Во опширниот текст на новинарското истражување на реномираниот „Фајненшел тајмс“, посветен на состојбите во Албанија и на нејзиниот премиер, се фрла една нова светлина на внатрешнополитичките, економските и безбедносните состојби на нашиот западен сосед, со кој многу долго ЕУ нѐ изедначуваше, обидувајќи се да нѐ стави во еден пакет во контекст на европските интеграции. Други тенденции, кои исто така во последно време се исклучително актуелни, се оние што ставаат знак за равенство помеѓу двете соседни држави, имено Албанија и Македонија, при што го приклучуваат и Косово, со основна замисла да ги бришат границите и територијално да се фузираат…
Нашиот западен сосед не се пресмета со беззаконието дома, па сега може и
да „извезува“ криминал во регионот
Премиерот на Албанија, Еди Рама, според многумина западни аналитичари е еден од најпрозападните лидери на Балканот. Тој е поранешен спортист, кошаркар и уметник што дојде на власт ветувајќи „безмилосна елиминација на криминалните банди од Албанија!“ Сепак, една деценија подоцна, напорите на Рама да го исполни тоа ветување стануваа сè појалови, бидејќи за човекот што беше претставуван од Западот како еден од балканските прогресивци, сега има индикатори дека е „вовлечен во неколку тешки противзаконски ситуации“, кои го нарушија неговиот имиџ и дома и во странство.
„Транспаренси интернешнл“ од Албанија со обвинувања
Наместо борба со криминалот, Рама воведуваше реформите во земјата што, според политичките аналитичари, биле „пријателски настроени кон перачите на пари“, а постојат и обвинувања дека „бранел и владини соработници што биле вмешани во шверц на дрога“. Последното камче во мозаикот на јавните обвинувања е неговата „недозволива улога во падот на обесчестен офицер на ФБИ“. Постојат многу основи на сомневање дека организираниот криминал и корупцијата во Албанија се генерирани токму од највисоките места на државната управа, каде што на врвот од пирамидата е премиерот Еди Рама.
– Најголема штета е направена врз меѓународниот углед на земјата. Премиерот некогаш беше ѕвезда на меѓународните медиуми – вели Љутфи Дервиши, независен политички аналитичар и поранешен извршен директор на „Транспаренси интернешнл“ во Албанија. Тој додава дека Рама добро се справил со повеќе кризи, вклучувајќи ја и пандемијата на коронавирусот, „но сега, како бумеранг, одеднаш тој е во центарот на вниманието за негативни вести“.
Во истиот контекст пишува и „Фајненшел тајмс“.
– Моќта на криминалните мрежи во Албанија на Рама беше спектакуларно откриена минатиот месец – напиша медиумот, потенцирајќи дека „полицијата уништи стотици надзорни камери поставени од криминалци – огромна шпионска операција што ги надгледувала органите на редот и ривалите“! Медиумот пишува дека „откритијата направиле непријатна заднина за Рама (58), кому Западот му се додворуваше како сроден дух во регионот познат по своите променливи верности“.
„Фајненшел тајмс“ објавува долга низа скандали поврзани со корупција и организиран криминал во Албанија, во кои основано се сомничи Еди Рама
Од семејство на уметници, Рама ја започна својата кариера како кошаркар, а потоа поминал една деценија сликајќи во Париз пред да се врати во Албанија и да влезе во политиката.
– Во неговата канцеларија сè уште има сувенири од кошарка и неговите сопствени „шарени чкртаници“ на ѕидовите. Како градоначалник на Тирана во раните 2000-ти, тој помогна да се трансформира главниот град со пребојување на здодевните станбени блокови од времето на комунизмот во живописни бои – се вели во статијата на медиумот.
Рама се заложи за искоренување на бандите: „Борбата со криминалот и трговијата со луѓе се приоритет за оваа влада“, изјави тој своевремено за „Фајненшл тајмс“, кој токму деновиве анализира дека ништо за што се заложил не е остварено.
– Владата на Рама предизвика контроверзии минатата година барајќи да овозможи даночна амнестија за репатријација на непријавени странски приходи до два милиони евра, потег за кој критичарите велат дека ќе им даде бесплатна пропусница на криминалците што заработуваат криминално. Законот чека одобрување од парламентот, иако претходните нацрт-верзии беа критикувани од ЕУ – пишува медиумот.
Љутфи Дервиши, независен политички аналитичар и поранешен извршен директор на „Транспаренси интернешнл“ во Албанија, рече дека индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ за Албанија е „само намален“ од 2016 година.
– Оваа година имав тековни белешки за големи скандали поврзани со корупцијата. Комплетирав десетина – рече тој.
Имено, високи членови на претходните администрации на Рама беа вмешани во случаи на дрога. Поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири беше затворен за злоупотреба на службената положба поради врски со синџир на трговија со луѓе.
Бранителите на Рама велат дека претходните шефови на влади никогаш не би дозволиле затворање на нивните функционери.
Но скандалот со видеонадзорот ги налути обичните граѓани, од кои многумина веруваат, како што пишува „Фајненшл тајмс“, дека „Владата соработува со шверцерите на дрога“. Токму тие шверцери драстично го прошируваат својот нелегален бизнис.
Во Албанија под Рама, албанските банди се проширија од нелегални насади со канабис до шверц на кокаин и хероин директно од Латинска Америка и Азија. Милиони евра се слеаја во Албанија, помагајќи да се развијат луксузни недвижности по должината на морскиот брег.
– Светот на криминалот се зајакнува на ново ниво – вели поранешниот министер за правда Алдо Бумчи, член на опозициската Демократска партија.
Тој ги посочи крајбрежните случувања и светкавите станбени кули во Тирана како дестинација за недозволени пари. „Растат дистрибутивните мрежи, како и перењето пари… кој може да си ги дозволи овие станови? Не, обични Албанци“.
Градоначалникот на Скадар, Бард Спахиа, од опозициската Демократска партија на Бериша, рече дека стравот од криминалци во Албанија предизвикал егзодус. „Овој регион има 215.000 жители, но околу 6.000 заминуваат секоја година. Со тоа темпо, за деценија и пол половина од регионот ќе го нема“. Обвинувајќи ги „нефункционалните државни структури“, тој рече дека скандалот со надзорот е „капка во океанот на нашата влада зафатена со криминал“.
Европа стравува од извоз на криминал од Албанија
Според „Фајненшл тајмс“, репутацијата на Рама во странство, исто така, беше целосно деградирана од неговите контакти со обесчестен американски службеник за спроведување на законот, обвинет дека му помогнал на албанскиот лидер да ги прогонува политичките ривали. Американскиот оддел за правда го обвини поранешниот шеф на контраразузнавањето на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, во јануари за кршење на американските санкции и ангажирање во перење пари работејќи за рускиот олигарх Олег Дерипаска. Посебно обвинение се фокусира на непријавените контакти на Мекгонигал со Рама и тврди дека тој вршел платени услуги за Албанците. Мекгонигал е обвинет дека зел најмалку 225.000 долари од албански разузнавач, а потоа им предал информации од канцеларијата на Рама на американските власти. Тие за возврат отворија истрага за лобист со американска адреса, кој работи за албанската опозиција.
Опозицискиот лидер Сали Бериша, поранешен претседател и премиер, тврдеше дека неговото ставање на црната листа на САД во 2021 година е резултат на наводните контакти на Рама со Мекгонигал. Одлуката на САД, „осум години откако ја напуштив власта… се заснова целосно на лобистичката моќ на Еди Рама“, изјави тој за „Фајненшл тајмс“.
Рама негира дека ги користел своите контакти со Мекгонигал за таа цел. Тој истакна дека случајот „Мекгонигал“ не придонел за поднесување обвинение против него и рече дека бил „користен како жртвено јагне од многу поединци во Албанија што имаат свои тековни проблеми со правосудниот систем“.
Социјалистичката партија на Рама ја контролира секоја локална власт, освен северниот град и провинцијата Скадар. Во близината на Црна Гора, градот е местото каде што започна скандалот со шпионажата. Полицајците се обидоа да добијат снимка од тие камери во јануари по експлозијата пред куќата на полициски командант што ја водеше операцијата против одгледувачите на канабис и синџирите за шверц на дрога. Кога локалните гангстери одбиле да соработуваат, полицијата почнала да ги соборува камерите. Повеќе од 500 уреди беа отстранети низ целата земја.
Артан Хоџа, албански истражувачки новинар, рече дека видел „огромни контролни соби со многу екрани, каде што бдеат големите криминални групи“.
– Тие имаа систем за ноќно гледање, можност за препознавање лица и регистарски таблички. Само полицијата треба да има такви камери. Имаше дури и камери во шумата за следење на плантажите со марихуана – сведочи Хоџа.