Антиупатства за лична употреба

Во автентичното книжевно дело на Лав Николаевич Толстој, неповторливо создавано низ неговата особена авторска природа, што до ден-денес ѝ припаѓа на безбројната читателска публика од најразлични возрасти и определби, се соочуваме со ставови,насочени и од неговото сопствено животно искуство.
Тринаесет години по објавувањето на „Ана Каренина“ (1878) се печати „Кројцеровата соната“ (1891), можеби најконтраверзно Толстоево остварување, насловено според Бетовеновата „Kreutzer Sonata 9“ за пијано и виолина, што пак во творештвото на големиот композитор се издвојува, според музиколошките анализи, како стилски хибридна композиција, во која, по некој непредвидлив проток, со несомнен енергетски набој, Бетовен наметнува богат арсенал виртуозни елементи за двата инструмента (со не мал број предизвици во нивната интерпретација), надминувајќи ги границите на сонатата. За главниот лик на Толстоевата новела (во споредба со неговите романи релативно кратка – деведесетина страници), Бетовеновата „Кројцерова соната“ е „страшна работа“. „И воопшто, музиката е страшна работа!…“, се жести Васја Подзнишев: „Таа, музиката одеднаш непосредно ме пренесува во онаа душевна состојба во која бил оној што ја напишал. Мојата душа се претопува со неговата и јас заедно со него се пренесувам од една состојба во друга; но зошто го правам тоа, не знам. Ете, тој што ја пишувал, на пример, Кројцеровата соната – Бетовен, тој знаел зошто се наоѓа во таква состојба – таа состојба го доведе до определени постапки, и затоа за него таа состојба имаше смисла, а за мене немаше никаква. Затоа музиката само го дразни човекот и ништо повеќе… Во Кина музиката е државна работа. Баш и треба да биде така. Зарем смее да се дозволи секој, и кој и да е, да го хипнотизира другиот или многу други, па тогаш да прави од нив сѐ што му е по волја? И уште повеќе – зарем тој хипнотизер да биде некаков неморален човек?“
Ригорозниот однос на Подзнишев кон музиката, во која би дозволил само војнички маршеви и литургии, очигледно навира од неговата ужасна љубомора и со поткрепа на блескавата раскажувачка сила на Толстој сосем се вклопува во прикажувањето на неговиот карактер, но читателот е поттикнат да се запраша како големиот писател ја доживувал музиката.

(продолжува)