Во втората половина на февруари ќе биде распишан јавниот повик за изградба на интерконекторот за природен гас со Република Грција, а изградбата би требало да заврши до крајот на 2024 година. Во моментот се работи и на нов интерконектор со Србија, а за интерконектор со Косово, завршени се обврските од наша страна и се очекува одлука од косовската страна за реализација на овој проект, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, на панел-дискусијата „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“, на вториот ден од конференцијата „Година на нови можности“.
– За косовската страна ги подготвивме како документација сите процедури, ја очекуваме нивната одлука дали да се продолжи градбата во нивниот дел – рече Бектеши.
Тој посочи дека речиси сите компании во склоп на ТИРЗ-овите се снабдуваат со природен гас. Природниот гас, како што информира, е од Турција и од Грција, односно оти имаме разни извори. Во моментот, како што потенцира министерот, се користи зголемениот капацитет на гасоводот со Бугарија за испорака на гас.
– Да, се користат тие зголемени капацитети од страна на „ЕСМ продажба“, која се занимава со увоз и снабдување со природен гас на нивните постројки, но и за другите потрошувачи, како што е индустријата. Најважно од сè е дека природниот гас, кој се увезува, е од ЛНГ-терминалите од Турција и дел во Грција, што значи дека имаме разни извори од тоа што сме имале претходно и не сме зависни само од еден извор, кој претходно беше „Газпром“ – рече Бектеши.
Според министерот, гасот во складиштата во Турција и Грција се чува во течна форма пред да биде преземен, а во Македонија доаѓа преку единствената гасоводна врска со Бугарија.
Министерот на панел-дискусијата рече дека Владата има зацртана стратешка определба да ја подобри диверзификацијата во снабдувањето со природен гас.
Според него, во таа насока е и одлуката на Владата за давање согласност за вложувањето во ЛНГ-терминалот Александрополис.
Според него, доколку целосно се оствари националниот план за целосно гасифицирање на државата и нејзиното поврзување со соседите, секако дека постои можност Македонија да постане енергетски хаб и да ги ужива придобивките од извозот на природен гас кон соседните земји.