На крајот од краиштата, цврста институционална реакција за одбрана на македонскиот идентитет и македонскиот народ секако ќе дејствува и превентивно против какви било обиди за инциденти, тепачки или друг вид нарушувања на јавниот ред и мир. Мора да биде кристално јасно дека секој што ќе се огреши од законот, ќе одговара и ќе биде санкциониран, без разлика какво политичко убедување или самосвест има
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера беше во Софија да го посети повредениот охриѓанец Христијан Пендиков, при што оттаму испрати и неколку интересни пораки. Првата е дека на нападот врз Пендиков не треба да се гледа како државна позиција, што несомнено е точно. Но исто така точно е дека зад овој инцидент во јавноста се појавија и мноштво различни и контрадикторни тврдења и веројатно подобро ќе беше Османи да почекаше целосно да се расчисти целиот случај, па дури потоа да демонстрира некаква дипломатска солидарност. Не паметам дека Османи ги посетил повредените Македонци што бугарските власти и бугарската полиција ги тепаа изминатите години во разни случаи, еве, на пример, при чествување на гробот на Јане Сандански. Но, нејсе, да се вратиме на конкретниот случај и поводот за посетата.
Медиумите пренесоа и дека токму против посоченото лице врз кое имало физички напад имало полициска евиденција дека било замешано во недозволена трговија со дрога. Оттаму, посетата на министер како Османи на евентуален дилер со дрога воопшто не е ниту во духот на дипломатијата или добрите манири, ниту во духот на правото. Да бидеме начисто.
За секаква осуда е примената на каков било вид насилство и во однос на тоа не треба да има дилеми. Во врска со тоа, „Нова Македонија“ уште веднаш побара и апелираше на брзо и целосно расчистување на немилиот настан.
Но крајно непринципиелно е што официјална Софија и вчера, како и многупати претходно, се обидува на сето тоа да му налепи политички етикети и да ги обвини целата македонска држава и македонскиот народ. Османи не смееше да го премолчи тоа.
На критиките на неговиот бугарски колега дека мора се прекине, како што рече, атмосферата на неказнивост во Македонија, Османи требаше во иста мера да побара да прекине атмосферата на неказнивост во Бугарија и прекршување на меѓународното право токму од страна на Бугарија. Понатаму, на тезите на неговиот бугарски колега Николај Милков дека наводно имало враќањето на некакви црни традиции што се поврзуваат историски со Македонија на палење, стрелање и насилство врз луѓе, што е целосна политичка измислица, Османи требаше и можеше да возврати со вистински историски факти.
Вака се добива впечаток дека и за какви било политички подметнувања, местенки или дури и за најобична улична тепачка, камшикот секогаш ќе биде врз грбот на Македонија. Затоа пораката и до Софија и до Брисел е да не ги вметнуваат во секоја пригода политиката и политикантството пред меѓународното право. Тоа не е ниту европски ниту демократски, а уште помалку добрососедски, односно цивилизациски
Да наброи среде Софија барем неколку историски факти и вистини каде што Бугарија измачувала, стрелала и убивала Македонци, во Ваташа, Македонски Брод, Скопје, Охрид и насекаде низ Македонија каде што ѕверски се убивани Македонци. Тоа се тие црни традиции, кои се поврзуваат директно со Бугарија, а не со Македонија. Османи мораше да го каже тоа во Софија.
Понатаму, во јавноста излегоа информации дека всушност имало тепачка меѓу лица со наводна бугарска самосвест, што исто така треба да се истражи и анализира.
За волја на вистината, министерот Османи имаше и добри пораки и поенти во Софија, како онаа дека нема веќе да дозволи негирање на македонскиот народ среде Скопје и тие провокации треба да престанат. Секое доаѓање во Р Македонија со цел навреди кон македонскиот народ и негирање кон македонскиот народ ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Р Македонија, истакна Османи, алудирајќи на неодамнешната посета и провокации што ги упатија бугарскиот европратеник Џамбаски и другите гости од Бугарија.
Тука е во право Османи, но зборовите ќе треба да ги спроведе и на дело. И неговата изјава да ја дополни и прошири со уште неколку клучни показатели дека не само среде Скопје туку нема да дозволиме навреди и провокации од каде и да доаѓаат. Една таква изјава има многу поголема тежина и поголем опфат. Среде Софија да се порача и каже дека никој не смее да ги негира, провоцира или на каков било друг начин омаловажува Македонија и македонскиот народ и секој што ќе помисли на такво нешто ќе се соочи со жестока институционална реакција. Токму така, жестока институционална реакција. Ваквата силна порака,освен до Софија, ќе допре и до Брисел и секаде низ светот од каде што имаше обиди да се пуштаат пробни балони или негаторски и навредувачки пораки кон Македонија.
На крајот од краиштата, цврста институционална реакција за одбрана на македонскиот идентитет и македонскиот народ секако ќе дејствува и превентивно против какви било обиди за инциденти, тепачки или друг вид нарушувања на јавниот ред и мир. Мора да биде кристално јасно дека секој што ќе се огреши од законот, ќе одговара и ќе биде санкциониран, без разлика какво политичко убедување или самосвест има.
Вака се добива впечаток дека и за какви било политички подметнувања, местенки или дури и за најобична улична тепачка, камшикот секогаш ќе биде врз грбот на Македонија. Затоа пораката и до Софија и до Брисел е да не ги вметнуваат во секоја пригода политиката и политикантството пред меѓународното право. Тоа не е ниту европски ниту демократски, а уште помалку добрососедски, односно цивилизациски.
aleksandar.d @novamakedonija.com.mk