Фото: Принтскрин

Шефот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, тврди дека неговите борци ја презеле контролата врз Соледар во Украина по интензивните борби.

Според него, продолжуваат да се водат улични борби.

– Бројот на заробеници ќе биде објавен утре – се вели во соопштението на Пригожин објавено на веб-страницата на неговата компанија Конкорд.

Соледар се наоѓа во самопрогласената Донецка Народна Република.

Засега нема независна потврда за неговите изјави.

Од друга страна, заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар, тврди дека украинските сили ги држат своите борбени позиции во Соледар и се спротивставуваат на масовниот напад на руските сили, кои, како што истакнува, „трпат големи загуби“.

Соледар се наоѓа во близина на Бахмут, важен транспортен центар. Низ тој град минува мрежа од патишта и железници преку кои се снабдуваат украинските војници во Донбас.

Украинската армија се подготвува за можен нов напад на руските копнени сили од Белорусија врз Киев.

– Одбранбените позиции на северот на земјата се веќе подготвени или зајакнати – изјави во вторникот генерал-полковник Олексеј Пављук, кој е одговорен за одбраната на Киев.

Со цел да се спречи брзото напредување на руските тенкови, беа поставени пошироки мински полиња во сите области каде што може да се движат тенковите, додаде тој. зш/


Украински војници ќе се обучуваат во Оклахома за ракување со „Патриот“

САД ќе обучуваат украински воен персонал во воената база во сојузната држава Оклахома, во јужниот дел на земјата, како да се одржуваат и ракуваат со системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, соопштги Пентагон.

На крајот на минатата година, САД објавија дека ќе испорачаат такви системи на Украина, што Киев го бара долго време.

Обуката на украинската војска ќе започне следната недела во базата Форт Сил во Оклахома, изјави портпаролот на Пентагон, генерал Пет Рајдер. Ќе се обучуваат меѓу 90 и 100 украински воени лица, а обуката ќе трае неколку месеци.