Не е лесно да се биде дел од Зелената партија, особено во Германија во изминатиот период, пишуваат Ханс фон дер Бурхард, Габриел Риналди и Питер Вилке за „Политико“
Сè поголемата реакција околу климатските политики ги погодува германските Зелени, предизвикувајќи несогласувања во трипартитната владејачка коалиција во земјата. Не само што Германија предизвикува бура на ниво на Европската Унија (ЕУ) во последните неколку недели, кога ја блокираше предложената забрана за употреба на мотори со внатрешно согорување, туку и земјата се соочува со домашна политичка борба околу постепено укинување на системите за греење со гас и нафта, како и заложбите за постепеното напуштање на употребата на јагленот.
Сите тие спорови се поврзани со фундаменталните несогласувања меѓу Зелените и нивните два коалициски партнера, Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц и Слободната демократска партија (ФДП), за тоа како треба да се спроведат целите на ЕУ за заштита на климата и какви последици и трошоци ќе ги има тоа за индустријата и граѓаните. Конфликтот не само што влијае на популарноста на Зелените туку и се чини дека се заканува и со поширока криза за коалицијата, а таа криза се чини дека ескалира.
Претходно, пукнатините во германската влада станаа повидливи кога вицеканцеларот Роберт Хабек од Зелените ги обвини своите коалициски партнери дека не се ангажирани доволно во борбата против климатските промени. Неколку часа подоцна, тој дополнително ја засили реториката обвинувајќи ги владините партнери за поткопување на меѓусебната доверба со тоа што објавиле чувствителен предлог-закон до медиумите со цел да се оштетат Зелените. Во интервју за јавниот радиодифузен сервис АРД, Хабек рече дека нацрт-законот, кој има цел да ги замени новите системи за греење со гас и нафта со топлински пумпи што ќе биде во корист на климата до 2024 година, бил објавен „намерно со цел да се наруши довербата во Владата“ и да се постигне „евтина тактичка предност“.
Зелените ги имаат сите причини да бидат нервозни, бидејќи нивните климатски политики сè потешко поминуваат кај народот во Германија. И покрај општиот консензус дека земјата треба да дејствува итно за да се бори против растечката криза околу климатските промени, Германците се помалку убедени кога тоа вклучува забрани или скапи инвестиции. Самиот услов за топлинска пумпа на Хабек може да значи дополнителни трошоци до 13.000 евра по инсталација за домаќинствата, иако вицеканцеларот вети дека ќе ги ублажи тие трошоци со сè уште неодредена државна поддршка.
Голема загриженост за Зелената партија претставува и тоа што нивниот рејтинг со месеци паѓа во анкетите, од 23 отсто минатото лето на моментални 17 отсто. Во меѓувреме, поддршката за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) постојано се зголемува и сега веќе се приближува со 15 отсто до Зелените.
Спуштање на тензиите за „мир во куќа“
Во меѓувреме, на домашен фронт, Зелените се зафатени со борба против нападите поради нивните климатски планови од ФДП и СПД, како и од опозицијата. Тие велат дека Зелените треба да постават помалку строги рокови и да се фокусираат повеќе на стимулации наместо на забрани.
Штефан Вајл, премиер на СПД на германската регионална покраина Долна Саксонија, за плановите на Зелените за од наредната година задолжително да се вклучат топлинските пумпи за новите грејни инсталации, истакна дека проблемот е во пристапот, а моментот на Хабек не бил реален и правел повеќе штета отколку корист.
Андреас Јунг, портпаролот за заштита на климата и енергија на централнодесничарската ЦДУ/ЦСУ, исто така смета дека тоа му штети на прифаќањето ако заштитата на климата се спроведува еднострано со забрани и декрети. Така, за да се добие поддршката на народот, мотото мора да биде „поддршка и побарувачка“, како и посветеност на целта, отвореност на патот и поддршка во спроведувањето. Зелените тврдат дека овој пристап досега не успеал да донесе промени доволно брзо. За топлинските пумпи, тие велат дека би било нереално да се одложи датумот од 2024 на 2025 година, кога политичките партии ќе почнат да се подготвуваат за следните општи избори во Германија.
Следната борба веќе се подготвува, поради обидот на Зелените да се забрза постепеното укинување на производството на електрична енергија на јаглен во источна Германија. Во нацрт-резолуцијата, до која дојде „Политико“, партијата сака да го скрати рокот за напуштање на употребата на јаглен од 2038 на 2030 година, како што е веќе случај со рударските региони на западот од земјата.
Отпорот доаѓа од владите на погодените германски покраини, кои имаат значаен збор за ова прашање. Свен Шулце, министер за економија на Саксонија-Анхалт, опиша како неговата држава веќе подготвувала претходно стратегија за напуштање на употребата на јагленот, во 2034 или 2035 година. Тој за „Политико“ порача дека компаниите се подготвувале за овој чекор и барале соодветни енергетски гаранции. Шулце додаде дека обидот за тоа да се случи во 2030 година, како што е планирано од Зелените, ги загрозува овие гаранции и германската деловна локација.
Олаф ин дер Бик, портпаролот на ФДП за климатска политика во Бундестагот, ги повика Зелените да ја променат својата амбиција. Тој истакна дека климата и еколошкото однесување не можат да се наметнат со подметнување стапица. Бик додаде дека потребите на луѓето, реалноста и исто така различните можности мора да се рефлектираат во политиката за заштита на климата.