Поранешниот долгогодишен судија во Одделението за борба против организираниот криминал и корупција, а сегашен адвокат, м-р Владимир Туфегџиќ, одличен познавач на меѓународноправната материја за справување со корупцијата, во својата колумна за „Нова Македонија“, „Дојдоа, видоа, заминаа, што сега?“, отворено дискутира за доаѓањето на американскиот тим за санкции и борба против системската корупција. Од своето долгогодишно искуство во правосудството, адвокатот Туфегџиќ вели дека во изминатите триесетина години Македонија докажа дека нема доволен капацитет во институционална смисла за конкретна реализација во справувањето со системската, поточно високата корупција, а сето тоа поради немањето доволен степен на професионализам и одговорност кај носителите на јавни функции. Тој констатира дека нема дилеми дека системската корупција извира од носителите на власта преку различни облици на трговија со влијание, скриена сопственост, ветување награда за противзаконско влијание во финансиска смисла или повластено унапредување и добивање соодветни привилегии за себе или за блиски членови на семејството.Целосната анализа на адвокатот Туфегџиќ, во која тој се осврнува и на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелар, која кажа дека е „збунета“ поради ваквите состојби, ја пренесуваме интегрално
Сите политички чинители едногласно го поздравија доаѓањето на американскиот тим за санкции, но остана впечатокот дека освен обичниот човек, никој од јавните функционери и политичари не им посака добредојде.
Во изминатите триесетина години Македонија докажа дека нема доволен капацитет во институционална смисла за конкретна реализација во справувањето со системската, поточно високата корупција, а сето тоа поради немањето доволен степен на професионализам и одговорност кај носителите на јавни функции.
Имено, за корупцијата како феномен се зборува само во предизборието, кога политичките чинители ја користат со политичка реторика за да го нападнат политичкиот противник кој дотогаш бил на власт, но само декларативно, а не се нудат конкретни системски решенија, механизми и капацитети за конкретна реализација во сузбивањето на корупцијата.
Системската корупција извира од носителите на власта преку различни облици на трговија со влијание, скриена сопственост, ветување награда за противзаконско влијание во финансиска смисла или повластено унапредување и добивање соодветни привилегии за себе или за блиски членови на семејството.
Политичките партии, партиските функции, партиските персонални решенија и вработувања станаа врвен приоритет, а не државата, сѐ што се прави се прави во име на партијата и партиската организација, а не во име на државата, и тоа со текот на времето стана вообичаено однесување.
Партизацијата а не професионализацијата на институциите е основен двигател на ретроградните процеси и мотиватор на високата корупција.
Во таа смисла, сервилноста на партискиот кадар е посебна приказна, бидејќи од функционерот предложен и поставен од политичката партија се очекува пред сѐ соодветно да возврати поради партиската поддршка и доверба, се очекува да реализира програми во интерес на одредена интересна групација, која во моментот има коалициска поддршка, на прво место е партискиот, а не јавниот интерес.
Во изминатите дваесетина години, наместо професионализам, стручност и знаење, главен репер и критериум за назначување на функција се заслужност и посветеност на партијата, заложба за партијата, а сето тоа се мери според ангажманот во изборниот процес и според бројот на обезбедени гласови за партиската организација и, секако, близината до партискиот лидер.
Во последните дваесетина години од страна на меѓународниот фактор се вложени сериозни финансиски средства за реформи во правосудниот сектор, но ефектите се минимални.
Американската амбасадорка кажа дека е „збунета“ поради ваквите состојби, но треба да се знае дека „збунетоста“ се должи на нарушениот вредносен систем на кариера и напредување, надворешните влијанија, ограничувачките фактори што не дозволуваат да испливаат на површина професионалци во судската и обвинителската фела, во кои се вложени сериозни финансиски средства во едукација, обука во борбата против организираниот криминал и корупција, професионалци што се посветени и постојано вложуваат во својата едукација.
За жал, сето ова дејствува демотивирачки, бидејќи не можат да дојдат до израз и не можат да добијат шанса изградени, докажани и реализирани професионалци поради нарушениот систем на вредности, некои си заминаа, а тие што останаа и понатаму се незадоволни и прашање е до кога ќе имаат трпение.
Поради отсуството на реална политичка волја да се сменат работите, се стекнува впечаток дека токму ова е целта, колку повеќе демотивација толку повеќе простор за ова ниво на вредности.
Конечно, борбата против корупцијата кај нас се релативизира на начин што топката се префрла кај граѓаните како стимулатор на корупцијата и на тој начин се става знак на равенство помеѓу обичниот криминалитет и системската или високата корупција која извира и чиј главен мотиватор се во персонална смисла некои од луѓето што се носители на власта.
По доаѓањето на американскиот тим за санкции, некои веднаш се јавија со реакција дека со тоа се нарушуваат правната независност и сувереност на државата, други дека нивното присуство е пораз на нашите институции, а трети се правеа од НЕтука и се занимаваа со протестите и блокадите во Скопје и театарот во скопското градско собрание.
Јас сум за ставот на овие вториве, бидејќи правната сувереност на државата и независноста на правниот поредок не можат да бидат загрозени поради учеството на американскиот тим за санкции, од едноставна причина што исклучиво нашите надлежни органи имаат надлежност за водење евентуални кривични постапки, а наедно Македонија им е стратегиски партнер на САД врз основа на Декларацијата за стратегиско партнерство, со која сме се обврзале помеѓу другото и на владеење на правото.
Од друга страна, државата е потписник на меѓународни и билатерални договори за давање меѓународна правна помош во кривичната материја.
Активностите и легитимитетот на американскиот тим за санкции се засновани на Поглавје 7031 (с) од Законот за апропријации за програми на Стејт департментот, странски операции и сродни програми од 2022 година, врз основа на кој се веќе изречени санкции за физички лица и членови на нивното потесното семејство за САД.
Конечно, нивното присуство и активности го отвораат прашањето за капацитетот, способноста и довербата на нашите органи и институции во смисла на самостојна реализација на програмите за борба против корупцијата.
Нова „црна листа“ нема многу да ни помогне и ќе биде секое чудо за три дена доколку не го смениме пристапот – наместо партијата, на прво место државата.
Автор: М-р Владимир Туфегџиќ