Како што се разгоруваат препирањата за иницијативата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за повторно поставување на споменикот на личноста од македонската историја Андон Јанев-Ќосето, така повторно во јавноста се засилуваат и коментарите за тоа кој бил тој и каква улога зазема во македонската национална историја. Борбата на мислења поврзана со ликот и делото на Андон Јанев-Ќосето доаѓа како нова материја на сѐ подлабоките општествени и граѓански поделби, со кои, намерно или не, се расцепува општественото ткиво. Наместо да се развива соработка на повеќе полиња, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се конфронтираат околу (не)поставувањето на споменикот на Ќосето?! Во врска со новите конфронтации, повеќе граѓани се јавија за да ја потсетиме јавноста за ликот и делото на овој револуционер, за пошироката јавност, да го отсликаме низ историски факти. Граѓаните се прашуваат дали заслужува до ден-денес да биде објект на бесполезни препирки и тема околу која ќе се создава тензија, при што непродуктивно ќе се троши енергија од страна на носителите на јавни функции
Повод: Нови несогласувања за повторното поставување на споменикот на Андон Јанев-Ќосето
Ликот и делото на македонскиот револуционер Андон Јанев, познат и како Ќосето, во нашето општество предизвикаа одредени контроверзии по поставувањето на неговиот споменик пред Врховниот суд во Скопје, како и неговото подоцнежно отстранување. Оваа личност повторно стана актуелна по најавите за враќање на споменикот од страна на градските власти, а особено по изјавата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со која тој го објаснува ставот на Општината. Токму затоа и универзитетските професори и историчарите нагласуваат дека контроверзиите околу споменикот на Ќосето се од политичка природа.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје нагласува дека името на Ќосето добило поширока афирмација во 2014 година, кога беше подигнат неговиот споменик. Но, како што укажува историчарот, врз основа на непотврдени информации, бил претставен како масовен убиец, тврдење што нема основа во историските извори. Според Ѓорѓиев, во тогашните полемики околу ликот и делото на овој деец индиректно се девалвирала и револуционерна борба за македонска држава. Мора да се нагласи дека во македонската историографија до 2016 година не постоеше научен труд или книга во која беше истражен животот на Андон Ќосето, а првиот научен труд за овој македонски револуционер беше објавен од страна на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев. Меѓутоа, и покрај објавувањето на спомената книга, пошироката македонска јавност и понатаму не е доволно запознаена со ликот и делото на Андон Ќосето, како и со неговото значење во афирмацијата на македонската државност и нација, нешто што може да се потврди во неколку историски документи и извори.
Кој е Андон Јанев-Ќосето
Ќосето во почетокот бил припадник на тајната милиција на Македонската револуционерна организација (МРО), чии активисти неофицијално биле именувани како терористи, при што извршувал разни нелегални активности, а по создавањето на првите редовни вооружени формации, односно на т.н. Четнички институт, бил војвода во повеќе македонски региони. Проф. д-р Ѓорѓиев нагласува дека Ќосето не може да се вброи меѓу интелектуалците, водачите и раководителите на македонското движење, напротив тој се пројавил како директен извршител на повеќе настани што биле поттикнати и инспирирани од водачите на споменатата револуционерна организација, како што биле Даме Груев или Гоце Делчев.
– Всушност, преку активностите на Ќосето, идеологијата на МРО се преточила во практика, при што идејата за ослободување се оформила во реалност, а овие активности честопати биле сурови. Меѓутоа, насилните методи се составен дел од секое ослободително движење или востание, а македонската борба за слобода и држава не е исклучок – нагласува професорот.
Активностите на Ќосето се поврзани со примена на насилство, но такви насилни методи применувале и други македонски револуционери, а неговите постапки не се различни од тоа што го практикувале Јордан Пиперката, Апостол Петков, Ѓорѓи Сугарев, Христо Узунов и др. Неговата активност не е врзана за конкретен македонски регион, туку Ќосето без приговор одел секаде каде што бил испраќан, односно секаде каде што имало потреба од неговата активност.
– Кога неговата биографија и револуционерни патешествија ќе се споредат со дејците, се добива впечаток дека Ќосето е можеби единствениот што секогаш бил на слободно располагање на Централниот комитет на МРО, а особено на Гоце Делчев, главниот инспектор на Четничкиот институт – вели Ѓорѓиев.
Поради сложеноста на задачите со кои бил задолжуван, името на Ќосето и неговото потекло, во првите години од неговата дејност, останале тајна не само за населението туку и за повеќето раководители на МРО. Според спомените на Ќосето, неговото место на раѓање, од безбедносни причини, долго време, освен на Даме Груев, не им било познато на другите истакнатите раководители на организацијата, иако честопати бил во нивна придружба. Ќосето бил човек без формално образование, поради што високата политика во МРО за него е далечна категорија, која реално и не ја разбирал. Тој воопшто не се притеснува за себе да рече дека е „прост човек, или „колку што разбира мојата проста глава“. Како човек од теренот, во 1905 година за првпат имал можност да присуствува на окружниот конгрес на Серскиот револуционерен округ.
– Андон Ќосето е наполно свесен за своето место во МРО, но и за местото и улогата на нејзините раководители. Оттука, тој себеси се смета за еден од десетиците и стотиците редници во македонското револуционерно движење, но затоа, пак, со пиетет се однесува кон нејзините водачи. Особен респект, но и слабост, покажува кон Гоце Делчев – посочува историчарот Ѓорѓиев.
Доследен на македонските идеали за слобода и државност
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев вели дека животописот на Ќосето е нераскинлив дел од историјата на македонското револуционерно движење. Тоа е животопис на еден борец што во името на македонската слобода и државност се подложил на разни лишувања, при што преживеал многу премрежиња и опасности. Неговите постапки и севкупната активност се подредени на идејата и револуционерната организацијата во која верувал и ѝ останал верен до крајот на својот живот.
Постојат неколку историски документи, извори и спомени што потврдуваат дека Ќосето до крајот на својот живот останал доследен на македонските идеали за слобода и државност. Во овој контекст треба да се спомене и неговиот говор на 2 август 1933 година во Благоевград, при свеченост по повод откривањето на споменикот „Незнајниот македонски четник“. Ќосето во име на горноџумајските илинденци положил венец и го кажал следното: „Браќа и сестри! Како скромен борец на Внатрешната македонска револуционерна организација, бев сведок и учесник во она велико дело што го изврши Македонецот пред триесет години, на Илинден 1903. Сега сум сведок на оваа свеченост, на која се овековечи споменот на македонскиот четник и им се оддава почит на живите борци. Имам уште една – трета желба, а таа е да доживеам да го видам развиено знамето на слободна и независна Македонија над сините води во Солун и да екне македонска песна. Само тогаш сметам дека мојот земски живот ќе биде завршен, а мојот дух ќе се успокои за да заминам кај моите другари што ги склопија очите уште пред триесет години од куршумите на непријателите. Го полагам венецот и извикувам: Нека им е вечна слава!“.
По создавањето на македонската современа држава, односно по одржувањето на вториот конгрес на Народниот фронт на Македонија, се обратил и тогашниот претседателот на Народна Република Македонија, Лазар Колишевски. Тој истакнал дека Договорот од Блед е од големо значење за македонскиот народ и во Народна Република Македонија и во Пиринска Македонија. Колишевски ги истакнал придобивките за македонскиот народ од културната автономија и постигнатите успеси во тој поглед. Врз основа на тоа, Колишевски рече: „Сите овие успеси што се постигнати во Пиринска Македонија во градењето и развојот на националната култура, како и во проучувањето на литературниот македонски јазик, зборуваат сами за себе колку е голема големата жед на нашиот народ во Пиринска Македонија да го совлада своето книжевно творештво во најкраток можен рок“. Овој дел од говорот на Колишевски предизвикал позитивни емоции и чувства кај многу Македонци во Пиринскиот Регион и во Бугарија воопшто, вклучувајќи го и Андон Ќосето, кој во тој период живеел во Горна Џумаја.
Споменатиот говор на Колишевски бил поттик за една поздравна телеграма до тогашниот претседателот на Народна Република Македонија од страна на Андон Ќосето. Во неа се вели: „Јас, како воен другар на Гоце Делчев и Јане Сандански, го поздравувам Вашиот историски говор на Вториот конгрес на Народниот фронт, во кој ние гледаме надеж дека наскоро ќе се исполнат идеалите на нашиот македонски народ, да живее – еднаш засекогаш, под еден покрив“. Д.Ст.