Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првото предупредување дека албанската мафија се обидува да го „заземе“ црниот наркопазар во Шпанија доаѓа уште во 2017 година, кога во земјата почнале да пристигнуваат транснационални криминални групи во Каталонија, кои работеле со трговија на марихуана. Албанците ги насочиле своите ресурси кон оваа дрога, правејќи си плантажи насекаде во Шпанија, но особено на источното крајбрежје на Каталонија

Откако албанската наркомафија се чини дека го достигна врвот во Велика Британија, што се однесува на црната трговија со кокаин во оваа земја, сега цел е Шпанија. Криминалната инвазија е слична, дури и идентична, со тоа што разликата е што наместо кокаин како во Велика Британија, албанската наркомафија во Шпанија инвазивно настапува со марихуана. Во оваа земја, албанските наркокартели веќе ја зазедоа речиси цела Каталонија, каде што на огромни плантажи одгледуваат марихуана за да ги задоволат не само потребите на тамошниот пазар туку и на поголемиот дел од Европа.

АЛАРМОТ НА НАДЛЕЖНИТЕ ВО ШПАНИЈА ВЕЌЕ Е ВКЛУЧЕН

Шпанските власти веќе се на штрек поради дејствувањето на албанската мафија, кое во минатото и не се чувствуваше толку интензивно како денес. Во оваа земја, албанската мафија пристигнала уште во деведесеттите години на минатиот век и уште тогаш ја добила својата „подземна популарност“, поради трговија со луѓе и хероин.
Првото предупредување дека албанската мафија се обидува „да ја заземе Шпанија“ доаѓа уште во 2017 година, кога во земјата почнале да пристигнуваат транснационални криминални групи во Каталонија, кои работеле со трговија на марихуана. Албанците ги насочиле своите ресурси кон оваа дрога, правејќи си плантажи насекаде во Шпанија, но особено на источното крајбрежје на Каталонија.
Според шпанските инспектори, криминалните организации го купуваат производството од локалните произведувачи, со што се воспоставува синергија помеѓу странските и националните наркогрупи.
– Првите им плаќаат добри пари на вторите за да одгледуваат марихуана на плантажите што веќе ги поставиле насекаде низ Каталонија – истакна инспекторот Тони Салјерас.
Иако на почетокот дејствувале на сигурно и не се експонирале, па затоа и потешко било да се фатат, со текот на годините, оваа опасна криминална организација, чии припадници главно се од Албанија и Косово, стана софистицирана и се прошири на целата територија на Шпанија.
Според познавачите на состојбите со наркомафијата, албанската мафија не само што го презела лидерството во трговијата со наркотици туку оттука и почнала да се шири „на свој терен“ кон Велика Британија, чиј наркопазар веќе го има целосно под контрола.
– Албанските кланови што се присутни во Шпанија досега се однесуваа подискретно во однос на другите меѓународни мафијашки организации. Оние што работат и се целосно посветени на трговијата со дрога, секогаш гледаат да се настрана и се повлечени. Не се обидуваат да го привлечат вниманието кон нив. Иако станува збор за насилна организација, не го покажуваат своите ресурси во јавност. На тој начин можат да обезбедат сигурност и да останат незабележани за да продолжат да произведуваат марихуана во големи количества, а потоа да ја извезуваат низ цела Европа – пишуваат шпанските медиуми.
Познавачите што ја истражуваат албанската мафија велат дека албанските кланови ја стекнале довербата на сите меѓународни криминални организации, пред сѐ, поради стравот што го предизвикуваат.

ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА СВОИТЕ СОНАРОДНИЦИ АЛБАНЦИ

Производството на големи количества дрога подразбира и големи плантажи, вообичаено сместени во индустриски складишта или семејни куќи. Нивните вложувања во нив се минимални, меѓутоа профитот што го остваруваат се мери во стотици илјади евра.
За правилно функционирање на плантажите и правилно растење на садниците, со што би се загарантирала добра жетва, албанските газди ги експлоатираат сонародниците што од Албанија пристигнуваат во Шпанија со привремен престој, во времетраење од 90 дена.
Работниците се затворани на плантажите за да бидат градинари. Тие не смеат да ги напуштат просториите и живеат експлоатирано, водејќи грижа за растењето на марихуаната, сѐ додека не им истече дозволата и можат да се вратат во својата земја. Меѓутоа, за време на престојот на плантажите тие немаат никаков контакт со надворешноста.
Вообичаено станува збор за мажи без многу парични средства и без никаква криминална историја. На овој начин, ако бидат уапсени, помали се шансите да добијат затворска казна.
Во обид да се спречи напливот на млади Албанци што преку Ла Манш се обидуваат да влезат во наркобизнисот во околните земји, шпанските власти се советуваат со британските за начините на кои ќе дејствуваат доколку овој бран мигранти од Албанија продолжи и не се смири. Колку за потсетување, Велика Британија веќе започна со имплементација на низа мерки за да се спречи напливот на албански мигранти во земјата, чија крајна цел е албанското наркоподземје.

АЛБАНСКАТА МАФИЈА СО ГОЛЕМА ЕКСПАНЗИЈА НИЗ СВЕТОТ

Според инспекторот Тони Салјерас, албанската криминална организација не се ограничува само на растот во Шпанија туку нејзиното присуство се шири и на другите делови од планетата. На пример, веќе го водат пазарот на кокаин во Велика Британија, која е и европска земја чии жители најмногу ја консумираат таа дрога. Тука, покрај дрогата, купиле и голем број ресторани во Лондон, за да ги исперат парите заработени од трговијата со дрога.
Од друга страна, албанските кланови, како што веќе и пишувавме во нашиот весник, пред неколку години пристигнаа и во Еквадор, поточно во градот Гвајакил, чие пристаниште е клучен дел од логистиката на меѓународната трговија со дрога во последните неколку години. Интересно е тоа што тие се населиле во Јужна Америка благодарение на калабриската мафија, која е позиционирана како најмоќна и најопасна на светот. Токму калабриските кланови им ја дадоа довербата на албанските наркоемисари да отворат нови маршрути од Гвајакил.
Во борбата со нив досега, шпанските власти реализираа голем број акции против наркоклановите и ги апсат нивните припадници.

[email protected]