Придобивките од заживувањето на туристичкиот промет во светот, по појавата на пандемијата на ковид-19, веќе ги почувствуваа и некои од земјите од регионот, кои минатата година се вратија на остварениот туристички промет, според бројот на туристите и ноќевањата од пред три години. Во Македонија исто така има зголемување на бројот на туристите минатата година, но тој сѐ уште е под остварениот број на туристи и ноќевања од 2019 година
Туристичкиот тренд во светот во нагорна линија
Високата инфлација и растот на трошоците на живот нема да претставува проблем за третина од светската туристичка популација, која годинава планира да потроши повеќе пари на патувањата во споредба со 2022 година. Побарувачката за туристичките дестинации расте, покажале податоците од анкетата на Светскиот сојуз за патувања, во која 86 отсто од испитаниците одговориле дека годинава се подготвени да одвојат повеќе пари за туристичкиот буџет во однос на 2019 година, Придобивките од заживувањето на туристичкиот промет во светот, по појавата на пандемијата на ковид-19, веќе ги почувствуваа и некои од земјите од регионот, кои минатата година се вратија на остварениот туристички промет, според бројот на туристите и ноќевањата од пред три години. Во Македонија исто така има зголемување на бројот на туристите минатата година, но тој сѐ уште е под остварениот број на туристи и ноќевања од 2019 година.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од јануари до ноември 2022 година во Македонија вкупниот број на домашни и странски туристи изнесува 920.364, кои оствариле вкупно 2.755.027 ноќевања. Останува уште да се пресметаат туристите и ноќевањата за декември, но тоа нема да ја промени вкупната слика за остварениот туристички промет. За споредба, бројот на туристите во ноември 2022 година изнесува 56.886, од нив 36,2 отсто се домашни туристи, а 63,8 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во ноември 2022 година изнесува 124.969, од кои 40,6 отсто се од домашните туристи, а 59,4 отсто се од странци. Ова покажува дека туристичкиот промет во земјата за минатата година ќе биде понизок од 2019 година, кога биле регистрирани 1.184.963 туристи, кои оствариле 3.262.398 ноќевања.
Побавното враќање на туристичкиот промет го актуализира проблемот со кој се соочува Македонија, а кој се однесува на подоброто искористување на туристичките ресурси со кои располага земјата, како што се културните вредности и природните убавини. Падот на туристичкиот промет со почетокот на пандемијата ги покажа нашите слабости во привлекувањето поголем број туристи. Бројот на туристите во нашата земја повеќе е поврзан со глобалните процеси во оваа важна туристичка дејност, отколку на осмислена и сеопфатна национална стратегија. Земјите од регионот, како што е Србија, посебен акцент ставаат на развојот на руралниот и бањскиот туризам, кој во последните години доживува експанзија, благодарение и на издавањето на туристичките ваучери за домашните туристи.
– Предизвикот што нѐ чека на ова поле со туристичкиот сектор е создавање нов модел на субвенционирање, кој ќе биде насочен на развој на домашниот пазар и подобрување на квалитетот во нашите хотели. За првпат предложивме до Владата нов модел на субвенционирање на домашните туроператори што ќе создадат поволни пакети за домашните туристи во Македонија. На овој начин ќе продолжиме со проектите што дадоа добри резултати и ќе ги надградиме со нови промотивни видеоматеријали и брошури за дигитални номади, дваесет места што мора да се посетат, националните паркови и заштитените подрачја – велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Брзото враќање на туристичкиот сектор на поранешното ниво е од суштествено значење за економскиот раст на земјата. Со остварените 3,2 милиони ноќевања и приближно 450 милиони долари промет од туризмот во македонската економија во 2019 година, ќе се влијае и на растот на другите дејности што се поврзани со давањето на услугите за туристите. Една од опциите е олеснување на прометот на луѓе од земјите од Отворен Балкан, со што се отвора пазар од 12 милиони потенцијални туристи!
Експертите од туризмот нагласуваат дека македонското подрачје со националните паркови има потенцијал за активен, рурален и зимски туризам, но недостигаат инвестиции од инфраструктурата, сместувачки капацитети и нови патеки, па до инвестиции во сигурноста на дестинациите со високоедуцирани и професионални тимови. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот продолжува со промотивните активности за нашата дестинација на многубројните туристички саеми во Европа. Дополнително, повеќе од 15 македонски туроператори беа дел од саемот за туризам во Мадрид, што овозможува уште поголем фокус на шпанскиот, португалскиот и латиноамериканскиот пазар.
Во почетокот на годинава започна медиумска промоција во примарните туристички пазари за зголемување на визибилноста на македонскиот туризам. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот активно работи на медиумски туристички кампањи во целните земји: Полска, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Турција. Учеството на туристите од примарните земји од вкупниот број на странски туристи и остварени ноќевања е 30 отсто за првите десет месеци од 2022 година. За успешно промовирање на туризмот во државава се подготвени истражувања за туристичките пазари врз основа на стандарди за истражување на целните пазари, за да се осознаат навиките и интересите на поединечни групи туристи. М.Ј.