Во рамките на новиот проект „Артс хаб“, кој ќе се реализира во приодот 2023/2024 година, продолжува серијата презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена. Домашните уметници и автори, кои во рамките на програмата на културниот центар „Јадро“ во изминативе две години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност (Кристина Божурска, „Културно ехо“, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски), ќе можат на своите колеги, пред сѐ помлади и помалку искусни, но и на заинтересираните граѓани од локалната заедница, да им ги претстават своите веќе реализирани проекти и да ги споделат искуствата и лекциите научени од праксата во специфичниот локален контекст. Проследени со прашања и одговори од публиката, овие презентации и разговори, меѓу другото, ќе ги пренесат искуствата и ќе помогнат во освестување на битните аспекти поврзани со подготовката и реализацијата на проекти и акции базирани на социјално ангажираната уметност. Серијата на презентации продолжува со презентацијата на проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ на „Културно ехо“.
– Проектот имаше цел да ги зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел беше да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот. Тема на проектот беше новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за периодот од 2023 до 2032 година), кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот. Во рамките на проектот беа реализирани три настани во три општини во Скопје – информираат од „Јадро“.
Презентацијата е составена од проекција на интерактивен документарен филм што обработува повеќе локации од важечкиот ГУП (од 2012 до 2022 година) што веќе се предмет на дебата во јавниот дискурс, работилница на темата „Што претставува ГУП и зашто е важен?“ и дебата на темата „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“