Во Украина од почетокот на годинава се води крвава братоубиствена војна, за која никој не може да предвиди кога и како ќе заврши. Големите сили уште еднаш ги кршат копјата врз грбот на неутралните држави и народи, кои се принудени да водат туѓи битки. Светот е поделен во поддршката кон едната и другата страна, така што тешко е да се најде објективна анализа за причините, текот и евентуалниот исход на војната.
Украина денес е и идеално поле за тестирање на издржливоста на старите и напредокот на новите конвенционални оружја и од двете страни. Во овој дел иако исто така има поделени мислења, сепак постои поголема објективност и од двете страни за тоа што технички ни кажува и покажува оваа војна?

Залез на ерата на јуришните авиони и хеликоптери

Една од првите драматични сцени што ги видовме уште во февруари оваа година беше хеликоптерскиот десант на руските јуришни хеликоптери „ка-52“ (Алигатор) врз аеродромот „Антомов“, во близината на Киев. Точно е дека сериозната формација од близу педесетина вакви летала во рок од само неколку минути ја масакрира украинската одбрана, оставајќи преку 200 мртви на сите страни.
Веројатно охрабрена од овој успех, руската армија почна да ги користи хеликоптерите „ка-52“, „ми-28“ и донекаде и „ми-35“ за следење на големите тенковски колони што на почетокот на војната ги напаѓаа Киев и Харков. Но наеднаш пресврт и шок. Најмодерните светски хеликоптери почнаа да паѓаат како круши и динамиката на нивните загуби беше поголема дури и од онаа на тенковите „Т-72“, кои само во првите неколку недели од војната настрадаа со илјадници.
Точно дека овие хеликоптери (ако се исклучи американскиот „апачи“) се најмодерни во светот и содржат напредна софтверска заштита од сите наведувани проектили. Но Украинците докажаа дека овие летала воопшто не се заштитени од ненаведуваната муниција и не само од противавионските топови со калибар над 20 милиметри туку и од обичните автоматски пушки со стандардниот 7,65 дијаметар на цевката. Ваквата состојба силно влијаеше на исходот во првите месеци од војната, бидејќи првичната руска стратегија во голема мера беше базирана на тоталната доминација во воздух.
Нешто подобро од хеликоптерите се покажаа модернизираните советски авиони „сухој-25“,наменети исклучително за напад на цели на земја. Овие релативно добро вооружени и уште потешко блиндирани јуришни авиони беа потешка цел за застарените украински ПВО-системи. Тука, секако, придонесе и нивната поголема брзина во однос на хеликоптерите. Сепак, со напливот на ново западно оружје, и овој тип офанзивно воздушно средство се докажа како недоволно добро за да го контролира текот на војната. Треба да се има предвид дека јуришните авиони, и тоа не само руските туку и сите моментално постојни во светот, се базирани на технологија и авионика од Втората светска војна. Тоа е како на германски „јункер 22 штука“ да му се додадат проектили и малку подобар оклоп. Инаку сѐ друго е исто, вклучувајќи ги и брзината и маневарските способности. Напредокот во авијацијата е повеќе фокусиран на ловците, кои по сила на околностите станаа и ловци бомбардери. Преостанатите напаѓачки авиони се останати безмалку исти во последните 80 години, а особено во последните 40.
Па, така, Русите во бомбардирањето мораа да се потпрат на малкуте современи ловци бомбардери како „сухој-27“ и неговите модернизирани подваријанти, како „сухој-35“. Но овие авиони пред сѐ се наменети за воздушна борба и за заштита на руската територија и затоа можеа да се користат многу поограничено од „ка-52“ и „сухој 25“. Истото тоа важи и за стратегиските бомбардери, почнувајќи од најмалите „сухој-34“до џиновските „тупољев 22“, „тупољев 95“ и „тупољев 160“.
Русија иако (заедно со САД) е светски лидер во бројката на ваков тип авиони, сепак ги има во многу ограничени количества за да ги користи секојдневно.
Па, веројатно оттука произлегува одговорот на прашањето што си го поставуваат сите светски експерти (западни и источни): Каде исчезна огромната руска авијација? Ова, секако, е и причината зошто целиот фокус на најновиот дел од војната е насочен кон крстосувачките ракети со среден и голем дострел.

Дроновите ја преземаат главната улога

Сепак, ако постои поединечно оружје што е апсолутен МВП на оваа војна, тоа секако е дронот, особено оние од турско и иранско производство. Не дека е тоа некое којзнае колку ново оружје, со оглед на фактот дека беспилотни летала произведувал уште Советскиот Сојуз, но новите верзии, кои се многу побрзи и најважно од сѐ многу поевтини за производство, навистина може да ја преземат улогата на јапонските камикаѕи од Втората светска војна. Поединечно гледано, Русите го имаат најдобриот тешко вооружен дрон на светот во моделот на „сухој С-70“ (охотник). Но неговото производство е еднакво скапо и комплицирано како производството на еден ловец бомбардер од петта генерација („су-57“), а можеби и поскапо. Така што Русија уште долго, а можеби и никогаш нема да ја немаат таа слобода да имаат цели роеви од овие супердронови.
Од друга страна, моделот „бајрактар“ што го користат Украинците чини нешто повеќе од обичен комерцијален дрон и за негово производство се потребни едвај неколку недели. Станува збор за приватна турска фирма, која јавноста ја поврзува со зетот на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Но, без разлика кој е сопственик, стои фактот дека оваа компанија направи вистинска револуција во војувањето. Ова првпат се покажа во неодамнешната војна во Нагорно Карабах, каде што азербејџанските сили буквално ги сомлеа во неколку дена своите ерменски противници. Победата беше многу ненадејна и многу голема, бидејќи рововите и утврдувањата што ги имаше ископано Ерменија со децении се сметаат за тешко пробојни или целосно непробојни. И тоа можеби и беше така сѐ до појавата на „бајрактарот“. Овие механички самоубијци имаат можност да пенетрираат дури и на најнедостапните места, како ровови и бункери, па и пештери, и сами себеси да се детонираат во најидеалниот момент за да направат најголема можна штета.
Во Нагорно Карабах беше урнат и митот за рускиот противвоздушен систем „панцир“, за кој се сметаше дека може лесно да ги масакрира дроновите. Но конкретно овие најнови модели на „бајрактар“, кои летаат многу ниско и брзо, се покажаа како тешкодостижна цел дури и за ова најсовршено руско оружје.
Ваквата состојба неколкукратно се мултиплицира во Украина, каде што дроновите станаа толку популарни и масовно користени што се организираат цели донаторски акции каде што приватни луѓе купуваат и донираат дронови за украинската армија.
Веројатно поради искуството од Нагорно Карабах и искуството од првите месеци на војната во Украина, Русите навремено и тајно набавија неколку стотици ирански дронови, кои се нешто најблиско што постои до „бајрактарите“ на светскиот пазар. Околу овие набавки имаше големи контроверзии, со оглед на фактот дека Иран првично ги негираше набавките. Но потоа тие се покажаа како доста квалитетно оружје, особено во обновените напади на Киев, кои следуваа по терористичкиот напад на Кримскиот мост и по анексијата на четирите окупирани украински региони од страна на Русија.
Сега веќе се јасни две работи. Украина ќе ја троши и последната пара да набави што повеќе „бајрактари“, а Русија од друга страна сигурно веќе пренаменува дел од својата обемна воена индустрија за сериско производство на иранскиот модел на ова моќно оружје на иднината. Овде постои стандардната скепса дека Русија сѐ уште нема доволно квалитетно домашно производство на микрочипови и генерално софтвер за масовно да произведува комплицирана воена електроника. Но ако се знае дека оваа држава уште од почетокот на санкциите во 2014-та сериозно се бори да ги замени сите увозни компоненти во своите оружја и дека веќе на големо го прави тоа, овој скептицизам веројатно ќе се покаже како неточен. Од руска страна исто така се работи на подобрување на перформансите на системот „панцир“, кој ако се нагоди соодветно, и тоа како може да обезбеди доминација во краткометражната противвоздушна одбрана како трет или најблизок круг на заштита на небото.

Дејан Азески

Авторот е член на меѓународниот институт ИФИМЕС

(продолжува)