Сашо Додевски
Во македонската јавност, во светлина на актуелните случувања, многу често се користат изразите „историска вистина“, „светска историографија“, „историски докази и факти“. Првата лекција што ја учат историчарите како истражувачи на минатото е дека не постои апсолутна, вистинска, единствена и трајна „историска вистина“. Постојат волја, обид, посветеност, настојување и работа за доближување до „историската вистина“. Има тенденција „светската историографија“ да се прикаже, предимензионирано да се претстави како најобјективна, најрелевантна, највистинска, единствена и безгрешна. „Историските факти и докази“ како нешто трајно и непроменливо. Но историјата не е само фактографија, историјата е процес. За многу историски процеси, настани, случувања, прашања во „светската историографија“ од антиката до денес, постојат сериозни недоразбирања, несогласувања, дебати и полемики, нема една „историска вистина“, т.е. постои состојба на судир на „историски вистини“.
Што е „историска вистина“, „светска историографија“, „историски докази и факти“ за тоа како се направени египетските пирамиди во Гиза или каде се наоѓа гробот на Александар Трети Македонски? Оттогаш, па сѐ до процесите и настаните од современата историја „историските вистини“ се многубројни и различни. Кој е виновникот и зошто се случила Првата светска војна? Секој има своја „историска вистина“: Французите, Британците, Германците, Италијанците, Австријците, Унгарците и Русите. Многу тешко некој од споменативе историографии ќе каже „историска вистина“ т.е. дека тие се виновници и дека поради нив почнала Првата светска војна. Француската, британската и германската историографија имаат различна „историска вистина“ за Версајскиот договор (иако Французите и Британците се негови главни креатори). Француската историографија многу тешко ќе каже дека француската политика и дипломатија со „строгото казнување“ на Германија со Версајскиот договор е виновник т.е. придонесува за појавата и ширењето на нацизмот во Германија, доаѓањето на Адолф Хитлер на власт (токму поради Версајскиот диктат), што понатаму ќе доведе до Втората светска војна. Турската историографија има своја „историска вистина“ за случувањата со Ерменците (геноцид или не) во Првата светска војна наспроти „историска вистина“ на западната историографија. Која е италијанската „историска вистина“ за територијалните прашања за Јадранот, Далмација, Истра, Медитеранот, според тајниот лондонски договор од април 1915 година, наспроти француската и британската историографија? Западната и руската историографија имаат различна „историска вистина“ за пактот Рибентроп – Молотов од август 1939 година и неговото влијание за почетокот на Втората светска војна. Полската историографија има своја „историска вистина“ за настаните од септември 1939 година, (окупацијата и поделбата на Полска) наспроти руската историографија, која има спротивна „историска вистина“. Дали се исти полската и германската „историска вистина“ за Втората светска војна? Историографијата на балтичките, како и на кавкаските држави има своја „историска вистина“ за настаните од времето на СССР наспроти „историската вистина“ на Русите. Чешката историографија има своја „историска вистина“ за Минхенскиот договор од септември 1938 година и уништувањето на чехословачката држава.
Унгарската историографија има своја „историска вистина“ за голема Унгарија. Што велат француската и германската историографија и „историската вистина“ за тоа на што се должи брзиот колапс на западните сојузнички армии во воените дејства во Франција во мај/јуни 1940 година – дали на успехот на молскавичната војна (блицкриг) и надмоќноста на германската армија или на слабата организација и одбрана на француските сили? Што е „историска вистина“ за пресвртот во Втората светска војна – битката кај Сталинград или битката кај Ел Аламејн? Кинеската и јапонската историографија имаат различни „историски вистини“ за јапонската агресија во Кина, а особено за настаните (геноцид, колеж или инцидент) во Нанкинг во 1937/1938 година (и таму работи јапонско-кинеска историска комисија). Кинеската историографија има своја „историска вистина“ за Тибет и за Тајван наспроти „светската историографија“. Има ли една „историска вистина“ во САД за односот на „белиот човек“ кон домородните Индијанци и Афроамериканците? Која е американската „историска вистина“ за Перл Харбор? Има ли една „историска вистина“ во САД и во државите од Латинска Америка за улогата на САД таму во текот на Студената војна? Дали е иста јапонската и американската „историска вистина“ за Хирошима и Нагасаки? Дали е иста американската и виетнамската „историска вистина“ за виетнамската војна? Колку „историски вистини“ има за судирот во Кореја? Западната и руската историографија имаат своја „историска вистина“ за тоа кој е виновникот и зошто се случи Студената војна. Западната и руската историографија имаат своја „историска вистина“ за формирањето на т.н. источен комунистички блок во Европа по Втората светска војна. Иста ли е историографијата на државите од источниот комунистички блок и руската историографија за улогата на СССР таму за време на Студената војна? Западната и руската историографија имаат своја „историска вистина“ за тоа како се случи крајот на Студената војна и како и зошто дојде до ширењето на НАТО кон исток. Историографијата на арапските држави има своја „историска вистина“, која е спротивна на француската и британската за нивната улога во случувањата на Блискиот Исток од и по Првата светска војна, со влијание до денес. Арапите и Израелците имаат различна „историска вистина“ за Палестина. Руската и јапонската историографија имаат своја „историска вистина“ за Далечниот Исток, Сахалин и Курилските Острови. Индиската и пакистанската историографија имаат своја „историска вистина“ за Кашмир и спорот за меѓудржавната граница.
„Историската вистина“ за колонијализмот, ропството и деколонизацијата на африканските држави е различна од „историската вистина“ на нивните поранешни колонијални управители Франција, Велика Британија, Белгија, Португалија, Шпанија, Германија, Италија… Нема една „историска вистина“ за кралска и социјалистичка Југославија. Колку „историски вистини“ има за Јосип Броз Тито? Српската и бошњачката „историска вистина“ за војната во Босна и Херцеговина и за Сребреница се различни. Хрватската и српската „историска вистина“ за настаните 1991-1995 година се различни. Албанската и српската „историска вистина“ за Косово се различни итн.
Во таа насока, исклучок не претставува и историјата на Македонија каде што исто така постои судир на „историски вистини“. Нема една „историска вистина“ за Македонија, туку повеќе „вистини“. Има грчка, бугарска, српска, албанска, што не е спорно и не е проблем. Проблемот е тоа што овие „историски вистини“ се сметаат за единствени и вистински и што не се дозволува да има или да се проблематизира постоењето на македонска „историска вистина“ за Македонија, која е различна од нивната и истата таа се доживува и перцепира како „лага и фалсификат“.
Авторот е универзитетски професор по современа светска историја