Во рамки на кампањата за одбележување на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица денеска во Скопје се одржa марш за видливост на трансродовите лица, на кој бeше испратена пораката „И мојот идентитет постои“. Маршот почна пред Владата и продолжи по улиците на Скопје.
„TрансФормА“ заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува петти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
– Како и сите претходни години и оваа година децидно и недвосмислено бараме законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права и наложи на оваа Влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа Ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права – се наведува во соопштението од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“.
Меѓународен ден на видливост на трансродовите е годишен настан што се случува на 31 март, ден на кој се слават трансродовите луѓе и е посветен на подигање на свеста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите лица ширум светот.