Фото: Игор Бансколиев

Легитимно прашање на јавноста, при потенцијална реконструкција на Владата, е всушност каков нов квалитет ќе им понуди на граѓаните таквата промена. Односно, колку ќе биде проширен капацитетот на претпоставениот нов владин состав во одделните ресори, со колку знаење и вештини располагаат новите човечки ресурси и колку истите тие поединечно, а и сите заедно ќе се вложат да ги решат старите, дотогаш нерешливи проблеми. Наедно, имаат ли визија и решенија за очигледните, нови претстојни предизвици што ги загрижуваат граѓаните, стопанството и државата во целост. Дали во понудените план и програма (на новите членови за егзекутивата што долго се синхронизираа со постојната програма) постојат предлог-решенија со чие прифаќање ќе се надминат состојбите на општествена и институционална вкочанетост?

Народот да не биде само навивач во политичката арена за тоа кој ќе биде дел од државното управување и владеење

Навидум ставени во втор план на интересот на јавноста поради преокупираноста со наметнатите проблеми од Софија, преговорите за реконструкција на Владата, со нов коалициски партнер, Алијанса за Албанците, наближуваат кон „среќен крај“ – за партиите учеснички во процесот. Сепак, до самиот крај, некои од партнерите во актуелниот владин состав (Алтернатива) оставаат простор за „изненадување“ со зачин-размислувањето за излегување од Владата. Тие се незадоволни од барањата за отстапување на веќе стекнатите позиции, а и од опозицијата мистериозно најавуваат некаков неочекуван пресврт во операцијата за создавање ново парламентарно мнозинство… Но во целата променлива динамика и реторика на партиите во процесот на договарање за ново владино мнозинство, забележлива е речиси целосна индискреција во битката сведена исклучиво – на партиските интереси!

Усогласувањето на програмските цели предизвикало застој во преговорите и договорите?!

Како своевидно оправдување пред јавноста за застојот во преговорите, во една ситуација беше наведено „усогласување на програмските цели“ на актуелните владини партнери со новиот потенцијален партнер. Исто така, во ниеден момент не беше споменат и „интересот на граѓаните“. Симптоматично во целата ситуација е што, освен различните информации за договорени, па предоговорени функции и позиции во Владата, немаше изјави каде се усогласиле или разишле во програмските определби.
– Партиите за коалиција полесно се договараат за програмските определби, зашто за нив нема ниту рок ниту обврска за спроведување, за разлика од министрите и директорите, кои функцијата ја преземаат наредниот ден по изборот. Одамна во Македонија, во мотивите на партиите за учество во власта, не е приоритет интересот на граѓаните. Според сите декларативни заложби на политичарите во земјава, а и укажувањата на странските дипломати, примарниот интерес на граѓаните во мигов е борбата против корупцијата. Како и да се реконструира Владата, кој и да влезе, кој и да излезе, нема да има капацитет за борба против корупцијата. Мотивот за оваа реконструкција, само опстојување на досегашните коалициски партнери на власт, логички ја исклучува борбата против корупцијата. Навистина, од Алијанса за Албанците досега немале можност да бидат корумпирани, бидејќи не биле дел од власта. Но нивниот мотив за партиципирање во Владата, една година пред редовните избори е чисто прагматична. Јасно е дека сите гласачи на ДУИ, најголемиот коалициски партнер во Владата од албанскиот блок, се всушност буџетски корисници. Од друга страна, се покажа дека Алијанса за Албанците на последните локални избори изгуби многу гласови, а во Тетово не успеа да освои ниту едно советничко место. Влезот во Владата и добивање позиции и работни места за своето членство е прагматичната цел на Алијанса за Албанците за враќање и стабилизирање на гласачкото тело. Во таков контекст, изјавите дека создавањето ново мнозинство е во интерес на некаков „обединет европски фронт“ се во голема мера лицемерни. Таков фронт, кој пред сѐ подразбира борба против корупцијата, не можат да прават оние што 20 години го крадат народот – вели политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Што добиваат граѓаните од потенцијалната владина реконструкција?

Легитимно прашање на јавноста, при потенцијална реконструкција на Владата, е всушност каков нов квалитет ќе им понуди на граѓаните таквата промена. Односно, колку ќе биде проширен капацитетот на претпоставениот нов владин состав во одделните ресори, со колку знаење и вештини располагаат новите човечки ресурси и колку истите тие поединечно, а и сите заедно ќе се вложат да ги решат старите, дотогаш нерешливи проблеми? Наедно, имаат ли визија и решенија за очигледните, нови претстојни предизвици што ги загрижуваат граѓаните, стопанството и државата во целост? Дали во понудените план и програма (на новите членови за егзекутивата што долго се синхронизираа со постојната програма) постојат предлог-решенија со чие прифаќање ќе се надминат состојбите на општествена и институционална вкочанетост?
– Според најновите регионални статистики, Македонија е држава со најниска просечна плата во регионот, а со најголема инфлација. Странските инвестиции се речиси запрени, а јавниот долг е седум милијарди долари, што претставува опасно висока задолженост, која е меѓу 60 и 70 отсто од БДП. Перцепцијата на корупцијата постојано притиска на ѕвончето за аларм… Во таква општествено- економска состојба, која е видливиот резултат од досегашната работа на актуелната влада, навистина изгледа чудно неразбирлив мотивот на една партија што досега била во опозиција да влезе во владината коалиција. Дури и да има волшебна програма со потенцијал за економска преродба на земјава, тоа не може да го направи во период од една година, колку што има до наредните редовни парламентарни избори. Токму затоа, некако несериозно звучат изјавите за усогласување на партиските концепти, кога до вчера се бркаше парламентарно мнозинство. Во очекуваната реконструктуирана влада со нови коалициски партнери и ново парламентарно мнозинство се прави радикален засек, исклучиво за теснопартиски интереси. Една партиска групација грчевито се бори да ги привлече во еден фронт сите заинтересирани за некое парче од власта, со надеж дека ќе го истурка мандатот. Во целата оваа операција нема никаква грижа за интересот на граѓаните – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.


Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, по завршувањето на седницата на партиското раководство потврди дека неговата партија ќе раководи со три министерства. Според меѓупартиските договори, на АА ѝ припаднале Министерството за здравство и Министерството правда, додека опција за третото министерско место се или Министерството за информатичко општество и администрација или вицепремиер за економски прашања…

Алијанса за Албанците потврди дека станува дел од владината коалиција

По финализирањето на договорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека веќе в понеделник, на 13 февруари, може да се одржи седницата за изборот на новиот владин кабинет.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, по завршувањето на седницата на партиското раководство, во четвртокот вечерта, потврди дека неговата партија ќе раководи со три министерства. Според меѓупартиските договори, на АА ѝ припаднале Министерството за здравство и Министерството правда, додека опција за третото министерско место се или Министерството за информатичко општество и администрација или вицепремиер за економски прашања. Третата позиција во Владата за АА зависи од одлуката на Алтернатива за останување или за излегување од владината коалиција. За Алијанса се резервирани и заменичките министерски места за одбрана и за земјоделство, како и повеќе директорски позиции. Таравари во своето обраќање по партиската седница, сепак, не откри за кои директорски места станува збор. Познато е само дека по формирањето на новата влада треба да се случи и нивното назначувaње.
Влегувањето во Владата на Алијанса за Албанците, истата вечер беше одобрено и од Централниот одбор на СДСМ, кој го овластил претседателот на партијата, Димитар Ковачевски, да ги заврши разговорите и да предложи кадровски решенија.
Според соопштението издадено од партијата, СДСМ смета дека со реконструкцијата за влез на Алијанса се затвора прашањето за предвремени избори.
– Изборите ќе се одржат според планираното во 2024 година, што е добро за стабилноста, за инвеститорите и за економијата. Работите се јасни. СДСМ го задржува бројот на министри како и досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и на европскиот курс на земјата и политичка стабилност – соопштија од СДСМ.