Фото: Маја Јаневска-Илиева

Застрашувачки, експертите очекуваат трошоците предизвикани од сајбер-нападите до 2025 година да пораснат на 10,5 трилиони долари. Државите во Европа и пошироко сѐ уште не успеаја да најдат успешен начин за да се заштитат од овој вид напади, кои покажаа дека претставуваат едно сосема ново ниво на војна, во која противникот речиси секогаш останува анонимен

Специјалните хибридни војни како сложен микс од мноштво агресорски методи

Факт е дека сајбер-нападите се сѐ почести. Со напредокот на модерната технологија и многубројните придобивки од нејзиното користење, се зголеми и бројот на луѓе што се обидуваат да ја искористат негативната страна од технолошките придобивки, злоупотребувајќи ги сите корисници на глобалната интернет-мрежа. Кога ќе се случи еден сајбер-напад, тој може да има опсежен импакт. На пример, кога ќе се изврши агресија на една компанија или институција, тоа не влијае само на нејзината работа туку и на нејзините корисници, соработници, па и многу повеќе. Застрашувачки, експертите очекуваат трошоците предизвикани од сајбер-нападите до 2025 година да пораснат на 10,5 трилиони долари.
Неодамнешниот сајбер-напад на Фондот за здравствено осигурување, во кој неколку недели осигурениците воопшто не можеа да земат лекови или пак да добијат рецепт, а вработените во здравствениот сектор не можеа да добијат исплата на плати, покажа дека сајбер-нападите и тоа како можат цела една држава да ја стават на колена. За жал, овој сајбер-напад не е прв, а не е ниту последен во земјава и во светот. Државите во Европа и пошироко сѐ уште не успеаја да најдат успешен начин за да се заштитат од овој вид напади, кои покажаа дека претставуваат едно сосема ново ниво на војна, во која противникот речиси секогаш останува анонимен.
Оттука, се поставува прашањето кои се најголемите сајбер-напади што оставиле посебен белег во оваа гранка на криминологијата во светот, но и во земјава?

НАЈГОЛЕМИТЕ САЈБЕР-НАПАДИ ВО СВЕТОТ

Еден од најголемите сајбер-напади што ги бележи историјата е вирусот „Мелиса“, создаден во 1999 година од страна на програмерот Дејвид Ли Смит. На корисниците им испратил датотека што требало да ја отворат со „Мајкрософт Ворд“, што водело кон вирус. Откако корисниците ќе ја отвореле датотеката, вирусот предизвикувал повеќе штети на компјутерите на илјадници компании, вклучувајќи го и самиот „Мајкрософот“. Штетата од овој сајбер-напад изнесувала 80 милиони долари, и тоа само за поправка на оштетените системи.
Во 1999 година, петнаесетгодишното момче Џејмс Џонатан успеа да влезе во системот на НАСА. Тој го хакира и ги исклучи компјутерите на вселенската агенција во времетраење од 21 ден.
Во април 2007 година, Естонија беше првата земја што искуси сајбер-напад на цела држава. За време на нападот беа исклучени 58 естонски интернет-страници, вклучувајќи ја и владината, страниците на сите банки беа недостапни, како и интернет-страниците на медиумите.
Со сајбер-напад се соочи и мрежата на „Сони плејстејшн“, во април 2011 година. Сајбер-нападот предизвика компромитирање на лични информации на повеќе од 77 милиони корисници.
Многумина од нас го користат „Адоб ридер“ за да можат да отворат ПДФ. Оваа апликација е една од најкористените во светот и токму затоа компанијата е цел на сајбер-напади. Во еден таков напад, личните информации на 2,9 милиони корисници беа компромитирани, а подоцна се испостави дека бројката пораснала на 38 милиони. Од компанијата потврдија дека лозинките и информациите за кредитните картички на 2,9 милиони корисници завршиле во рацете на сајбер-криминалците. Како и да е, преостанатите 35,1 милиони корисници секако ги изгубија своите лозинки и кориснички податоци.
И имејл-платформите се доста атрактивни за сајбер-напаѓачите, бидејќи токму тука се најатрактивните податоци што би им донеле голема популарност или финансиска заработка.
Во времето кога „Јаху“ беше една од најатрактивните платформи за имејл-адреси, компанијата го доживеа и најголемиот сајбер-напад. Во 2014 година повеќе од 500 милиони профили беа компромитирани. За време на нападот, основните информации и лозинки беа украдени, како и банкарски податоци од приватните корисници.
Во 2015 година Украина го доживеа првиот сајбер-напад врз електродистрибуцијата. Како резултат на нападот, половина од домаќинствата во регионот Ивано-Франкивск останаа без електрична енергија неколку часа.
Светот во 2017 година го доживеа најголемиот сајбер-напад реализиран со помош на вирус. Овој напад погоди повеќе од 200 илјади компјутери на приватни и службени корисници во повеќе од 150 држави низ светот. Вирусот имаше огромно влијание врз голем број индустрии со глобален трошок од околу шест билиони фунти за санирање на штетите од нападот.
И хотелите, особено оние што остваруваат добра заработка и имаат високо реноме, се цел на сајбер-напаѓачите. Па така, во 2018 година, синџирот хотели „Мериот“ и „Старвод“ открија дека им се случува сајбер-напад, кој траел неколку години претходно. До денот кога откриле, сајбер-напаѓачите им направиле огромна штета, компромитирајќи ги личните податоци на 339 милиони гости што биле во нивните хотели. Штетата што мораше да биде платена изнесуваше 18,4 милиони фунти.
Во јуни 2021 година светот посведочи на најголемиот сајбер-напад во кој лозинките на 8,4 билиони корисници беа компромитирани во сајбер-нападот наречен „Рок ју 2021“. Тоа е всушност и најголемите напад по претходниот на истата компанија, реализиран во 2009 година, кога беа компромитирани32 милиони профили.

СЀ ПОЧЕСТИ САЈБЕР-НАПАДИТЕ И ВО МАКЕДОНИЈА

Освен последните хакерски напади на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, земјава и во минатото беше честа цел на сајбер-напади.
Кон крајот на минатата година беше хакиран сајтот на Бирото за јавни набавки. Иако навидум изгледаше како хакерски напад, всушност во заднината на интернет-страницата на бирото се копаа криптовалути.
Во септември минатата година, пак, во сајбер-напад беше погоден електронскиот систем на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во овој напад, напаѓачите дешифрираа податоци од документи за кои бараа откуп. При нападот беше онеспособена и работата на Министерството. Одговорноста за нападот ја презеде хакерската група „Блек бјут“.
Нападнати беа и интернет-страниците на Владата и Министерството за образование и наука. На нивните веб-сајтови, наместо стандардната содржина, хакерите имаа прикачено разни линкови на кои се продаваат чанти, патики и гардероба.
Одговорни за нападите на МОН беа хакери од Грција, „Нетвачерс“.
На почетокот на минатата година цел на сајбер-напади беа и банките во земјава. Народната банка истакна дека како резултат на ДдоС-напад бил отежнат и блокиран пристапот до веб-страницата на банката и на преостанатите банки во земјава. Овие напади се едни од најопасните.
Последниот напад на ФЗОМ беше реализиран со помош на „рансомвер“, што според ИТ-експертите претставува програма што ги шифрира податоците на компјутерот правејќи ги неупотребливи, бидејќи корисниците не ги разбираат и не можат воопшто да ги користат. Во таквите напади, вообичаено, хакерите бараат откуп за да ги вратат во првобитна состојба. За овој хакерски напад, хакерската група бараше откуп на податоците во криптовалути.
Според нив, најчесто постојат напади од држава на држава, спонзорирани од една држава и приватни напади. Првите се реализираат од земја на земја, додека вторите се реализираат затскриено, односно земјата иницијатор не сака да биде откриена. Третите напади, пак, се реализираат за остварување финансиски придобивки.
Македонските власти овие напади ги окарактеризираа како хибридна војна.
По сите овие напади, Македонскиот национален центар за одговор на компјутерски инциденти излезе со препорака за македонските институции да го подигнат степенот на сајбер-безбедност поради зголемувањето на сајбер-нападите.
Цел на хакерски напади изминатиот период беа и балканските земји, а некои од нив, како и нашата, сѐ уште се справуваат со последиците од нападите.

[email protected]