Меѓу високоризичните градови во кои „владее царството на дрогата“ и криминалните банди досега беа холандските градови Ротердам и
Амстердам, меѓутоа белгискиот град Антверпен полека на сигурно го зазема првото место. Минатата година белгиските власти реализираа рекордна заплена од 110 тони кокаин во Антверпен. Според информациите, процената на полициските власти беше дека оваа заплена
изнесува само десет проценти од дрогата што секојдневно го преминува пристаништето на градот. Ова го става Антверпен далеку пред
Ротердам, каде што минатата година беа запленети 52,5 тони, што е намалување во споредба со 2021 година

НОВА ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА БАЗА ЗА ШВЕРЦ НА ДРОГА

Европскиот центар за мониторинг за дроги и зависност од дрога, заедно со Европол, неодамна процени дека малопродажниот пазар на кокаин во Европската Унија вредел најмалку 12,8 милијарди евра (13,9 милијарди долари) во 2020 година, бројка за која експертите велат дека веројатно сѐ уште е под реалната вредност. Досега Амстердам и Ротердам важеа за најголеми престолнини на дрогата во Холандија, но, според последните истражувања, информации и статистики на надлежните служби, приматот на ова поле полека но сигурно го презема пристанишниот белгискиот град Антверпен, каде што изминатиот период сѐ повеќе се забележува зголемен шверц на дрога, но и бескрупулозни убиства реализирани од наркобандите.

Крвава пресметка во која отсечена глава била оставена пред кафуле

Неспорен факт е дека во оние градови каде што цвета бизнисот со дрога голема е и бројката на брутални пресметки помеѓу наркобандите, а со тоа и на жртвите. Овие податоци се поткрепени од досегашното искуство во Колумбија, Италија, Албанија и многу други земји, каде што доста често се случуваат пресметки помеѓу наркобандите што заработувачката ја реализираат од овој бизнис.
Меѓу високоризичните градови во кои „владее царството на дрогата“ и криминалните банди досега беа холандските градови Ротердам и Амстердам, меѓутоа белгискиот град Антверпен полека на сигурно го зазема првото место.
Еден од показателите за тоа е трагичниот случај на 11-годишно девојче, кое беше убиено токму на денот кога белгиските власти реализираа рекордна заплена од 110 тони кокаин минатата година. Според процената на полициските власти, оваа заплена изнесува само десет проценти од дрогата што секојдневно го преминува пристаништето на градот. Ова го става Антверпен далеку пред Ротердам, каде што минатата година беа запленети 52,5 тони, што е намалување во споредба со 2021 година.
Холандскиот антрополог Теун Воетен, кој ја истражува состојбата со дрогата во Антверпен, вели дека состојбата е алармантна и оти наркобандите што заработуваат од овој бизнис допрва ќе станат брутални, бидејќи полицијата на големо се обидува да ги заузди бандите во холандските градови, па постои можност овој бизнис целосно да се префрли во белгискиот град.
Според него, и покрај „неверојатното количество“ на кокаин што го поплави Антверпен, градот никогаш не доживеал бруталност на бандите како Ротердам или Амстердам, каде што во 2016 година имало случај на крвава пресметка во која отсечена глава била оставена пред кафуле. Но неодамнешниот успех на властите во отстранувањето некои моќни наркоиграчи во Холандија значи дека повеќе непожелни активности би можеле да бидат преместени во Антверпен.
– Во суштина, Холанѓаните беа одговорни и тие ги користеа Белгијците за да ја завршат валканата работа, односно да го извадат кокаинот од контејнерите. Но Белгијците стапија во сила, бидејќи полицијата уапси голем дел од холандските големи „ѕверки“. Целите организациски структури во Холандија се разнишани – вели Воетен.
Градоначалникот на Антверпен, Барт де Вевер, повика на распоредување национална армија на пристаништето, а иако идејата не доби широка политичка поддршка, владата најави дека на пристаништето ќе бидат распоредени најмалку 100 дополнителни полицајци, заедно со дополнителна опрема за скенирање, за да се зголемат инспекциите.

Агресивноста расте, бруталноста станува секојдневие

Додека пристанишните работници го поздравуваат најавеното полициско засилување на пристаништата, тие исто така се подготвуваат за ефектите што ќе ги има тоа врз однесувањето на шверцерите.
– Ситуацијата е веќе доволно лоша – вели Стефан Ванфраехем, генерален директор на пристанишната компанија „Алфапорт вока“, која претставува околу 300 компании што се занимаваат со воден транспорт.
Ванфраехем изјави дека во изминатите години пристанишните работници биле главна цел на наркобандите, кои токму оттаму ги регрутирале соработниците за да можат успешно да ја шверцуваат дрогата. Со зголемувањето на полициското присуство на пристаништето, автоматски ќе се зголеми и притисокот на овие работници за да се регрутираат како соработници на наркобандите и да им помогнат со шверцот.
Наркобосовите до тој степен вршат пресија и контрола, што постојано ја држат под надзор работата на работниците што успешно ги врбувале, најчесто во кафулиња во непосредната близина на пристаништето. Оттука тие и ги добиваат сите потребни информации за дрогата.
– Шверцерите стануваат поагресивни. Ним им требаат информации и им требаат луѓе што можат физички да им помогнат – вели Ванфраехем и додава дека административните работници и студентите се исто така една од главните цели.
Според него, тие повеќе не се кријат како порано. Работат брутално и директно ако сакаат да врбуваат одреден работник да им се приклучи.
– Она што го прават тие сега е што ви приоѓаат многу директно за да ви покажат слики од вашето семејство, вашите деца, вашите пријатели. И тоа не е многу суптилен начин на работа. Тоа е вистинска закана – вели Ванфрахтем.
Со самото тоа што јавно зборува за начинот на работа на наркобандите, Ванфраехем е свесен дека се доведува во ризик себеси и своето семејство, но верува дека тоа е неопходно.
– Разбирам дека тоа е опасност, можеби за мене и моето семејство, мојата сопруга и децата. Мислам дека нема друга алтернатива освен да бидеме отворени за овој проблем. Ако молчиме, тогаш мислам дека соработуваме со овие луѓе. Мислам дека треба да ги спречиме – вели тој.

Неопходни се меѓународна координација и блиска соработка на надлежните сродни служби

Сепак, Белгија и Европа не можат сами да се изборат со овој проблем, особено затоа што дрогата се произведува на еден континент, се продава на друг, додека главните „фаци“ седат и ги влечат конците од трет континент. Токму од тие причини, полициската агенција на Европа, Европол, сѐ повеќе и сѐ почесто работи со земјите од каде што потекнува дрогата, а кои се надвор од нејзината јурисдикција.
– Криминалците се толку добро поврзани што видовме пораки од некој од Европа што наредил убиство во Латинска Америка, очекувајќи тоа да биде извршено во следниот час – вели Јан Оп Ген Орт, генерал во Европол.
Тој вели дека полицијата работи на сопствена меѓународна мрежа.
– Мора да имате мрежа за да ја прекинете мрежата. Но глобалната коалиција на органите за спроведување на законот, исто така, мора да биде стратегиски дизајнирана, бидејќи не е доволно само да се извадат малите војници од ниските нивоа, кои всушност го вадат кокаинот од контејнерите што пристигнале на пристаништето. Мора да го барате она што ние го нарекуваме „цели од големо значење“ – вели Орт, алудирајќи токму на големите наркобосови.
Досега во активностите што се преземаат за да се фатат главните наркобосови се користи високософистицирана лажна платформа за шифрирана комуникација, чие користење доведе до апсење на 800 криминалци во 2021 година, до повеќе правни договори потпишани со земји како Обединетите Арапски Емирати, каде што Дубаи изврши клучни апсења. Покрај тоа, надзорот треба да се подобри на пристаништата за товарење во Латинска Америка, од каде што потекнува најголем дел од кокаинот.
– Како што повеќе земји се приклучуваат на напорите, уверен сум дека ќе успееме да ги извадиме големите играчи од игра, но за тоа ќе биде потребно време – вели тој.
Во меѓувреме, сепак, Белгија има уште еден проблем. Властите изразија загриженост дека големите купишта запленет кокаин, кои чекаат да бидат запалени, стануваат профитабилна мамка за шверцерите.

[email protected]