Интервју со емеритус проф. д-р Бранка Лазиќ, основоположничка на органското производство во поранешна Југославија и во Србија’
Емеритус проф. д-р Бранка Лазиќ (86) е редовна професорка во пензија на Земјоделскиот факултет во Нови Сад. Била деканка на факултетот и шефица на Катедрата за полјоделство и градинарство. Предавала и на факултетите во Земун и во Сараево. Специјализирала во Бугарија и во Холандија. Била членка на одборот на „Матица српска“, на Советот на Енциклопедија на Југославија, главна и одговорна уредничка на југословенското списание „Современо земјоделие“, била членка и претседателка на поткомисијата за зеленчук и членка на Сојузната комисија за признавање на сортите на земјоделските култури. Сето ова доволно зборува за ликот и делото на госпоѓа Бранка Лазиќ, но фасцинира фактот што таа и сега во деветтата деценија од својот живот работи на нов интердисциплинарен проект, „Хортикултура на здравјето“, а минатата година ја доби наградата „Анѓелка Милиќ“ за животно дело за сестран придонес за родовата рамноправност.
Кои фактори го определија вашиот животен и професионален пат?
– Ако верувате дека во детството во главата ни се отвораат некои фиоки каде што сместуваме впечатоци што ги носиме цел живот, тогаш ќе верувате и во следново: на фотографиите од моето детство секогаш сум фотографирана во некоја градина. Во моето сиромашно детство, сите што имаа мали приходи можеа да добијат малечко парче земја од месната заедница. Ние имавме таква мала градина. Ја обработувавме мајка ми и јас, а дома, пак, имавме сосема мала градина во која мајка ми садеше толку многу нешта, па имаше производи како да обработуваме цела нива. Тие спомени од детството ми останаа силно врежани и истите тие подоцна ми го определија професионалниот и животниот пат. И научно се занимавав со градинарството, но и секогаш имав своја градина. Јас се заљубив во градинарството. Нема живот без тие пет букви: љубов. Можеби на сето ова влијаеше и фактот што иако сум родена во Суботица, целиот живот го поминав во Нови Сад, развиен градинарски град што уште во 19 век извезувал краставици за Египет транспортирајќи ги со брод, а до ден-денес во Нови Сад постои населбата Ротквариум, место на кое некогаш се одгледувале ротквички.
Покрај тоа, живеевме во среќно време за младите луѓе. Факултетите беа нови и потребата од квалификуван кадар беше голема. Јас сум втора генерација од мојот факултет. Најдобрите студенти остануваа како асистенти. Јас дипломирав како општ агроном. Сите други производства имаат една своја технологија, а градинарството има толку многу култури и толку многу различни технологии што можеш три свои животи да работиш и пак нема да ги запознаеш сите градинарски видови. Затоа се определив за градинарството.
Во рамките на поранешна Југославија, дел од вашата научна надградба, а подоцна и академска работа е врзана за Македонија. Кажете ни какви спомени носите од соработката со македонските колеги?
– Одамна беше кога станав асистентка на Земјоделскиот факултет во Нови Сад. Во тоа време постоеше пракса секој млад асистент да треба и да може да избира југословенска република каде што ќе изведува пракса, кај некој од истакнатите професори од нивната област. Јас ја одбрав Македонија затоа што ја засакав уште од претходно преку моите приватни доаѓања на летување во Охрид. Го избрав Земјоделскиот факултет во Скопје. Тогаш во Југославија постоеја само двајца доктори на науки по градинарство, и тоа проф. д-р Паула Павлек во Загреб и проф. д-р Лазар Алаџајков во Скопје. Седум дена престојував во Македонија, проф. Алаџајков ми беше ментор. При таа посета научив многу, но не само од посетата туку и подоцна од неговиот учебник, кој долго време беше прв и единствен учебник по градинарство во Македонија. Алаџајков беше весел човек со кого можеше да разговараш за сѐ и да му се довериш за сѐ. Тргнавме од Скопје кон Штип, потоа во Банско, но во тоа време таму немаше пластеници, тоа е време само на топлите леи. Уште тогаш Струмица беше богат градинарски регион каде што климатските фактори го дозволуваа тоа, но и луѓето беа вљубени во тоа што го прават. Патувањето продолжи кон Кочани, каде што се наоѓаше единствениот Институт за ориз во Југославија. Јас тогаш првпат видов оризови полиња. Од Кочани отидовме за Прилеп. Прилеп тогаш беше познат не само по тутунот туку и по квалитетното производство на градинарски расад. Тоа беше вистинска школа за расадопроизводство. Сѐ се работеше прецизно со многу знаење. Алајџајков, кој беше голем практичар, ме учеше прецизно до максимум кога и како се прави леа, кое семе кога се сее… Извонредно. Патувањето продолжи во Охрид, но туристички, па потоа следуваа Дебар и Гостивар. Стигнав во Скопје со убави впечатоци од пријателски настроениот народ. Но научив и за многу земјоделски култури што во тоа време не се одгледуваа овде во Војводина, а некои не се огледуваат ни сега. Моите врски со Македонија продолжија до ден-денешен. Многу југословенски и меѓународни собири за градинарство ги одржувавме во Македонија. Првите предавања во врска со органското производство на Земјоделскиот факултет во Скопје, сега Факултет за земјоделски науки и храна, ги одржав јас. Ова што сега ви го раскажувам е една топла приказна за пријателството. Нема вистинска соработка што дава квалитетни резултати доколку нема вистинско пријателство.
Коавторка сте на првата југословенска сорта на кромид – купусински јабучар. Како дојдовте до креирањето на оваа сорта и колку сте задоволна од степенот на нејзината употребливост?
– Со колегата Васиќ од Смедеревска Паланка дојдовме до создавање на новата сорта кромид купусински јабучар. А како дојде до тоа? Во мојот дом тогаш, јас бев опседната со географски карти. На сите ѕидови висеа географски карти, а јас разгледував во кој регион која култура се одгледува. Го открив местото Купусина во близината на Сомбор, познато по одгледувањето кромид. Професорот Васиќ работеше многу практично иако научно не се занимаваше со кромидот. Беше вистински градинар. Тој ме поддржа и ми помогна. Во моето научно истражување ми помогнаа материјалите што ми ги испратија проф д-р Лазар Алаџајков од Земјоделскиот факултет во Скопје и професорката Паула Павлек од Загреб, но најмногу стручна помош добив од Русија, од Тимиријазевската акдемија на науките, благодарение на професорката и народен херој Марина Алексеева, биолог на Катедрата на биологија и ботаника, чија специјалност беше кромидот.
Вие прва на овие простори почнувате со научно истражување и воведување на органското производство и во науката и во праксата. Какви беа почетоците и до која фаза е стигнат развојот на органското производство во Србија и во регионов?
– Органското производство го воведов во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Сето тоа започна благодарение на мојата иницијатива, која беше прифатена од повеќе невладини организации или формални и неформални здруженија на граѓани. Благодарение на заедничката работа се оформија и првите органски градини. Кога научно го воведов органското производство и стана моја област на истражување, тоа наиде на голем отпор. Покрај сиот тој отпор, заедно со моите колеги и моите соработници опстоивме и благодарение на истрајноста Нови Сад е град што има одржлив акциски план во врска со органското производство, имавме пазар на органски производи, а сега имаме и улица на органските производители на пазарот. Сите тие производители се ученици што ја поминале нашата органска школа.
Заедно со ваши колеги и тим од лекари и производители работите на нов проект. За што поточно станува збор?
Станува збор за нов интердисциплинарен проект што ги поврзува лекарите, луѓето што се занимаваат со лековити растенија и производителите, односно градинарите, наречен „Хортикултура на здравјето“. Тоа е нова производствена технологија што покажува како на одредено место треба да се насадат одредени растенија, кои пријатно и терапевтски ќе му влијаат на човекот. Живееме во време кога сите се нервозни, нема пријателство, нема љубов. Па во вашата градина од сто квадратни метри во која може да се произведе храна за четиричлено семејство може да имате катче каде што ќе засадите одредени лековити и ароматични растенија што ќе влијаат, да речеме на вашата психичка смиреност. Да речеме, ќе насадите смил, потоа лаванда, ќе посадите брзорастечко дрво или грмушка, и една клупа со потпирачка, а покрај неа власец, чери-домати. Крај секоја патека невен, џунџуле… Само неколку квадратни метри може да му ја вратат енергијата на исцрпениот, смиреноста на вознемирениот… Ваквиот начин на распоред на растенијата, пак, помага тие меѓусебно да се штитат. На пример, зелката ги штити доматите, а тие ја штитат неа. Тоа е соживотот на растенијата, кој се рефлектира врз животот на луѓето и обратно. И добро е да знаете дека само старите сорти ги имаат своите карактеристични мириси што помагаат во заштитата. Новите сорти и хибридите ги немаат тие својства. Придобивките се сѐ поголеми со поголемото знаење кај луѓето во врска со градинарењето, меѓутоа не школското знаење, туку знаењето стекнато со длабоко размислување. Еден е нашиот мисловен дел, а другиот дел е нашиот физикус. Тие два дела мора да бидат во рамнотежа. Целта на животот е преку контактот со природата да ја пронајдеме таа рамнотежа, а тоа го овозможува органското производство, односно биоградината.