„Патување” е втора самостојна изложба на Филип Јовески, што ќе биде отворена утре, сабота, во 11 часот во галерија Аче при ДЛУП. До четврти февруари во галеријата во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе бидат поставени уметнички дела изработени во комбинирана техника, работени во 2022/23 година.
Изложбата е нарација низ линија и форма, приказна низ дводимензионални и тродимензионални истражувања и патување раскажано преку интерпретација на едни фантастични предели, поинакви од овие нашите, но сепак толку блиски. И овај пат во неговите дела, исто како и во неговата претходна изложба „Боите на мојот град”, јасно се одразуваат и меѓусебно испреплетуваат двата аспекти од неговото творештво: архитектурата и уметноста.
Во средата изложбата на Филип „Боите на мојот град“ беше отворена во Кавадарци.
Филип Јовески е дипломиран инженер архитект, магистер по архитектура. Има проектирано повеќе значајни објекти во Македонија и Германија. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби, како и на сликарски и вајарски колонии и интердисциплинарни уметнички проекти. Член е на ДЛУП.
Во последните неколку години освен како архитект, работи и како дизајнер, илустратор на детски книги и концепт артист за графички новели. Ка.М.