Фото: ЕПА

Македонските иселеници, од кои најголем број се на работа во земјите од Унијата, минатата година преку девизни дознаки испратиле 350,24 милиони евра, што е за шест милиони евра повеќе во споредба со 2021 година. Важна улога има и високата инфлација, а тоа значи дека иселениците испраќаат поголема парична поддршка за членовите од семејството во услови на пораст на цените

Триста и педесет милиони евра испратиле лани нашите иселеници од странство во Македонија

Зголемените животни трошоци на жителите на Европската Унија, поради енергетската криза и високата инфлација, не влијаеле на намалување на девизните трансфери на иселениците што ги испратиле во своите матични земји. Македонските иселеници, од кои најголем број се на работа во земјите од Унијата, минатата година преку девизни дознаки испратиле 350,24 милиони евра, што е за шест милиони евра повеќе во споредба со 2021 година. Во 2019 година, пред да се јави пандемијата со коронавирусот, девизните дознаки изнесувале 229,22 милиони евра, а од оваа година тие бележат позитивен тренд. Вкупните приливи на девизи од странство, со дознаките и приливите од менувачките работи, минатата година изнесувале 1.980 милиони евра, во однос на 1.523 милиони евра во 2021 година.
Девизните дознаки од иселениците и лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија. Покрај тоа што дознаките се значаен дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата, кои го подобруваат нивниот животен стандард, тие имаат и пошироко макроекономско значење, зголемувајќи го девизниот потенцијал на економијата. Дознаките се битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат за одржување низок дефицит на тековната сметка. Сумата што нашите иселеници ја испраќаат за своите роднини и блиски во Македонија претставува и значаен „инвестициски“ потенцијал. Девизите од печалбарите ги надминуваат и годишните износи на странските директни инвестиции. Поради неповолната социјална слика во земјата, со децении овие девизни приливи се користат за покривање на „дупките“ во домашните буџети. Тоа го покажуваат и анкетите на Народната банка за приватните трансфери, кои покажуваат дека најголем дел од овие приливи или околу 80 отсто се наменети за покривање на тековната и лична потрошувачка на граѓаните во Македонија.

– Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат и втора најзначајна компонента на реалниот расположлив доход. По масата на плати, околу една четвртина од расположливиот доход на населението е од средствата од иселениците – објаснуваат од Централната банка.
Но и покрај тоа, од досегашните анализи во одредени периоди може да се забележи дека има „поврзаност“ меѓу трендот на стапките на промена на приливите со дознаки од иселениците во странство и позитивните економски трендови во земјата. Ова од причина што некои од семејствата на иселениците одлучуваат да вложат и во обновување на своите домови или во купување нови недвижности или почнување мали локални бизниси, со што се влијае и на растот на БДП. За какви цели се трошат девизните приливи од иселениците, во голема мера зависи од деловната клима во земјата.
Во редовните финансиски извештаи на меѓународните финансиски институции индивидуалните банкарски дознаки во земјите во развој претставуваат значаен извор на недолжничко финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во 2021 година сумите на личните трансфери од жителите на Европската Унија во земји што не се членки на Унијата изнесувале 37,7 милијарди евра, што е повеќе од 11 отсто од претходната година, а во 2020 година изнесувале 34 милијарди евра. Паричните одливи надвор од ЕУ покажуваат растечки тренд уште од 2015 година и тие се зголемени за 47 отсто во 2021 година, што претставува повеќе од еден отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП), во Хрватска (2,7 отсто од БДП), Бугарија (1,6 отсто), Романија (1,5 отсто).
За Македонија приватните дознаки претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето-прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2021, изнесуваат околу 14 проценти од БДП, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот. Земјите од регионот што имаат поголема дијаспора остваруваат и повисоки девизни приливи од иселениците. За споредба, во Србија се 1,1 милијарда евра минатата година и тие сочинуваат 10 проценти од нивниот БДП.

Вкупните парични трансфери на иселениците се сметаат за особено важни за економскиот развој на матичната земја и нивната релативна стабилност. Формалните приливи од приватни дознаки во Македонија имаат релативно стабилно учество, но тоа е мало, наспроти учеството на приватните трансфери што се примаат по неформални канали прикажани преку нето-откупената ефектива на менувачкиот пазар што се канализира во банкарскиот сектор. Приватните трансфери по неформални канали бележат постојано стабилно релативно учество во БДП.
Според мислењата на економистите, долгорочно гледано износот на личните трансфери од иселениците со години ќе се намалува, затоа што новите генерации иселеници својата иднина не ја гледаат во нашата земја.
– Единствена можност за попродуктивна употреба на дознаките преку инвестиции се макроекономските услови, пред сѐ во гарантирање на договорите и инвестициите, поефикасното судство и јавна администрација, па до намалувањето на корупцијата и зголемувањето на институционалниот капацитет на нашите доста слаби институции – смета професорот Абдулменаф Беџети.

На одлуката на иселениците за испраќање парични средства во матичната земја влијаат повеќе фактори. Искуството на другите земји во светот покажало дека за разлика од тековите на приватен капитал, паричните трансфери на иселениците се значително повисоки во земјите со повисок кредитен ризик. Имено, нискодоходните земји, од кои потекнуваат најголемиот број иселеници, вообичаено имаат понизок кредитен рејтинг, односно поголем кредитен ризик, генерално поголема невработеност и поголема дијаспора. Како важен фактор е инфлацијата, која има позитивно влијание врз паричните пратки на иселениците. Тоа значи дека иселениците им испраќаат поголема парична поддршка на членовите од семејството во услови на пораст на цените во матичната земја. Исто така, висината на личните трансфери од странство зависи и од економските услови од земјите од каде што се испраќаат девизите, како и од условите за инвестирање во матичните земји на иселениците. М.Ј.