„Најцрната црна“ е насловена изложбата на Мице Јанкуловски, која се прикажува последователно во две галерии во Њујорк, во галеријата „Артифакт“ и онаа на Македонскиот центар, а која ќе трае до крајот на месецов. Куратори се Емил Алексиев и Корнелија Конеска.
– Во целосен контраст со новогодишното шаренило на Њујорк, црните слики од циклусот „Најцрно вцрно“ на Мице Јанкуловски станаа дел од светската уметничка сцена, одразувајќи ги сите контроверзии и дубиози, но и сета привлечност, заводливост и убавина на фасцинантниот спектакл што се вика современа ликовна уметност денес – вели Алексиев.
Според Емил Алексиев, историчар на уметност, Јанкуловски веќе подолго време работи слики во големи формати со црна боја, а од 2022 година почна да слика со карбон-црна боја (најцрната црна) и на изложбите во Њујорк се претставува премиерно со сликите од оваа најнова фаза. Станува збор за користење боја што ја апсорбира речиси сета светлина.
– Сликите на Јанкуловски се црни. Тука се работи за процес во нашето око, предизвикан од прелевањето на црните тонови и нивната интеракција, а не за нешто што може да се наслика и што постои пред самиот чин на сликање. Во неговите слики се случува драма. На нивната површина се судираат сили што оставаат видлива трага. Овие траги создаваат движење што се шири во бесконечноста и линии што ја разделуваат и разградуваат темната материја на сликата… Додека уметноста продолжува да се поткопува самата себе во антиуметност или се губи во животот – или, како во сликите од циклусот „Најцрно црно“ на Мице Јанкуловски, ја открива трансцеденцијата, поврзувајќи ги на чудесен начин науката и уметноста, Њујорк пулсира во ритамот на новогодишните песнички како гигантско вештачко срце на светот – вели Алексиев.
Според него, воопшто не изненадува интересот за сликите на Јанкуловски токму во Њујорк.

– Овие слики ѝ припаѓаат на американската њујоршка школа и можат да се поврзат со црните слики на некои од најзначајните американски уметници, како што се Роберт Раушенбер, Ед Рајнхард, Марк Ротко и Френк Стела, и на сѐ уште актуелната традиција на американскиот апстрактен експресионизам од 1950-тите и 1960-тите години, кога Њујорк го победи Париз како светско средиште на модерната уметност. Презентирајќи го своето најново творештво во Њујорк, Мице Јанкуловски успешно го афирмира и современото македонско сликарство – заклучува Алексиев.
Според Конеска, во уметничкиот живот на Јанкуловски, постојаното движење од една во друга боја и од една во друга форма доведе до голема пресвртница во неговата уметничка продукција – да се ослободи од боите, но и од четките.
– Така, во процесот на создавање користи разни алатки, гребла, чешли, прсти…, со кои интервенира врз дебелите слоеви на црната боја на платната, и тоа резултира со фантастични, многу специфични структури, каде што светлината е составен дел од сликата. Тоа стана негов уметнички белег. Новите дела започнуваат во неговиот ум, поточно во неговата имагинација. Тоа е најдоброто место за создавање, затоа што е неограничено… барем ако уметникот не си поставува граници, а Јанкуловски не го прави тоа – додава кураторката. В.Д.