Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите. За жал, одредени поединци и политичари од Бугарија со своите постапки и потези покажуваат дека светот го разбираат единствено како поле за провокација и асимилација на соседот, односно на Македонија. Во таа насока, датумите означени како денови за чествување на македонскиот револуционер Гоце Делчев (4 февруари, денот на раѓањето, и 4 мај, денот на смртта) некако се претворија во хроничен безбедносен предизвик за меѓудржавните односи на Македонија и Бугарија. Последните случувања и инциденти во кои се препознава „бугарски предзнак“ се најдобра потврда за тоа и претставуваат хибридна безбедносна закана за Македонија, во која се користат пропагандно монтирани политички средства, на границата меѓу дозволеното и недозволеното, тврдат безбедносните експерти

ИНДИЦИИ И СТРАВУВАЊА ЗА НОВИ БУГАРСКИ ПРОВОКАЦИИ НА ДЕНОТ НА РАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР

Серијата настани во изминатите десетина дена со инциденти и отворени провокации од бугарски политичари, кои повторно ја зголемија напрегнатоста во односите со Бугарија, и сето тоа со импликации насочени на евроинтегративните процеси на Македонија, ја отворија и дилемата за поголем безбедносен ризик и можност од евентуално нови провокации. Повод за вакви стравувања секако беа и повикот и најавата од бугарската фондација „Македонија“ за посета на „бугарски граѓани, политички партии и здруженија“ на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Скопје на денот на неговото раѓање, 4 февруари, придружено дури и со закана дека „кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без неа“. Сето ова, во најмала рака, имаше сериозен провоцирачки ефект во македонското општество. Во голема мера, овој повик, како и провоцирачката парада на бугарски политичари во Скопје, на 14 јануари, кога упатија иредентистичко-негаторски пароли за територијални претензии со пораки од видот „Македонија е бугарска“, дополнително ги зголемува сомневањата дека повторно некој од Бугарија намерно сака да исценира инцидент, за потоа да ја обвини Македонија за тоа.
Освен тоа, провокациите упатени од бугарска страна, во македонската јавност инспирираа иницијативи за граѓанско самоорганизирање, за чување на гробот на Делчев во скопската црква „Свети Спас“ во деновите кога се очекува посетата на автобусите со „туристи“, во организација на фондацијата од Бугарија. Најавите од двете страни за посета од Бугарија, со отворени провоцирачки намери, но и „чувањето“ на гробот на Делчев како граѓанска иницијатива од Македонија, навестуваат состојби со зголемен спротивставен набој на емоции, кои може да отидат и во несакана насока и можна ескалација. Токму ваквите можни ситуации го наметнуваат прашањето каков потенцијал носат тие со себе за одбележувањето на денот на раѓањето на идеологот на независна и самостојна македонска држава Гоце Делчев да се претвори во безбедносен ризик и закана за Македонија. Експертите даваат свое видување за сите овие состојби.
– Секако дека е безбедносен ризик за Македонија и предизвик за институциите на државата најавата за организирана посета од Бугарија на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари, по сите јавно упатени закани и провокации од организаторот на настанот, но и по сите провоцирачки инциденти во режија на бугарските националистички политичари-провокатори. Вистинското превенирање на каква било безбедносна ескалација, која би била во размери на нарушување на јавниот ред и мир, би било на политичко – билатерално ниво да се договори да нема ниту посета со провоцирачки намери од Бугарија, ниту пак да се организира чување на гробот на Гоце Делчев од македонски граѓани. Јасна е тенденцијата, иако никој не сака да ја каже гласно, дека намерно се провоцираат вакви инциденти во Македонија, со знаење на бугарскиот политички врв, за да се одржуваат и ескалираат тензиите меѓу Македонија и Бугарија.

Секое безбедносно нарушување, па дури и на ниво на јавен ред и мир, може како последица да имплицира зголемена политичка криза во Македонија, особено на внатрешен план, со одложување на процесот на македонските евроинтеграции. Бугарија нема да има никаква штета по тоа прашање. Затоа, потенцијалот за безбедносен ризик треба да се реши на политичко ниво меѓу двете земји, т.е. да се замоли официјалната политика на Бугарија да влијае врз овие личности и организации, чија активност е видливо насочена кон провоцирање тензии во македонско-бугарските билатерални односи – вели Оливер Андонов, универзитетски професор на воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје.
Од друга страна, потпирањето на тезата дека не постои ризик од безбедносно загрозување за Македонија во провоцирачките дејства на бугарските политичари и „граѓански“ активисти, поради фактот што двете земји се членки на НАТО, е нарушено со нескриените иредентистички изјави со територијални претензии на бугарскиот пратеник Костадинов дека „Македонија е (втора) бугарска земја, а дека Македонците се Бугари“. Таква провокација беше искажана двапати среде Скопје, а пратеничката група на неговата партија истакна и транспарент со таква парола во бугарското собрание.
– Датумите, означени како денови за чествување а македонскиот револуционер Гоце Делчев (4 февруари, денот на раѓањето, и 4 мај, денот на смртта) некако се претворија во хроничен безбедносен предизвик за меѓудржавните односи на Македонија и Бугарија. Последните случувања и инциденти во кои се препознава „бугарски предзнак“ претставуваат хибридна безбедносна закана за Македонија, во која се користат пропагандно монтирани политички средства, на границата меѓу дозволеното и недозволеното. Правото на здружување секако е дозволено средство, но негацијата на политичката независност на една држава, негирањето на нејзиниот територијален интегритет, како и националниот идентитет на најголемиот дел од населението на таа држава, секако е во доменот на недозволените средства. Загрозувањето на безбедноста на државата не е само експлицитно насилство и оружена агресија.

Насилството обично започнува со зборови и провокации. Во интерес на некакво политичко балансирање на односите со Бугарија, гледано низ призмата на нашите евроинтеграции, политичките елити во Македонија повеќе се склони да го пренебрегнуваат овој момент на безбедносна закана во провокациите, сега интензивирани со чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев. Но македонскиот државен врв има одговорност да ја превенира оваа безбедносно ризична ситуација, како и разузнавачко-субверзивната дејност на нашиот сосед. Навистина, Гоце Делчев, како историски лик со цивилизациска вредност, не заслужува да биде злоупотребен како безбедносна закана, но државата има право и одговорност да превенира таква опасност. Со самото тоа што Делчев е цивилизациска вредност, поголема од сѐ, Македонија не смее да забрани негово чествување и од странски државјани. Но ако духот на чествувањето премине во насока на провокација за инциденти, треба да се одговори со соодветна политичка реторика и реакција на институциите – вели професорката Фросина Ременски од Факултетот на безбедност во Скопје.


КОИНЦИДЕНЦИЈА ИЛИ НЕ

Во ист ден седници на Советот за безбедност во Македонија, Албанија и во Србија

Вчера попладне (23 јануари), Советот за безбедност ја одржа првата седница во оваа година. До затворањето на денешното издание на весникот не беше завршена седницата на Советот за безбедност, па немаше ни официјални изјави за заклучоците и темите за кои било разговарано. Во најавата за седницата беа наведени општи одредници, дека ќе се разговара за „безбедносната состојба во Македонија и во Евроатлантскиот Регион“.
Медиумските претпоставки за темите за разгледување на Советот за безбедност беа насочени на состојбите со кои се соочува Македонија, во контекст на нарушени односи со Бугарија и со подготовки за процедурата во Собранието за донесување уставни измени. Исто така се претпоставуваше дека на состанокот може да стане збор и за тензиите на северот на Косово. Индикативно за безбедноста во регионален контекст е што речиси истовремено како во Македонија, седница на Советот за национална безбедност се одржуваше и во Албанија, која ја водеше претседателот Бајрам Бегај, а во Белград седница одржа и српската влада на која присуствуваше и претседателот Александар Вучиќ.