Најпрвин неколку реда за објективностa. „Тоа што навистина се случи во војната, не можев да си дозволам да го запишам ниту од изјавите на првиот што го сретнав, ниту пак според моето мислење, туку детално ги испитував личните доживувања и информациите на други. Ова истражување беше напорно, бидејќи сведоците на одделни настани не кажуваа исто за исти работи, туку според расположението или сеќавањето“.
Во историјата на Пелопонеската војна, Тукидит (460 – 396) со цитираните зборови, пред околу 2.400 години, се осврна на проблем за кој до денес жестоко се дискутира во новинарството – дали е можно реалноста да се прикаже објективно. Поимот објективност во литературата се однесува на односот меѓу новинарските изјави и реалноста. Објективноста, како што е прикажана многу наивно во германскиот „Речник за масовни комуникации и медиумски истражувања“ (1982), е „претставување на реалноста онаква каква што е“. Меѓутоа, не се дава одговор на прашањето според кои критериуми се одлучува за правилноста на претставувањето.
Уште Тукидит дошол до заклучок дека различни очевидци што набљудувале некој настан, различно го сознаваат и опишуваат. Централното место во публицистиката, во новинарството му припаѓа на поимот објективност. Публицистичката објективност притоа се однесува на квалитетот на новинарскиот производ. Но, покрај тоа, овој поим се употребува за да се означи една новинарска норма, која бара одредени начини на однесување. Наспроти тоа, поимот одмереност, кој се бара во однос на известувањето, се однесува на целокупната содржина на еден медиум, на интересите што постојат во едно општество, кои во рамките на еден ист медиум конкурираат во борбата за јавното мнение. Во една таква борба за јавноста, во која самиот медиум треба да остане неутрален, постои опасност да се добие единствено одмереност (баланс) на веќе етаблираните интереси.
Зголемувањето на гледаноста е врвен мотивирачки фактор на медиумите – за да се грабне од рекламниот колач. Рејтинзите се постојана ноќна мора на извршните уредници. Тука веќе не се одбираат средства и методи – од бомбастично вметнување содржини од (нај)црна хроника, рекламирање и најава на програми и производи во глобалните драматуршки шпицови и во најинтересните делови од популарните серии, филмовите и емисиите, до познатиот трик – рекламите да имаат повисоко ниво на тон од редовните програми, што е редовна установена појава. Гледалиштето, читателите, корисниците партиципиенти на бескрајот на социјалните мрежи и вмрежувања се привлекуваат (и навлекуваат) со сензационалистички полувистини – (откриена гробница на Александар Македонски, два-тројца или не знам колку мртви, уапсен овој или оној – колку поцрно, толку посензационално и подобро). Многу курентна е политичката пропаганда, со пласирање ставови и контраставови приспособени на политичката инклинација на медиумот. Веќе сѐ е или политика или длабоко поврзано со неа.
Во таквиот амбиент, македонските електронски медиуми се претворени во цензура на појасите на слободната волја, преплавени со невкусни бакалски чинови, кои атакуваат врз сетилата или се вид агресивна меѓусебна бакалска пресметка на политичките пропаганди, низ бескрајни анализи, дебати, објави без елементарен медиумски бонтон, при што на гледалиштето, читателите и партиципиентите на социјалните мрежи им е отежната и оневозможена врската со реалноста и им е стеснето и узурпирано легитимното право на ползување вистинска информација, забава, образование, естетска виртуелна наслада. Телевизиската понуда е еклатантен пример на „ниска уметност“ и забава, која претежно е условена од економското устројство на мрежата, но и сензационализам, кој може да се подведе под жанрот „некрофилски журнализам“.
Авторегулацијата (која ја препорачуваат европските медиумски авторитети) за заштита на гледачите (но и новинарите), во состојба на изострена медиумска војна, поради величината на влогот и интересите, но и хиперпродукцијата на медиуми и новинари, е речиси невозможна поради отсуство на мера за етичност, но и регулатива (правно издржани мерила и норми) – што, кога и како може да се пласира како информација. Станува збор за способност за избор и уредување на сегментот вести и информативните појаси во македонските медиумите, со етички норми запишани во кодексот на новинарството, туку и со критериуми детерминирани од елементарни социјално-структурни фактори. Вака вестите и информациите во основа не се ништо друго освен, повеќе или помалку, интуитивни претпоставки на новинарите во зоната на „псевдостварноста“ произведени како субјективна перцепција за тој свет и како конјунктурна содржина што ја интересира целната група, односно за она што ќе го привлече вниманието на публиката.
Неговото височество, консументот, гледачот, читателот, во поново време активни учесници во медиумскиот бескрај, со притисок на копчето на далечинскиот управувач, со тастатурата пред себе, можноста активно да се вклучи во дискусиите, дебатите, во извесна смисла го гради рејтингот на медиумот, но и одлучува за судбината на уредникот и новинарот. Таа сфера уште долго ќе биде полигон за пропагандни политички активности, хибридни дејства – а другата страна без моќ и начин да добие содржини што ги бара и заслужува.
Аљоша Симјановски