Мојата азбука: Стојан Тарапуза, писател за деца

Азбукијада

Аз, буки, веди….
Аз, буки, веди….
Буква до буква
во ред се реди.
А е на чело,
Ш е на крајот,
другите со нив
го пијат чајот:

А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ
И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П,
Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Аце, Баце, Вен,
Гајче, дајре, ѓен,
Ена, жена, Зан,
Ѕане, Иле, Јан,
Куна, луна, љут,
Мина, Нина, Њут,
Олка, полка, ран,
Суец, туец, кан,
уфки, фуфки, хан,
Цане, Чане, Џан,
шашашајка-шан.

Аз, буки, веди….
Аз, буки, веди….
Буква до буква
во ред се реди.
Редот е шарен –
долг како вада,
од букви пет е
зборот брада.

А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ
И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П,
Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Си било едно А

Си било едно А
и едно Б,
и едно В…

В и Б се скарале,
со молњи се шарале,
со волна се волнеле,
– со ветер се полнеле!

Од ветерот кивнале,
до облак се вивнале!
И по сите оф-лала!
– Го повикале и А!

А е буква што не лета,
по беспаќа што не шета…
Зашто прва е по бројот
на азбуката во стројот!

Ж, С, Ш, Ч, Џ

Ж е во жарче
со жарче се жишка…
Се знае ли како
стравот се ишка?

С е во свирче
со свирче се свирка…
Се игра ли кога
ветерче пирка?

Ш е во шепот
– со шепот се шепка…
Се чува ли тајна
под вршка од клепка?

Ш е во чаша
во чун и во чинка.
Ко што е Џ во џаде
и во џинка.
Џинка се јаде
по џаде се оди,
од чаша се пие,
со чун се броди.
Чинка е ништо,
ништо ко ветар
што нема сенка,
ниту свој метар!

Ч е во чоја,
Џ е во џумка,
Ѕ е во ѕвонец,
Ц е во цумка….

Сите се едно
множество цело
– семејство сложно
под небесно чело

Избегало Б од бој

Избегало Б од бој,
по него Р од рој,
по него А од ан,
по него Н од нан.

Избегале
забегале
и – ој!
Се сретнале
во шарен сон
со ној,
се сретнале
со булдожер
и кран,
се здружиле
и сега се
бран!

Реков Р

Реков Р
дореков ека
ги споив
и сега
– тоа е река.

Река во која
капки се ројат,
риби се мрестат,
зрачиња стојат.

Реков Р,
дореков ека,
ги здружив
и сега
– тоа е река.

Река по која,
како по писта,
ветерот трча,
погледот листа.


Пишувањето ме подмладува!

На наше големо задоволство, денес наш гостин е Стојан Тарапуза, со неколку песни посветени на буквите на македонската азбука. Овој плоден автор е наш голем пријател, па токму затоа ќе ја искористиме можноста, со мало задоцнување да му го честитаме јубилејниот 90-ти роденден, бидејќи е роден на 29 декември во 1933 година во Злетово, гратче крај Пробиштип.
– Имав среќно и безгрижно детство. Дење му помагав на татко ми во дуќанот – го изучував ковачкиот занает, а навечер дома ги слушав приказните што ми ги раскажуваа дедо ми, баба ми и мајка ми. Тие ме понесуваа, ме исполнуваа, ми го разгоруваа љубопитството, ми ја збогатуваа фантазијата. Нивниот свет е богат, шарен, безгрижен, каков што е светот на детството – вели Тарапуза.
Тој во Злетово завршува шесто одделение, во Штип седмо и полуматура, во Скопје средно техничко училиште и педагошка академија. И постојано како што вели другарувал со книгите.

– Читајќи се откривав себеси, ги запознавав другите, ги одгатнував тајните на животот и сѐ посигурно чекорев по неговите врвици. Со пишување почнав да се занимавам како ученик во средното техничко училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје. На почетокот беше тешко, не ги знаев тајните на поезијата, законитостите на создавањето, но горев од желба да станам поет. Почнав да објавувам во весниците и списанијата и со текот на времето тоа стануваше сѐ почесто, а почнав да настапувам и на литературни средби – се сеќава тој на своите почетоци.
И верувале или не, неговата прва книга „Црвено растење“ била за возрасни, а ја објавил во 1961 година, кога решил дека не сака да биде техничар туку новинар. По пет години, исто за возрасни ја објавува стихозбирката „Во камениот ден“, кога веќе го обзема магијата на пишувањето.
– Сосема случајно почнав да пишувам песни за деца, а првата, насловена „Нова чанта“ ја објавува во весникот „Нова Македонија“ и за неа добив многу пофалби. Тоа ме охрабри и продолжив да пишувам за најмладите, што ми причинува големо задоволство. Децата се благодарна публика, многу добри читатели и своевидни критичари. Тие знаат што е убаво и доживеано, а што лажно и неубаво. Во 1966 г. од печат излезе мојата прва стихозбирка за деца „Грејни сонце“, по неа втората „Полно кајче желби“, па третата „Думбара думбара“… и така по ред, бројот на авторските книги се зголемуваше сѐ повеќе. Досега имам издадено многу стихозбирки, кои се најдоа и во собрани дела, а имам добиено и вредни награди и признанија. Пишувањето и денес ме усреќува и исполнува, ме подмладува, бидејќи децата се мои другари, а јас нивни голем пријател – ни рече Стојан Тарапуза.
Му посакуваме уште многу испишани страници и музата да не го напушта, а вам ви подаруваме стихови за детството на нашиот познат писател:

Детството е чудно време,
ниту спие, ниту дреме.
На најбрзи коњи јава,
на желбите глас им дава!

М.Т.