика – констатира Најчевска.
Социологот Илија Ацевски нема никаква дилема дека македонските граѓани се доведени во нерамноправна положба во сопствената држава токму од политичарите, кои се свесни дека можат да прават буквално што сакаат, без некој да им каже стоп.
– Законите треба да важат еднакво за сите, а не некој да се става во повластена положба и за него да се менуваат и закони и правила. Очигледно политичарите се свесни дека овој народ е целосно исцрпен, во него повеќе нема никаква енергија за спротивставување, односно нема критична маса што ќе се исправи и ќе каже „стоп“ на ова самоволие. Да се менуваат закони само за некаков странски инвеститор, а за обичните граѓани тоа да не важи, тоа значи само едно – дека некој има дебела полза од целата оваа зделка. Инаку, зошто би влегувал во нешто што од целокупната јавност е оценето како сомнително – смета Ацевски.