Колку тажна слика на чествување на родениот ден на Гоце Делчев беше тоа! Поради недоветни политичари (од двете страни) и поради неснаоѓањето на режимската полиција тој се претвори во „настан од висок ризик“. Звукот на хеликоптерите што летаа над Скопје доволно зборуваше за атмосферата, како за онаа во македонското алармирано општество и за односите меѓу двете држави, кои божем требаше да се подобрат со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Се преземаа мерки за „чување/бдеење“ над моштите на еден човек што одамна замина во легендите, кој премин од „обична“ историска личност во наша национална икона и симбол. Она што го гледавме редовно пред гробот на Јане, сега ни дојде дома. Сè е јасно, нели? Дури и на Никиликс му стана јасно, пак рони солзи во ТВ-студија, но вина не признава. Накратко, сега го жнееме она што посеавме (или посеаја во наше име) – а тоа беше (невешто) спакувано семе на нетрпеливост, семе на поделби и непочитување.
Немам баш ни желба ни нерви да ги коментирам саботните настани – сè беше толку мачно и предвидливо, каква што се мачни тортурата и понижувањата што ги трпиме од „братскиот сосед“. Повеќе боли што од многу љубов кон Гоце сме подготвени и меѓу себе очите да си ги извадиме. Еден познат новинар небаре задоен со бриселско млеко неодамна се надмина себеси: побара да му ги преселиме моштите во „некоја пристојна европска земја“, која научила како да ја живее неговата визија за културен натпревар меѓу народите. И некако веднаш ти се наметнува сликата на Гоце рамо до рамо со белгискиот крал Леополд Втори, кој се прослави со „културниот натпревар“ со Конгоанците, цели десетина милиони елиминирани од лицето на планетата – силувани, ограбени, мачени и елиминирани. Ако пак и да се помести на друга локација, нема сомнеж дека лесно ќе најде „славни личности“ со крвави раце од невини луѓе (вклучувајќи и на некои од поново време, како Ирачани, Сиријци, Либијци или Авганистанци).
Да биде парадоксот поголем, целиов калабалак над несреќниот Гоце е во „име на членството во ЕУ“ и божемните „европски вредности“. Дури и се „подразбира“ дека и Гоце бил за Европа уште во она време кога големите сили уво не ги болело за некакви си Македонци. Гоцевата големина е во храброста да се бара самостојност, самобитност, да се повика на сопствена битка наместо да се бара милост од надворешни господари. Нашиве денешни вазали остана уште сите нас топтан да нè продадат за да докажат колку се Европејци, колку се цивилизирани и напредни. Дури и сакаат да ги помират непомирливите идеи: онаа на Гоце дека ослободувањето на Македонците треба да е нивно самостојно дело и онаа за европскиот полупротекторат воден од разно-разни амбасадори. Слушам и дека СДСМ се враќа на старите „комунистички“ традиции на идеолошка диференцијација: ќе правеле селекција на оние што се за Европа (а мислат на ЕУ) и оние другите, лошите. И пак ќе си страдаме од сопствените синови, како што велеше Гоце, од оние што и сопствената мајка би ја продале за да бидат под патронажа на некој моќен или за да добијат некоја ситна привилегија. И затоа се поставува прашањето дали е соодветно да се „брани“ Гоце на денот на раѓањето или погибијата, а да се биде подгрбавен и исплашен кога треба да се бранат македонскиот идентитет, историја, јазик, име и устав. Зарем сето ова не е она за што се бореше Гоце?
А денешната Европска Унија е фатаморгана што живее само во главите на оние што немаат ама баш никаква визија, односно што прифатиле туѓи идеи како свои. Оваа ЕУ не само што ги напушти своите основачки идеали (ако воопшто некогаш и биле искрени и посакувани) туку и самата стана пудличка на САД. Милитаризирана до заби, бара воени победи, а човечките жртви ги смета за хероизам. Зарем не гледаме и слушаме дека за Столтенберг повеќе оружје значи мир, а зелената министерка за надворешни работи на Германија е предводник на ремилитаризацијата на таа земја, која само до вчера се колнеше дека никогаш нема да се врати на своите темни историски периоди. И ајде да не одиме подалеку, ама зарем ова што им го прават на Македонија и на Македонците, спакувано во убав француски целофан и божемен почеток на преговорите, не е фашизам? Во време кога божем го славиме Гоце ние сме предмет на културен геноцид: ни бришат историја, јазик, идентитет. Патем, ако (од љубопитност или забава) го прашате за овој поим сега веќе познатиот ChatGPT, еве што ќе ви каже: „под културен геноцид се подразбира намерно уништување или менување на културното наследство или идентитет, а како таков е признаен како вид повреда на меѓународното право; но, неговата прецизна дефиниција и примена остануваат предмет на дискусија.“ Еве, македонскиот пример е баш за „дискусија“ во таква конотација.
Во состојбава во која сме ставени, благодарение на нашите елити и бриселскиот и вашингтонски благослов, би можеле уште сто споменици и спомен-места да им изградиме на Гоце и на илинденците, па и на партизаните, ама тоа нема да има никакво значење. Денес се наметнува наратив за новите генерации, според кој, идеалите на нашите предци се идентични со ова што денес „културно“ ни го сместува Европа. А Европа одамна не е оаза на мирот или „мировен проект“ – таа е во внатрешна, класна, но и надворешна „културна“ војна и со руските и кинеските (или поточно, незападните) вредности. И тоа многу пред војната во Украина. Да си застапник на европските вредности значи да си дел на неоколонијална агенда, која најчесто се спроведува преку компрадорските домашни елити на „заостанатите“ и „неразвиени“ земји.
Јас сум пораснала со инакви идеали, со светли корифеи на слободата и правдата, кои посегале кон и се однесувале на сите угнетени. Ама младите денес гледаат како побрзо да ја напуштат земјата. Одржувањето на Гоцевиот факел, односно на оној од неговата генерација и оние што растеа од неговата топлина е речиси невозможна мисија. Во редовите на политичките, па и интелектуални елити, денес немаме никој што барем приближно би бил достоен да застане до Гоце и да ги споменува неговите визии. Какви подгрбавени, занемени, послушници се сите тие. Се плашат и на еден Радев или Мицотакис да им кажат нешто, а не пак на некој лидер на помоќна сила. Ма, молчат тие како камен и пред амбасадор(к)и. Уште помалку останаа храбри луѓе подготвени да се саможртвуваат за Македонија, за социјалистичките идеали, за еднаквоста и социјалната правда. Оние што ќе изговорат барем нешто што е историско или вредносно ехо од Гоцевото време веднаш се етикетирани како фашисти и „црнокошуљаши“.
Сфаќаме ли ние дека љубовта кон Македонија како наш заеднички дом е проскрибирана и сведена на примитивен национализам? Кога денес Гоце би бил жив, тој би бил на „црната листа“ на СДСМ и компанија (плус онаа на сојузниците, а и Бугарите). Дури и ако бдееме и го чуваме Гоцевиот лик, тоа треба да го правиме од овие домашни карикатурални ликови што насила и Гоце би го престориле „достоен Европеец“, зашто би се срамеле од неговата македонштина. Доволно сум возрасна, да не речам и стара, за да не жалам над Гоце (кој имал зошто да се роди, а чиј 150-годишен јубилеј од раѓањето ланската година едвај и да го одбележавме). Она што депримира е отсуството, тоа што ова време не изнедри друг како него; се разбира, со идеали соодветни на 21 век и на новото ропство што се надвиснало над сите нас. Новиот Гоце (барем онака како што јас го замислувам и посакувам) би бил против сите угнетувачи на мали народи, сите грабежи на културно наследство и музејски експонати, сите експлоататори на национални ресурси, сите асимилатори и негатори на нечие право на постоење. Само таквиот лик би бил рамо до рамо со сите оние великани загрижени за некултурниот натпревар меѓу народите, за милитантноста и заканата од нуклеарен Армагедон.