Дали сопствениците на социјалните медиуми треба да бидат одговорни за содржината објавена на нивните портали или треба да имаат корист од привилегијата на неутралност што им беше дадена во почетокот на интернетот со американскиот закон за пристојност на комуникациите? Одговорите со „да“ или „не“ создаваат голем раздор и поларизација. Во исто време, екстремистичката содржина од секаков вид навистина предизвикува загриженост. Во принцип, овие предизвици треба да се решаваат во духот на Првиот амандман од американскиот устав, дури и кога судијата е приватен субјект. За да се постигне ова, потребен е фокус на правата, обврските и можностите што им се даваат на корисниците на платформите на социјалните медиуми. Корисниците се оние што во крајна линија ја користат содржината на социјалните медиуми, било во смисла на слобода на изразување или интелектуална сопственост. Корисниците треба да се одговорни за своите објави. Фокусирањето на правните ограничувања секогаш ќе ги остави зад себе луѓето и двете основни човечки вредности – слободата и можностите.
Според членот 230 од Законот за пристојност на комуникациите, „ниту еден давател или корисник на интерактивна компјутерска услуга нема да се третира како издавач или говорник на какви било информации обезбедени од друг давател на информативна содржина“. Компјутерските мрежи и, конкретно, социјалните медиуми се како патни мрежи што се отворени за секого, но не можат да бидат одговорни за какви било сообраќајни несреќи.
И поранешниот претседател Доналд Трамп и претседателот Џо Бајден го обвинија принципот „отворен, но неодговорен“ како причина за ширењето на проблематичната содржина и сакаа тој да се укине. Сепак, ова може да создаде и претпоставка за решавање на кризата на кредибилитетот на содржината. Ако содржината споделена на социјалните медиуми не ги исполнува очекувањата, самите луѓе треба да се натераат да ги проценат нејзиниот квалитет и вредност. Ова е веќе направено преку функцијата за коментари универзално усвоена од сите поголеми платформи на социјалните медиуми. Но тие имаат еден голем неуспех во дизајнот: нивниот фокус на копчињата „ми се допаѓа“ или „сподели“ и однесувањето за внимание што тие го поттикнуваат. „Допаѓањето“ влева емотивен одговор кај корисниците, што доведува до претерување, зајадлив тон, лични напади, па дури и измислување аргументи и факти. Ова може да се поправи, барем делумно, со техничка мерка со која се избегнуваат регулативата и нејзиното влијание врз слободата на говорот. Негативните однесувања за споделување информации може да се намалат со замена на функцијата „ми се допаѓа“ со копче „доверба“, што ќе им обезбеди на социјалните медиуми механизам за саморегулација.
Понатаму, саморегулираната платформа за социјални медиуми што експлицитно ги опфаќа механизмите за доверба ќе нè врати на почетната визија на интернетот: доверба на луѓето да си веруваат едни на други и содржината што ја сметаат за валидна. Но довербата, како и финансискиот кредит, треба да се заработува, а не да се дава. Згора на тоа, на социјалните медиуми им е потребен механизам за социјална доверба што работи независно од хиерархиските механизми за контрола.
Потребен е нов механизам за поттикнување што ќе гради доверба и ќе ги одржува корисниците ангажирани со социјалните медиуми. Главниот мотиватор за користење на социјалните медиуми е самоизразувањето, кое е поткрепено со емоционалното задоволство од „допаѓање“ и да се добие „одреден број допаѓања“ или потврда со понатамошно ширење нечија објава. Емотивната награда на објавите или коментарите што добиваат „допаѓања“ или коментари ги мами луѓето да ги користат социјалните медиуми и да останат вклучени во процесот.
За да се поттикнат корисниците да го земат предвид влијанието на своето виртуелно однесување, треба да им се понудат информации потребни за да одлучат дали да им се верува или не на содржините на кои се изложени. Со други зборови, социјалните медиуми треба да се саморегулираат и да избегнуваат хиерархиска регулација со тоа што ќе ги поканат луѓето да имаат доверба наместо да им се допаѓаат содржините. Тоа ќе го забави времето на реакција, нудејќи им на корисниците можност да се одлучат за тоа што и кому да му веруваат.
Конзорциумот „Еуномија“, основан од Европската Унија во 2020 година (со наше учество), создаде пакет алатки за „доверба“ што може да се вклучат во повеќето искуства на социјалните медиуми, особено оние со отворен код, како што е Мастодон. Комплетот со алатки ги поттикнува корисниците да размислат за квалитетот на содржината пред да го кликнат копчето „ми се допаѓа“ или понатаму да ја споделат објавата. Механизмите за евалуација на машинското учење што се потпираат на моделите на јазично претставување обезбедуваат информации за потеклото на објавата, нејзината емоционална содржина, нејзиниот степен на субјективност и други информации што може да бидат релевантни при процената на доверливоста. Механизмот на доверба ги заштитува корисниците од донесување непромислени одлуки. На секоја акција на социјалниот медиум, како објавување нова содржина, споделување постојна содржина или коментирање, ѝ претходи информација за таквите дејства. Овие знаци им овозможуваат на корисниците да знаат дали содржината што ќе ја објават е премногу субјективна или има потенцијал да поттикне или шири непроверени информации. Да претпоставиме дека корисниците повторно ќе ја споделат постојната содржина. Во тој случај тие се информирани за досието на оригиналниот креатор, на пример колку долго биле на социјалниот медиум и бројот на нивните следбеници и особено за патот на содржината или дали таа се променила или не од нејзиното првобитно создавање.
Меѓутоа, „Еуномија“ не е само пакет со алатки. Конзорциумот соработуваше со Мастодон, најуспешната европска децентрализирана услуга за социјални медиуми, нудејќи ѝ на секоја организација можност да создаде сопствено искуство во социјалните медиуми. Кога е подобрен со пакетот алатки на „Еуномија“, Mастодон изгледа, се чувствува и работи како Твитер, освен три основни функции. Прво, се заменува едноставното копче „ми се допаѓа“ со механизам за поддршка на одлуки „верувај“. Второ, секоја организација може да инсталира свој Еуномија+Mастодон сервер. Тоа им дава на организациите апсолутна контрола врз тоа кој се приклучува или останува на нивниот сервер и како платформата е финансиски поддржана. Некои организации можат да наплатат надомест, некои можат да користат рекламирање, а некои можат да соберат пари филантропски и да нудат бесплатни услуги како непрофитна организација. Конечно, и веројатно најважно, секој сервер може да се поврзе со кој било друг, дозволувајќи им на корисниците да „ѝ веруваат“ на содржината меѓусебно, да ја споделуваат или да генерираат нова доверлива содржина низ серверите. Оваа функција го надминува мрежниот ефект од кој имаат корист традиционалните медиуми: со повеќе корисници, платформата е повредна, а корисниците се помалку поттикнати да се префрлат на други платформи.
Создадовме демонстративна платформа на TrustFirst.net, која директно и ефективно ги илустрира овие идеи. Во интерфејсот доминира копче „верувај-не верувај“, кое обезбедува информации и навестувања што му помагаат на корисникот да донесува одлуки. Всушност, на овој начин создадовме метод за доверба во содржината што ја елиминира строгата контрола на корпорациите и владите.
Автори: Сорин Адам Матеј е директор на иницијативата „Форсес“ и истакнат соработник на институтот за дипломатија „Крах“ на универзитетот „Пурдју“. Харалампос Патрикакис е професор по електротехника на универзитетот „Западна Атика“ во Грција. Џорџ Лукас е професор по сајбер-безбедност и раководител на Центарот за интернет на нештата и безбедност на Универзитетот во Гринич.