Трибунот Толстој

Галеријата на посетителите била навистина широка: од Прага на разговор со Лев Николаевич допатувал идниот претседател на Чехословачка, Томаш Масарик, но низ Јасна Полјана се движеле и поединци со поинаква „оригиналност“ – еден избегал од жена си и семејството да „живее морално“, друг јадел само еднаш во два дена, трет постојано го навредувал писателот што не ги усогласува своите принципи со своето живеење, четврти го објаснувал толстоизмот преку математички формули… сите тие се вовлекувале и го оптоварувале секојдневниот живот на семејството Толстој, најмногу на Софија Андреевна, принудена да се грижи за редовното функционирање на куќата и имотот. Особено еден од толстоевците станувал долготрајно опасен и заканувачки за мирот на Софија – Владимир Григоревич Чертков. Најстрасен пропагатор на Толстоевите морални убедувања, Чертков, од своја страна сѐ повеќе влијаеше врз писателот, со што раснеше огорченоста на Софија Андреевна, за која овој опасен едномисленик на нејзиниот маж стана немилосрден противник. Битката меѓу Софија и Чертков се разгорувала од месец на месец, од година на година, достигајќи, при крајот на животот на Лев Николаевич, степен на тотална војна. Многу е пишувано за нагласената улога на бившиот офицер Чертков во староста на писателот. Тој не бил само верен следбеник, туку, со времето, го коригирал дури и самиот Толстој ако, според негова оцена, не живее сосема во согласност со својата доктрина. Почнал отворено и сѐ погрубо да ѝ се спротивставува на Софија Андреевна зашто таа, според неговото мислење, била премногу материјалистички настроена.

А таа, по тринаесет бремености и постојаните емотивни горе-долу промени со маж ѝ, и натаму предадено се грижела околу практичните работи во многубројното домаќинство. Може да се замисли како Толстој се обидувал да лавира меѓу овие две енергетски моќни спротивставени личности. Така, во согласност со својот толстоизам и своето „второ раѓање“, а со безрезервна поддршка на Чертков, сакал да се ослободи од својот имот и да им го раздели на сиромашните селани, а во исто време да се откаже од своите авторски права. Нормално, Софија не можела да го прифати тоа и по долги расправии склопиле договор што ја овластува да управува со имотот и издавачките права на делата напишани пред 1881-та. Откако го добила договорот, Софија Андреевна почнала енергично да ги преиздава делата на Толстој.
Но, од своја страна, Чертков го наговара писателот да формираат нова издавачка куќа, „Посредник“, што ќе објавува популарни изданија разбирливи за народот. Иницијативата се покажува успешна: како брошурки за една копејка се издаваат текстовите на Марко Аврелиј, Епиктет, Љесков, „Кавкаскиот пленик“ на Толстој… За шест години се продадени повеќе од дваесет милиони примероци! Чертков се мешал најдиректно во изборот и подготовката на ракописите, за него естетската вредност била помалку важна од моралната. Барал од Толстој да се извршат исправки во „Кавкаскиот пленик“, а овој прифатил без да се спротивстави.
Во 1888 г. Толстој на шеесет години повторно станува татко (Софија има 44), за што му се извинувал на Чертков: „Тоа не е сладострастие“, му напишал, „Христос ги сакаше децата“.

(продолжува)