Creative Commons Attribution-Share Alike 3.0 Unported

Градбата е претставник на раната османлиска архитектура. Изградена е од делкан бигор и хоризонтално наредени тули, при што фасадата во горниот дел завршува со дворедни венци. Основата на џамијата е покриена со две големи куполи, кои, пак, се обложени со олово. Пред влезната врата од џамијата бил изграден трем, покриен со пет мали куполи и аркадни лакови

Знаменитостите на Македонија

Еден од највредните архитектонски споменици од исламската култура е познатата Исабегова џамија, која е лоцирана северно од Султанмуратовата џамија во Скопје. Била изградена во втората половина на 15 век, по смртта на Иса-бег, познат османлиски воен командант и управник. Од натписот над влезот од џамијата можеме да дознаеме дека џамијата е изградена по наредба и желба на Иса-бег, по кого е и именувана.
Градбата е претставник на раната османлиска архитектура. Изградена е од делкан бигор и хоризонтално наредени тули, при што фасадата во горниот дел завршува со дворедни венци. Основата на џамијата е покриена со две големи куполи, кои, пак, се обложени со олово. Пред влезната врата од џамијата бил изграден трем, покриен со пет мали куполи и аркадни лакови. Во задниот дел се издига минарето, кое е високо 34 метри и нема свои темели, туку израснува од самиот објект. На западната страна од џамијата се наоѓа дрвена врата, која содржи резба со ориентални мотиви. Во нејзината внатрешност, пак, се наоѓа саркофагот на Хазнадорат, книговодител на Иса-бег, кој е изработен од мермер, а неговиот гроб од ќерпич. Во дворот на џамијата расте многу стар чинар со извонредна крошна, за кој се смета дека бил засаден уште од времето на изградба на џамијата.
Според податокот од 1469 година, Иса-бег изградил и медреса со десет одделенија, а во нејзина близина и теќе. За нивно издржување го завештал својот голем имот, меѓу кои: „Чифте-амамот“ со дуќани покрај него; деветнаесет дуќани пред амамот што се поврзани со Безистенот на татко му Исхак-бег и „Капан-ан“ со дуќаните околу него. За споменатата задужбина Иса-бег ги увакуфил и сите свои книги. Тоа бил многу богат фонд на ракописни книги од разни области. Книжниот фонд се состоел од 230 разновидни ракописни книги во 320 тома, што ја правело оваа медреса една од најбогатите библиотеки на Балканот. Во најголем дел овие книги биле со верски карактер, но биле застапени и книги од областите на астрономијата, медицината, филозофијата, математиката итн. Библиотеката изгорела во пожарот од 1689 година, кога градот бил освоен од Пиколомини.


Иса-бег – скопјанецот што учествувал во освојувањето на Константинопол (Истанбул)

Иса-бег е една од најпознатите личности во периодот на ширењето и воспоставувањето на османлиската власт на Балканскиот Полуостров. Тој му бил син на Исхак-бег и внук на паша Јигит-бег, освојувачот на Скопје и првиот командант на скопското краиште. За Иса-бег се смета дека бил најистакнатиот краишки војвода и султанов намесник со широки овластувања и права на голема територија. Тој ги основал градовите Сараево и Нови Пазар. Своето големо богатство го вложил во изградба на многубројни објекти во Скопје, Сараево, Нови Пазар и други места.
Неговата генеалогија најцелосно ја даваат Лидија Богоевиќ-Кумбараџи и некои од истражувачите од меѓувоениот период. Иса-бег бил третиот управител на Скопје, односно краишки војвода (такви титули османлиите им доделувале на управителите во новоосвоените краеви).
И таткото Исхак и синот Иса, освен што се управители на Скопје, тие се и негови значајни градители: со името на Иса-бег се поврзуваат градбите на „Капан-ан“, „Чифте-амам“ и други. Тој е градител на една од најпознатите медреси во Скопје и на најголеми библиотеки во тогашниот исламски свет, со богат книжевен фонд. Таа, за жал, изгорела во пожарот во времето на Пиколомини од 1689 година. Славниот град и надалеку познато Сараево било подигнато од Иса-бег во 1461 година, врз темелите на постаро населено место (Врхбосне). Наскоро, во 1462 година, тој ја изградил познатата Царска џамија, а се смета дека во нејзината близина се наоѓа и неговиот гроб. Д.Ст.