Бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, продолжува со провокациите и по предлогот од македонскиот претседател, Стево Пендаровски да му биде забранет влез во државата.
– Македонија била и е бугарска! Северна Македонија е друга работа. Заслугата тука е на Тито. Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината – се наведува во неговата објава на социјалните мрежи.
Претседателот Стево Пендаровски, вчера по седницата на Советот на безбедност, предложи на институциите односно Владата и МНР, да го прогласат Џамбаски за персона „нон-грата“, а тоа би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, забрана, шефот на државата предлага и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.
– На вакви антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начини. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега и тој круг на провокации кој предизвикува насилство сигурно нема да заврши. Второ со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во земјата, да му забранат влез на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеше порано и се уште постојат тоа се закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека ако лицата се од надвор од земјата да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон-грата – кажа Пендаровски.
Дел од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе од претходно имале мерки и биле протерувани.