Во нашата претстава, инспирирана по Аристофановите мотиви, со средствата на иронијата создаваме жени создадени од жените со став и коментар, но до апсурд, така што креираните „жени од жени“ ги претставуваат донекаде и стереотипите или генерализацијата на жената создадена од (светогледот на) маж, вели Крајчевска

Билјана Крајчевска, драматург

Колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, од друга страна постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како тема, која е прашање на родот и на неговата сила, вели Билјана Крајчевска, драматург на најновата претстава на „Театар комедија“ – „Жени во собрание“. Станува збор за комедија работена според истоимениот текст на античкиот комедиограф Аристофан, во препев на Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа, а во режија на Ќендрим Ријани.

Како изгледа моќната жена во вашата претстава?
– „Немаме урнек за тоа како треба да изгледа моќна жена, освен дека треба да изгледа некако како маж. Правилата подразбираат често носење панталони и продлабочување на тонот на гласот – да се направи жената да изгледа повеќе како маж. И така да се вклопи во сликата за моќ (Л. Ф. – Медуза)“. Затоа си зедовме за право да создадеме претстава со гротескни слики што произлегуваат од секојдневието и, всушност, го предизвикуваат: од позиција на моќ до колективна и лична неодговорност, од филозофија и политика до литература и уметност, до „едноставната“ позиција на жената во семејството и да раскажеме приказни за уште многу други работи.
Како се одвиваше процесот на драматизација на „Жени во собрание“ од Аристофан, која мисла ве водеше?
– Нема што да си „замислуваме“ – сите големи прашања се поставени токму во антиката и се исфрлени „одговори“ како големи иронии, кои до ден-денес во театарот ги рециклираме на различни начини и во други околности. Така, и „Жени во народно собрание“ на Аристофан преживува со векови и стигнува до нашето секојдневие, а зошто сѐ уште ние се занимаваме (и што ја предизвика нашата уметничка екипа предводена од Ќендрим Ријани) се самите теми што тој, Аристофан, ги поставува (во креирањето на позицијата на моќта преку иронизирање на Платоновата држава) нивната идеолошка и политичка заднина. Во нашата претстава, инспирирана по Аристофановите мотиви, со средствата на иронијата создаваме жени создадени од жените со став и коментар, но до апсурд, така што креираните „жени од жени“ ги претставуваат до некаде и стереотипите или генерализацијата на жената создадена од (светогледот на) маж.
Тешко ли беше времето на Аристофан да се пренесе во сегашното време?
– Значи овде не кокетираме со терминологијата на „феминизмот“, ниту пак Аристофановите жени и или кои било старогрчки хероини, кои (за жал) не се примери што треба да се следат и каде што комичното е всушност (што ако) жените се на позиција на моќ; туку во овој тип современа драматургија се испишуваат текстови што се фокусираат на сексуалноста, образованието, медиумите, уметноста, непрекинато укажувајќи на различните системи и форми на угнетување на жената – но не и начините на кои тие можат да се победат и надминат, тоа го оставаме можеби како одговор кај секој гледач поединечно. Како таа патријархална доминација над жените и мажите, девојките и момчињата може да се спречи. Оваа драматургија пречитува одново – од контекст што носи со себе посебен однос на позициите на жените во власта, почнувајќи од времето (антиката) кога жените немале формална политичка моќ и права и бил смешен „упадот во Собрание“, па сѐ до оние движења во кои носечките улоги и позиции што жените ги преземаат во државата – повторно се портретирани како „моќ на деструкција“

Претставата се занимава со законот што им забранува жените да работат… Каков приказ сакавте да дадете на родовите прашања?
– Еднострано е да се чита претставата само преку родовото прашање, бидејќи тоа е само една од темите со кои се занимава оваа претстава, и токму заради широчината на теми со кои распространува претставата се обраќа на повеќе нивоа и на широк аудиториум. Затоа не е едноставно да се чита само преку (родовото) тоа прашање.
На интересен начин ја оживеавте античката комедија во која за секоја жена обезбедивте место, секоја да може да се пронајде. Лесно ли одеше обликувањето на ликовите?
– Ликовите се обликувани токму преку „матрицата“ што Аристофан сам ја нуди во изворникот, односно во предлошката, по која е изведен и конечниот текст, а самиот процес на создавање на текстот беше во директна комуникација и соработка со актерите под насока на режисерот, сѐ со цел да се пласира, создаде, и да се изведе авторски и уметнички оригинален драмски текст што ќе се однесува и ќе го третира нашето секојдневие.
Аристофан датира од многу поразлично време од денешното, а темата е вечно актуелна. На што ја припишувате перманентната борба на жените за своето достојно место во општеството?
– Перманентната борба е исто така една ригидна дефиниција, мислам дека одамна, како што пишувам во самиот памфлет на претставата, е банално да се зборува за позицијата на жената во власта, но е неопходно и таа неопходност повеќе би ја поврзала со некои минати традиции, но и со некои сегашни позиции на жената што ги има во одредени таканаречени демократски општества, вклучувајќи го и нашето. Ова најмногу се однесува на социјално-економскиот систем, кој е базиран на забранет пристап на материјални и социјални ресурси и поделбата на трудот – каде што еднаквоста ќе биде секогаш лимитирана (А. Готби). Така и некако ни почна претставата со фиктивен и алузивен закон со кој „на сите жени им се одзема правото на работа.“ (Оттаму почнуваат различни интерпретации – што точно значи тоа, која е нејзината улога – без оглед на возраста и социоекономскиот статус итн.)
Дали доколку владеат жените, ќе имаме похумани општества?
– Жената во континуитет го создава општеството. Јас не сакам да верувам ниту да помислам на тоа дека таа нешто „досоздава“. Таа самата е креатор за почеток, така што нејзиното перманентно учество не верувам дека радикално би се сменило, но позицијата на моќта би ја потенцирала важноста насочена на општествената трансформација – ослободување од моделите на сексистичките улоги, од доминации и моќ, од ропство кон слобода и од „без љубов кон љубов“ како единствен начин на кој постигнувањето еднаквост може да стане можна.
Омилена реплика?
– „Нема што да размислуваме! Јас сум од одма ЗА!“