Tрошокот за електрична енергија ќе се намали кај 99,2 отсто од домаќинствата, не вклучувајќи го зголемувањето на ДДВ-то, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, при гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24.
– Со новите цени праќаме сигнал дека ако се штеди, ќе има пониски цени на струјата. Ќе се потрудиме цената на струјата да остане на ова ниво без разлика на берзанските цени на електричната енергија. Добро е што во последно време имаме тренд на зголемување на фотоволтаиците – вели Бислимоски за намалувањето на цените за првиот и вториот блок потрошувачи и минималното покачување на оние од третиот блок.
Приот човек на РКЕ додаде дека е противник на поскапувањето на електричната енергија и оти смета дека треба да се свртиме кон домашните капацитети. Бислимоски истакна и дека годинава имаме заштеда на струја од 16 отсто.
Тој појаснува дека цената на струјата за првите два блока потрошувачи практично ќе остане непроменета, кога намалувањето на цената на струјата ќе се компензира со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто.
Бислимоски посочи и дека енергетските компании успеале да остварат заштеда на цената за пренос на електрична енергија, покрај тоа што се намалени трошоците за мрежарината.
– Најбитно е што цената на струјата значително се намалува за 70.000 мали и микрокомпании – нагласи Бислимоски.
Годината е исклучително тешка, според Бислимоски, кој посочи и дека ќе мораме да увезуваме јаглен. Во однос на парно греење, претседателот на РКЕ вели дека снабдувањето е стабилно, односно дека цената се одржува преку субвенции од Владата.