Поранешниот американски потполковник Александар Виндман во својата анализа за магазинот „Форин аферс“ го повикува Вашингтон да не се двоуми што побрзо „да го снабди Киев со сѐ што му е потребно“, затоа што тој е уверен дека „војната на тој начин ќе се доведе до брз крај во полза на Украина“. Во спротивно, доколку снабдувањето со оружје не е брзо и организирано, ескалацијата ќе продолжи, а успесите ќе одат на контото на Русија
Доколку САД и Западот ѝ го дадат на Украина ветеното оружје што е можно побрзо, можно е Москва, под притисок на реална закана, да се согласи на мировни преговори и да ја прекине војната.
Доколку, пак, Западот продолжи постепено, „на лажиче“ да ја дава воената помош, ризикот од постојано растечка ескалација само ќе се зголемува. Ова се двата клучни заклучоци на потполковникот Александар Виндман во анализата во „Форин аферс“. Тој истакнува дека „во овој момент сѐ уште е можно Зеленски да се согласи на договор со кој би се ставил крај на војната и во исто време да се одложи прашањето за сопственоста на полуостровот Крим за некој иден момент, кој ќе му дозволи на Путин да го зачува образот“.
Аналитичарот Виндман аргументира дека Пентагон треба да му овозможи со сите средства на Киев да постигне брза и одлучна победа на сите територии северно од Крим, а потоа „да може убедливо да го поврати самиот полуостров“.
Со силната помош за Киев и со надмоќноста добиена од Западот, Владимир Путин би бил принуден да седне на преговарачка маса и да започне дипломатски разговори пред да се реши конечниот статус на Крим. Ова, смета Виндман, би му овозможило излез од војната што автоматски не би значело негова политичка смрт и би ја поштедило Украина од исклучително тешка воена кампања чиј успех е под прашалник.
За оние што се сомневаат дека Украина воопшто би можела да го ослободи Крим, Виндман претставува своја „веродостојна стратегија“. Би било неопходно да се ослободи остатокот од регионот Запорожје и да се помине низ јужниот дел на Донецк до Азовско Море, со што ќе се прекине копнениот пристап на руските сили до Крим. Ако мостот Керч се урне, Крим би останал отсечен од Русија и би можел да се снабдува само со бродови, што не би било доволно.
Украина тогаш ќе треба да спроведе кампања за бомбардирање на руските позиции и инфраструктура – логистички центри, воздушни бази, командни центри, поморски бази и главни патишта. Потоа би следувала најтешката задача – копнени и амфибиски напади на полуостровот за да се создаде упориште за украинските сили на самиот Крим.
Најопасниот дел од оваа операција би бил масивното трупање северно од Крим потребно за да се изврши таков напад, што би ги направил украинските сили особено ранливи на тактички нуклеарни напади на кои Путин би можел да прибегне доколку се плаши дека ќе го загуби Крим.
Украина веќе ја има опремата со која би можела да се обиде да изврши таква операција, но за да успее ќе ѝ требаат значително повеќе тенкови, борбени возила, ракети со долг дострел, беспилотни летала и борбени авиони, кои Западот досега избегнуваше да ги обезбедува.
Без овие оружени системи, заедно со продолжените рокови за испорака на ново оружје, Виндман предвидува дека војната ќе се протега длабоко во 2023 година, што го смета за „рецепт за катастрофа“ што сигурно ќе доведе до натамошна постепена ескалација.
– Воена загуба на Крим ќе му нанесе тежок удар на кредибилитетот на Путин, па како што војната се одолжува, тој може да прибегне кон тајни обиди да го одврати НАТО да ѝ помогне на Украина преку напади врз компјутерските мрежи и инфраструктурата во Европа и во САД, за што може да ја негира одговорноста. Или би можел да предизвика индустриски, хемиски или нуклеарни несреќи во Украина за да ја покаже својата подготвеност да ескалира. Западот досега покажа малку апетит за ризик, па Путин би можел да помисли дека може да блефира сѐ до договор со Украина што би ги исполнувал неговите барања – предупредува Виндман.
Виндман смета дека тоа би била погрешна процена и дека нема да може да ја разниша одлучноста на Европа и на САД, кои на секоја ескалација од Путин ќе одговорат со поголема воена помош за Украина. Токму на овој начин, и НАТО и Русија само ќе продолжат да се приближуваат до можна директна конфронтација, зголемувајќи го ризикот од несреќа или погрешна пресметка, што би послужила како искра за избувнување сеопфатна војна.
– Путин навистина нема интерес за конфликт со НАТО. Барем тоа го најави со тоа што не чуваше резерви на конвенционални воени сили за таква конфронтација. Но тоа не значи дека тој не е подготвен да игра опасна кукавичка игра со Западот. И колку подолго таа игра трае, толку е поголема шансата да заврши трагично – нагласува Виндман.
Наместо Западот да ризикува опасна и долга војна, испраќањето доволно оружје, опрема и логистика може да доведе до брз крај. Виндман проценува дека на Киев му треба оружје со кое брзо би можел да ги протера руските сили од сите окупирани области северно од Крим и со кое сериозно би можел да се закани со воено ослободување на Крим.
– Ако го сторат тоа, тоа би можело да овозможи конечниот статус на Крим да се решава со преговори, а не со сила, со што би се поштедиле и Украина и Русија од уште една година од борбите. Исто така, би ја обезбедиле украинската демократија, би ги одвратиле автократските сили од разгледувањето на воената агресија како опција во иднина и би го намалиле ризикот од нуклеарна ескалација, која може да се претвори во егзистенцијален конфликт – заклучува Виндман.
Кој е потполковникот Александар Виндман?
Виндман е одликуван офицер на американската армија, кој покрај Легијата за заслуги, го доби и Пурпурното срце откако беше ранет во акција во Ирак. Како висок офицер стана експерт за политичко-воени прашања, задолжен за Евроазија, а од 2018 година е директор за европски прашања на Советот за национална безбедност на САД.
Токму на оваа позиција тој привлече најголемо внимание од јавноста откако сведочеше пред Конгресот за време на судењето на претседателот Доналд Трамп кога зборуваше за неговото сознание дека Трамп побарал од Володимир Зеленски да отвори истрага против Хантер Бајден во замена за испраќање американската воена помош за Киев. Последователно, Виндман беше отстранет од неговата позиција во Советот и набрзо ја напушти армијата, тврдејќи дека поради неговото сведочење бил подложен на „кампања на малтретирање, заплашување и одмазда“.