Глобалната трговска слика за нашата држава останува иста како и за претходните години, со константен трговски дефицит, повисок раст на увозот од извозот и со покриеност на увозот со извозот на ниво на седумдесет отсто, но кога ќе се погледне во структурата на надворешната размена, ќе се забележат некакви промени во надворешнотрговската размена
Економската криза и константниот трговски дефицит на Македонија
Високата увозна зависност и продлабочувањето на економската и енергетската криза во минатата година предизвикаа промени и во поединечната трговска размена на Македонија со одредени региони и земји. Иако глобалната трговска слика за нашата држава останува иста како и за претходните години, со константен трговски дефицит, повисок раст на увозот од извозот и со покриеност на увозот со извозот на ниво на седумдесет отсто, кога ќе се погледне во структурата на надворешната размена, ќе се забележат промени во надворешнотрговската размена. Во периодот јануари-ноември 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика за вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Бугарија. Тоа е групата од петте земји со кои во последните години македонските компании најмногу соработуваат во надворешната трговија. Германија и натаму останува наш најголем трговски партнер, но десетте месеци од минатата година размената е речиси на истото ниво како и во 2021 година. Конкретно, во периодот јануари-ноември 2022 година во однос на истиот период од 2021 година е остварен „минимален“ раст од 0,6 отсто! Со Велика Британија, која е на второ место по обемот на размена, од околу две милијарди долари, минататa година е остварена помала размена од 2,3 отсто. Највисок пораст во трговската размена имаме со Грција, и тоа за 63 отсто, размената со Бугарија е повисока за 26,5 отсто, а со Србија, која е наш традиционален трговски партнер, вкупниот обем на размена е зголемен за 8,9 отсто.
Доколку се погледне обемот на стоковна размена според еконoмските групации на земји, може да се забележи дека продолжува доминантното учество на трговската размена со земјите од Европската Унија, со остварен извоз од 6,3 милијарди долари и увоз од 5,4 милијарди долари. Нашата трговска размена со другите региони во светот е многу помала, што покажува дека домашните извозни компании се недоволно „заинтересирани“ да продаваат на другите пазари. За споредба, Македонија со земјите од ЕФТА има остварено извоз од 66,6 милиони долари и увоз од 128 милиони долари. Со земјите од Западен Балкан, со кои имаме стопанска структура, имаме реализирано извоз од 964 милиони долари и увоз од една милијарда долари. Со земјите од Северноамериканската зона за слободна трговија имаме намалена трговска размена за 17 отсто.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-ноември 2022 година, изнесува 471.373.069 илјади денари и бележи пораст од 20,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-ноември 2022 година, изнесува 684.609.418 илјади денари, што е за 27,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит во периодот јануари-ноември 2022 година изнесува 213.236.349 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз во периодот јануари-ноември 2022 изнесува 68,9 отсто.
Обемот на трговската размена на Македонија со другите земји е диктиран, пред сѐ, од учеството на странските компании, кои се лоцирани во развојните економски зони. Енергетската криза дополнително влијаеше на структурата на поединечната размена, затоа што најважно беше да се обезбедат доволни количества енергенти и суровини за домашните компании, посочуваат економските експерти.
Генерално, според нивното мислење, недостига сеопфатна стратегија за поттикнување на извозот на македонските компании, односно за проширување на извозната база на производи од домашно производство.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали. М.Ј.