Посакувам да споделиме искуства, да се вмрежиме и заедно да ги направиме училиштата најубавото место за секое дете, но и за секој учител, затоа што, благодарение на нашите учители, и ние денес го чекориме нашиот личен и професионален пат, вели наставничката Весна Бошковска

Во пресрет на шестата конференција на асоцијацијата на најдобри наставници во државите на просторот на некогашна Југославија, „АНН- екс -ЈУ“

„АНН-екс-ЈУ“ (ANN-EX-YU) е асоцијација на најдобрите наставници од поранешните југословенски простори, основана од висококвалитетни образовни лидери наставници, на чело со добитничките на престижната меѓународна награда „Ворлд тичер прајз“ (World Teacher Prize), Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, подготвени да ги препознаат и соберат околу себе сите најдобрите наставници ентузијасти што безусловно вложуваат во образованието на 21 век, верувајќи дека со здружени сили ќе го подобрат и статусот на наставникот во општеството, но во исто време ќе бидат афирмација, мотивација и инспирација за најдобрите наставници да ја променат сликата за образованието во овoj дел од светот.
На секоја конференција на Асоцијацијата се промовираат најдобрите наставници од регионот, при што се споделуваат и афирмираат добри, проверени наставни практики што се реализираат во воспитно-образовната дејност. Признанието најдобар наставник го добиваат наставниците што исполнуваат најмалку 15 од 27 критериуми поставени во апликацијата.
Првата конференција е организирана и одржана во Македонија, во Скопје, во март 2019 година, со учество на најдобрите наставници од регионот, и беа доделени првите признанија сертификати за најдобар наставник на „АНН-екс-ЈУ“. Промовирањето на најдобрите наставници беше проследено со презентирање трудови, панел-дискусии, саем на образованието и голем број креативни работилници, во кои се промовираа добри наставни практики, кои продолжија и на наредните конференции, кои се одржаа во Будва, Белград, Сараево и Требиње… Во Сараево првпат беа промовирани и најдобрите директори од регионот.

Споделување искуства

На конференциите, кои ентузијастички ги организираат членовите на „АНН-екс-ЈУ“ се среќаваат наставници од различни образовни системи, споделуваат искуства и дискутираат за надминување на проблемите со кои се соочува образованието во овој регион. Во тек се подготовките за шестата конференција, која наставниците со радост ја очекуваат, а ќе се одржи во јуни оваа година.
Секој наставник што е носител или аплицира за титулата најдобар наставник, предуслов е да ги исполни поставените високи критериуми. Но во фокусот се ставени креативноста, мотивираноста, инспиративноста и ентузијастичкиот влог на наставникот во неговата секојдневна работа во училиштето и надвор од него.
Наставниците што аплицираат за признанието „најдобар наставник“е потребно перманентно да постигнуваат високи резултати со своите ученици, да имаат добиено награди и признанија за професионален придонес, како на локално, така и на национално ниво. Високо се вреднува доколку наставникот е автор или рецензент, стручен соработник или реализатор на образовни проекти во своето училиште, како и проекти и наставни програми на национално и меѓународно ниво. Исто така, наставникот треба да биде и автор или коавтор на научни и стручни трудови, автор на книги, прирачници, едукативни игри, дидактички материјали и слични активности од областа на образованието. Како што е општо познато, наставникот е вечен ученик, така што секојдневно учи како учесник или слушател или предавач на конференции, трибини,семинари, обуки и панел-дискусии. Но потребно е да умее својата целокупна работа и медиумски да ја промовира, со цел да ги мотивира и инспирира своите колеги. Кога ќе се исполнат сите овие критериуми, успехот е неизбежен.

Заемна поддршка и тимска работа

Во Македонија досега над 30 наставници се закитиле со оваа признание. Верувам дека на следните конференции бројот на наградени наставници уште повеќе ќе се зголемува, бидејќи кај нас постојат навистина многу вредни и успешни едукатори, кои се обидуваат да внесат сериозни промени во образованието тука и во светот.

Но најголемата придобивка за наставниците што учествуваат на конференциите на „АНН-екс-ЈУ“ секако се заемната поддршка, тимската работа, размената на добри образовни практики и искуства, учество во заеднички проекти, односно вмрежувањето во насока на подобро и повреднувано образование, а со самото тоа и на образованиот кадар од сите нивоа на образовниот систем. А, заедно можеме многу повеќе и многу подобро. Затоа, ова мое обраќање нека биде предизвик плус за секој наставник да се вклучи во големото семејство на Асоцијацијата на најдобрите наставници од поранешните југословенски простори.
Во пресрет на шестата конференција, ве поканувам да споделиме искуства, да се вмрежиме и заедно да ги направиме училиштата најубавото место за секое дете, но и за секој учител, затоа што, благодарение на нашите учители, и ние денес го чекориме нашиот личен и професионален пат, секогаш сеќавајќи се барем на еден учител што извршил пресудно влијание во нашите животни одлуки.
Или како што вели Малала Јусуфзаи, која во 2014 година ја доби Нобеловата награда за мир: „Да ги земеме в раце книгите и моливите. Тие ни се најсилното оружје. Едно дете, еден учител, една книга и еден молив можат да го променат светот“.

Весна Бошковска, наставничка, менторка во ООУ,,Кирил Пејчиновиќ“, Скопје


Желба за постојани иновации и напредок

Весна Бошковска со голем ентузијазам веќе 20 години ја реализира својата визија за успешно образование и воспитание на учениците, за кои вели дека се нејзиниот најголем двигател и мотиватор за континуирано учење и надградување.
– Упорноста, посветеноста, истрајноста и отвореноста кон сè што е ново и интересно за наставниот процес се мој заштитен знак меѓу учениците и колегите. Желбата за подобар, поуспешен и поинтересен систем на работа, мене и моите ученици нѐ води кон постојани иновации и напредок. А кога и со ум и со срце си внесен во процесот од кој гледаш позитивна преобразба кон подобро за сите, успехот е неизбежен. Во мојата современа училница, низ процес на интересни опсервации и истражувања, создавам креативна атмосфера за будење и одржување на љубопитноста на учениците. За мене како наставник е значајно моите ученици да го спознаат животот преку учење и практика, низ другарување, соработка и меѓусебна помош – вели Весна Бошковска.
За неа, многубројните успешни и задоволни генерации ученици и родители се потврда дека тоа е вистинскиот пат за усвојување трајни знаења и стекнување навики и вештини за справување со сите предизвици што им ги носи понатамошното образование, но и животот воопшто на учениците.