Осумте жолтоградни капуцинери кои стигнаа во скопската Зоолошка градина во ноември минатата година, како донација од Германија, деновиве се прилагодуваат на надворешната средина.
Сите се на возраст од две до осум години и се сместени во живеалиштето кое претходно го користеа мајмуните од видот мангабе. Живеалиштето е направено по светски стандарди согласно условите и препораките на ЕАЗА и зоолошката градина од каде пристигнаа.
Овој вид на мајмуни потекнува од Јужна Америка, а најмногу го има во источен Бразил и е еден од најзагрозените видови.
Овие мајмуни се многу атрактивен јужноамерикански вид и се надеваме дека посетителите редовнo ќе им се радуваат и ќе се забавуваат со нив, велат од Зоолошка.